1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Политичка нестабилност - новото нормално?

13 декември 2023

Според сите параметри, влегуваме во циклус на системска, „трајножаречка“ криза, на повеќе нивоа. Пишува Петар Арсовски

https://p.dw.com/p/4a6cb
Петар Арсовски
Петар АрсовскиФотографија: Petar Arsovski

Мислам дека треба да се навикнеме на веројатноста новото нормално да биде еден вид перманентна политичка нестабилност, можеби и во регионот, а во Македонија секако. Според сите параметри, влегуваме во циклус на системска, „трајножаречка“ криза, на повеќе нивоа. Нема големи изгледи за значаен напредок кон ЕУ. По сѐ изгледа, домашната политичка сцена ќе остане трајно поделена, закопана во ровови, без никаква можност за некаков натпартиски консензус по кое било прашање, што е предуслов за какво било значајно поместување. Тоа, по автоматизам, значи дека какви било системски реформи, без оглед дали се работи за владеење на правото, економски напредок, или уставни измени, во моментов се најверојатно невозможни. На тоа додадете дека македонските политички претставници (секоја чест на исклучоците), се длабоко загазени во чисто политиканство – политики врз база на чист популизам, ден за ден – наместо реално загрижени за стратешките предизвици кои ги чекаат нив и следните генерации. Од нив не треба да очекуваме никаква реална понуда или план, туку само пароли и „саундбајти“. Можеби има грам надеж дека кулминацијата на овие блокади ќе нѐ донесе до некаква катарза, во која политичките групирања ќе се претворат во идеолошки или програмски, наместо етнички, религиозни, или национални, што би било извесна еволуција. Сепак, се плашам дека во наредниот период, познавајќи го домашниот политички дискурс, поверојатно е наместо да се фокусираме на тоа како да излеземе од калта, ќе се фокусираме на тоа кој е виновен за тоа што сме во кал – во согласност со најдобрата наша политичка традиција.

Прво, очигледно е дека напредок кон ЕУ не треба да очекуваме без уставните измени, за што има сѐ помалку шанси, не само пред, туку и после изборите. Ова се должи на две причини. Прво, пропуштената шанса за пробив во преговорите додека во ЕУ сѐ уште имаше апетит за проширување од геостратешки и безбедносни причини. Ние таа шанса очигледно ќе ја пропуштиме, и ЕУ ќе заглави (и себеси, но и нас) во нов процес на интроспектива, во ново редефинирање на Унијата и нејзините механизми, со што проширувањето автоматски ќе стане второстепено, и покрај декларативните пораки за „перспективи за регионот“. Втората причина е забрзаното „ладење“ на домашната политичка сцена за неопходните реформи (вклучително уставните измени), за да ја продолжиме евроинтеграцијата. Овие две варијабли, кои, помеѓу другото, се хранат една со друга, мислам дека може ЕУ, како приоритет, да ја истиснат од актуелната политичка агенда на среден рок.

Второ, не гледам дека ние дома имаме капацитет за структурни реформи (читај за какви било суштински промени). Преговорите со ЕУ можеа да обезбедат некаков импулс по тоа прашање, но со нивното блокирање, ние сме оставени самите на себеси, што е секако лоша вест, особено имајќи предвид дека нашите домашни политички елити не можат да се договорат колку е часот, а не пак за некакви среднорочни или долгорочни национални приоритети. Ова нема изгледи да се подобри значајно со изборите, зашто повторно најверојатно ќе имаме состав на Собранието кој форсира мултилатерални коалиции, понекогаш на партнери кои немаат програмска или идеолошка усогласеност, што значи повторна политичка нестабилност и намалена можност за координирани реформи.

Трето, самиот наратив на политичките партии во Македонија станува интензивно популистички, без никаква политичка одговорност за предизвиците кои нѐ чекаат, ниту пак за тешките промени (без оглед дали се политички, економски, или врзани за борба против криминалот и корупцијата), кои се неопходни за да мрднеме од мртва точка. Ова од едноставна причина што партиите немаат друг избор – за какво било значајно поместување во критичните системски проблеми, неопходни се болни одлуки и тешки реформи – процес кој ниту една партија не може да го прави сама, но ниту ќе сака – зошто да прави болни промени кога може да „продава“ популизам? Така, не треба да очекуваме никаква одговорност во програмските приоритети на партиите, напротив. Мислам дека ни следува период на голи пароли, наменети исклучиво за одржување на рејтингот, особено во контекст на продолжената политичка нестабилност.

Четврто, можеби не толку песимистичко, е можноста нашата вкупна заглавеност на претходните полиња, можеби да создаде еден позитивен ефект, а тоа е да ги одвее, како меур од сапуница, другите политички, етнички, и религиозни поделби. Имено, катарзата кон која се движиме – а тоа е дали, како општество, ќе се поместиме кон европските стандарди и вредности, или ќе останеме заглавени во локалниот жабарник – ќе стане толку централна тема, што политичките партии ќе се прегрупираат врз таа оска, правејќи ги другите досегашни поделби безначајни. Такви најави (за предизборни коалиции, на пример, врз програмска определба наместо врз етничка гетоизација), веќе постојат. Ова, како еволуција во македонскиот политички простор, е позитивен чекор, ако заради ништо друго, заради можноста гласачите да имаат повеќе информации за политичките правци во кои извесни политички групации би ја движеле државата, пред да ја донесат својата одлука на денот на изборите.

Петто, последно, и повторно не толку оптимистичко сценарио, е како ќе се развива јавниот наратив по овие прашања. Дали, соочени со сопствената блокада (политичка за системските реформи дома, и национално романтичарска по прашање на уставните измени), удирајќи се во ѕид со илузијата дека за нас ќе се сменат правилата или условите за продолжување на преговорите, ние ќе ја доживееме таа општествена катарза, или, во најдобриот наш манир, ќе се намуртиме уште повеќе, и инаетливо ќе се затвориме во ќошот кој сами си го изѕидавме? Мојата проценка е дека второто е далеку поверојатно – дека наместо да се отрезниме и да почнеме да зборуваме како да направиме пробив, ние засилено ќе се „фрлиме“ на поделба на вина – кој повеќе придонел за состојбата во која се наоѓаме. И сѐ ова, додека младите и способните забрзано ќе бегаат од нас, и од нашите поетични жалопојки за библиските корени и глобалната неправда кон македонштината.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема