1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пропадна мултикултурниот концепт на Германија

17 октомври 2010

Канцеларката Ангела Меркел во Потсдам изјави дека обидот за изградба на мултикултурно општество во Германија пропадна. Меркел меѓутоа истакна дека е исправно да се каже дека исламот е дел од Германија.

https://p.dw.com/p/Pg5f
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: dapd

Во обраќањето на собирот на младината на Христијанско демократската унија во Потсдам, германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека мултикултурниот концепт за германското општество, според кој луѓето среќно живеат едни покрај други, едноставно не успеа. Таа истакна дека во минатото премалку се барало од доселениците. Тие не само што мораат да ги почитуваат германските закони, туку мораат и да го владеат германскиот јазик, истакна Меркел укажувајќи дека оној кој на почетокот не знае германски нема да биде добредојден. Истотака канцеларката нагласи дека принудните бракови не се прифатливи и оти не смее да постојат делови во градовите во кои полицијата не смее да зачекори. Затоа е важно, смета канцеларката, доселениците во земјата да се поттикнуваат но и од нив да се бара самите да сторат повеќе за сопствената интеграција во германското општество.

Bundeskanzlerin Angela Merkel waehrend des Deutschlandtages der Jungen Union
Канцеларката Ангела МеркелФотографија: dapd

„Тоа значи дека поттикнувањето на интеграцијата е една од нашите главни задачи за наредниот период. Но да се каже, ние сме земја која им дава шанса на луѓето, тоа мора секогаш да биде заштитен знак на Германија“.

Германската канцеларка во говорот се осврна и на пораката на сојузниот претседател Кристијан Вулф, кој неодамна изјави дека исламот е дел од Германија, исто колку и христијанството и еврејството.

Жестока расправа за улогата на исламот и интеграцијата на странците во Германија

„Исламот припаѓа кон Германија. Тоа се гледа не само по примерот на фудбалерот Месут Езил“, потенцираше Меркел. Овие нејзини изјави доаѓаат во момент кога на германската политичка сцена се води жестока расправа за улогата на исламот во земјата и интеграцијата на странците. Премиерот на германската покраина Баварија, Хорст Зехофер, кој е лидер на Христијанско социјалната унија, сестринска партија на ЦДУ на Меркел одново ја разбранува јавноста со остриот тон во однос на доселениците во Германија, особено на оние кои доаѓаат од исламските земји. Тој во најновата изјава ги повика оние кои сакаат да живеат во Германија да ги прифатат правилата на однесување во земјата. Според Зехофер, интеграцијата значи прифаќање на христијанските вредности, квалификација и нешто што се нарекува само- интеграција, која поттекнува од сопствените напори. „Без познавање на германскиот јазик тоа не е можно. Германија не може да биде социјална установа за целиот свет“, истакна премиерот на Баварија кој слично како и Меркел смета дека мултикултурното општество во Германија е пропаднато.

Автор: СН/ АТ/ дпа/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема