1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Американски избори: 5 клучни теми

Карла Блајкер
24 октомври 2020

На 3 ноември Американците ќе избираат иден претседател. Дали ќе гласаат за Доналд Трамп или за Џо Бајден, ќе зависи од  тоа каков е нивниот став по однос на справуваењето со пандемијата, абортус и други клучни прашања.

https://p.dw.com/p/3kJsB
USA Präsidentschaftswahlen | Ohio
Фотографија: Ty Wright/Getty Images

Коронавирус

На почетокот од годинава, никој во САД немаше слушнато за коронавирусот. Речиси 11 месеци подоцна оваа тема доминира во политичките дебати во Вашингтон.

„Веројатно ова ќе биде најголемата тема на овие избори,“ вели за ДВ Лаура Мерифилд Вилсон, доцент по политички науки на Универзитет во Индијанаполис.

Во САД како последица од коронавирусот починаа над 220.000 луѓе, а до октомври се регистрирани над 8.3 милиони заразени. Невработеноста во САД е највисока досега по Големата депресија. И претседателот Трамп се зарази од Ковид- 19, поради што две недели не одржуваше големи предизборни собири. Носењето маска - едноставна мерка која ја препорачуваат здравствените експерти за да се запре ширењето на вирусот, се претвори во жешка политичка тема.

Повеќе:

На Трамп му се смачило од „Фаучи и сите тие идиоти“

Тактиката на Трамп функционира

Одговорот на тоа дали актуелниот претседател добро ја менаџираше кризата зависи од тоа кого го прашувате.

„Овие избори на многу начини во изминативе осум-девет месеци станаа референдум за тоа дали актуелната администрација добро одговори на кризата, изготви добар план против коронавирусот и истиот го спроведе,“ вели за ДВ, д-р. Ашвин Васан, доктор и доцент на Медицинскиот центар на Колумбија Универзитетот во Њујорк. Конзервативците велат дека без акцијата на Трамп ситуацијата ќе беше уште полоша. Либералите пак се на став дека ќе се зачуваа илјадници животи доколку администрацијата порано преземеше построги мерки во сите држави и ги слушаше здравствените експерти.

Здравствена заштита

Друга клучна тема е здравствената заштита, која се виде дека е многу важна при сослушувањето на Ејми Кони Барет, предлогот на Трамп за испразнетото место во Врховниот суд по смртта на судијката Рут Берет Гинсбург. Највисокиот американски суд веднаш по изборите ќе расправа дали треба да се укине Законот за достапна здравствена заштита (познат како „Обамакер“) – нешто што Трамп се обидуваше да го спровде од кога е дојден на функцијата. Кони Барет која во минатото беше критички настроена кон овој закон, не кажа како би гласала.

Повеќе:

Пет милиони Американци останале без здравствено осигурување

Коронавирус во САД: Кога човек не смее да се разболи

Дали луѓето се среќни со здравственото осигурување што го имаат или го немаат со овој закон и дали сакаат да се задржи „Обамакер“ се чини ќе има голема улога на денот на гласање.

Кризата со коронавирусот ја стави здравствената заштита меѓу клучните теми кои ќе им влијаат на гласачите при одлуката. „Ние сме среде пандемија, каде недостатокот на здравствено осигурување им прави потешкотии на луѓето да добијат соодветна грижа и помош, но води и до огромни медицински трошоци и сметки за оние опоравените од Ковид- 19. Ова е само еден аспект, а каде се останатите долгорочни ефекти од Ковид, за тоа сѐ уште учиме многу,“ вели Васан.

Економија

„Економијата е императив за американските гласачи, особено ако не оди добро,“ вели Вилсон.

А во моментов не оди добро. Пред избивањето на пандемијата, Трамп имаше три години добра робустна и здрава економија на која може да се повика. Но, со почетокот на целосниот карантин во март малите бизниси мораше да затворат низ целата земја и во средината на април годинава повеќе од 23 милиони Американци останаа без работа. Тоа е стапка на невработеност од 14,7% што според Државното биро за статистика е за 3,5% повеќе споредено со два месеци претходно.  

САД: Преку 700.000 инфицирани, бездомниците во посебно тешка ситуација

Лоша вест за претседателот Трамп, кој постојано ја истакнуваше силната американска економија во првите три години од неговата функција. Со толку многу Американци кои се борат да ги задржат домовите, тој се обидува да ги убеди гласачите дека е најдобриот избор кој ќе ја врати економијата назад на вистинскиот пат по кризата која беше неочекувана и која има влијание врз економијата без разлика под чие претседателство.

За демократскиот кандидат Џо Бајден е полесно - тој го обвинува Трамп за лошо менаџирање на економијата за време на пандемијата и ветува дека во рамки на неговиот план „Обнова за подобрување” работниците и средната класа ќе поминат многу подобро отколку со нов мандат на Трамп.

Во ситуација како актуелната „вообичаено е потешко за оној кој е властодржец бидејќи тој бил на власт и ја водел политиката, бил одговорен”, вели Вилсон.

Расни тензии

Убиството на Џорџ Флојд од страна на полицаец во Минеаполис во мај годинава доведе до движењето „И црните животи се важни” во целата земја. Расните тензии се дел од американската историја уште од доаѓањето на првите робови, но „ова лето,” вели Вилсон, „беше секако историски момент”.

New York City | Juneteenth-Feier
Антирасистички протести во САД по убиството на Џорџ ФлојдФотографија: picture-alliance/Zuma/A. Dinner

Црни и бели Американци демонстрираат не само против таргетирано полициско насилство, туку и против она што за нив е системски расизам во САД и бараат голема реформа на полицијата, а некои од нив дури и целосно укинување на нејзиното финансирање.

Критичарите на движењето, главно конзервативни, се фокусираа на насилството што се случуваше во некои од градовите за време на протестите. Па така и претседателот Трамп кој зборовите „И црните животи се важни” ги нарече „симбол на омраза” и вети дека ќе го врати редот и мирот на улиците. Тоа ги жести поддржувачите на движењето, но кај базата на Трамп наидува на поддршка, вели Вилсон.

„Неговите пораки имаат за цел да ги мобилизираат неговите гласачи во рамки на Републиканците и можеби некои од независните кои се настроени кон десно”, вели професорот по политички науки.

„Темите, ветувањата, политиките - сѐ што Трамп прави е таргетирано” за неговите конзервативни поддржувачи.

Либералите критикуваат дека ставот на Трамп ги поттикнува тензиите наместо да тоа што сметаат дека треба еден претседател да прави: да ги зближува граѓаните во земјата.

Абортус

„Абортусот е критична тема во претседателската кампања 2020”, вели Вилсон. 

Таа тема е најважна за голем дел од базата на Трамп: бели евангелисти. Иако таа група сочинува само 15% од американското население, тие имаат голема излезност на избори и биле четвртина од гласачкото тело во 2016, според податоците на Националната изборна комисија. Многу од овие конзервативни протестанти застапуваат вредности дијаметрално спротивни од многуте бракови и разводи на Трамп, на пример.

Повеќе:

Алабама: Безобѕирна битка околу абортусот врз грбот на жените

Илјадници демонстрираа во Вашингтон против абортусот

Но, Инстаграм објава на анти-абортус групата „Студенти за живот” вели: „Да го мразиме Трамп? Абортусот го мразиме сепак повеќе.” Трамп се смета за дефинитивен избор на анти-абортус гласачите. Тој е прв претседател кој за време на својот мандат присуствувал на анти-абортус маршот: „Марш за живот”. 

За Американците на другиот крај на спектарот тоа е уште една причина да не се гласа Трамп. Абортусот е „исто така битна тема за група либерални гласачи”, вели Вилсон. „Има големо движење про слобода на одлучување во рамки на Демократите.”

Тие гласачи изборот на Трамп Кони Барет за Врховниот суд го гледаат како опасност за Рои против Вејд, пресудата која гарантираше на жените слободен пристап до безбеден и легален абортус во изминатите 47 години.

За Демократите глас за Бајден е глас за либерални и веројатно про-слободен избор на судии за Врховниот суд кои тој ќе може да ги номинира за време на неговиот мандат.