1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Меркел во дипломатска мисија во Тбилиси

Бетина Фрајтаг17 август 2008

Германската канцеларка по Москва, денеска оди на разговори со грузискиот претседател Саакашвили во Тбилиси. Ангела Меркел е во потрага по долгорочно мировно решение за кавкаскиот конфликт.

https://p.dw.com/p/EymG
Ангела МеркелФотографија: AP

Во Тбилиси, Ангела Меркел може да очекува пријателски прием. Таа во изминативе денови неколку пати телефонираше со грузискиот претседател Михаел Саакашвили. Грузискиот претседател е благодарен на вложените дипломатските напори од страна на Меркел за разрешување на кризата. Германската канцеларка, по потпишувањето на мировниот план, се заложи за долгорочно политичко решение на конфликтот. Пред два дена на средбата со рускиот претседател Дмитриј Медведев изјави.

„Поуката од ова треба да биде, да не ги туркаме проблемите под маса, туку овие таканаречени замрзнати конфликти да ги решиме така да не може во секој момент да стануваат и отворени конфликти, “ рече Меркел.

За Меркел е важен територијалниот интегритет на Грузија

Токму затоа на денешната средба со Саакашвили ќе стане збор за отцепничките грузиски региони, Абхазија и Јужна Осетија. Според Русија незамисливо е тие да бидат дел од Грузија. Меркел на разговорите со Медведев слушна дека Абхазија и Јужна Осетија не сакаат да и припаѓаат на таа земја. Меркел пак ја нагласи важноста на територијалниот интегритет на Грузија.

Russland Deutschland Angela Merkel bei Dimitri Medwedew in Sotschi
Меркел и Медведев имаат различни гледишта околу грузискиот конфликтФотографија: AP

„Точно е дека мора да се гарантира безбедноста на луѓето. Но, треба да се разговара во која мера може да се пронајде решението, од спектарот на автономија па се до други можности за пронаоѓање на соодветниот пат. Не значи дека секој народ во светот, којшто сака да се отцепи од една држава, е во состојба да основа своја посебна држава,“ рече Меркел, пред патувањето во Тбилси.

Главна тема на средбата е мировниот план

Предвидено е состанокот којшто ќе започне во еден часот по европско време да трае два часа. Главна тема ќе биде мировниот план на ЕУ од шест точки којшто го потпишаа двете страни. До сега германската влада во кавкаскиот конфликт имаше неутрална позиција и не сакаше да се вмешува како посредник. Но, двете патувања во рок од три дена, двете средби со претседателите на земјите во конфликтот покажуваат дека германската канцеларка сака да се постигне мировно решение, без да се предизвика долгорочна штета на руско - германските односи.