1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден е уверен во победа, Трамп се надева на судовите

ЖА /ДВ
7 ноември 2020

Демократскиот кандидат е оддалечен само неколку електорски гласови до победа на изборите. Од таборот на претседателот Трамп стигнува куп тужби со барање да прекине броењето гласови пристигнати по пошта по изборниот ден

https://p.dw.com/p/3kzDF
USA I Wilmington Delaware I Joe Biden
Фотографија: Drew Angerer/Getty Images

Џо Бајден е многу блиску до победа на претседателските избори во САД, од неа го делат неколку електорски гласови, а броењето покажува негова предност во Пенсилванија, Аризона, Невада и Џорџија.

За да стигне до потребните 270 електорски гласови, мора да се сочека и одлука на низа судови, зашто според пишувањето на американските медиуми, тимот на Доналд Трамп поднесол околу триста жалби или барања за повторно пребројување.

Во поглед на исходот на претседателската трка, Бајден нема дилеми: „Ќе ја добиеме оваа трка со убедливо мнозинство и со поддршка од нацијата", изјави синоќа во настапот во неговото родно гратче Вилмингтон во сојузната држава Делавер.

„Можеби сме противници, но не сме непријатели", додаде Бајден, повикувајќи на единство на американските граѓани. Време е да се потиснат бесот и нацијата да ги излекува раните, порача кандидатот на Демократите.

Иако истакна дека уште нема да се прогласи за победник, Бајден изјави дека тој и неговата потпретседателска кандидатка Камала Харис веќе работат на креирање мерки против пандемијата на коронавирус. На умрените веќе не може да им се помогне, но „во иднина можеме да спасиме многу човечки животи", рече Бајден.

Повеќе:

Бајден оптимист, Трамп сѐ пожесток

Судовите ги одбиваат тужбите на Трамп, Бајден се поблиску до победа

Избори во САД: Може ли судовите да го направат Трамп победник?

Џо Бајден доби повеќе гласови од сите американски претседатели досега

Тој и Демократската партија му префрлаат на претседателот Доналд Трамп за несериозно сфаќање на опасноста од вирусот и одговорност за смртта на многу Американци. САД со 129.600 регистрирани инфекции во текот на едно деноноќие повторно го соборија светскиот рекорд.

„Допрва почнува"

Републиканците продолжуваат да ги засипуваат судовите со тужби. Главно барање е да прекине броењето на гласовите стигнати по пошта по изборниот ден, без оглед на тоа кога се испратени.

Американските сојузни држави имаат различни правила, во некои е дозволено броење на гласовите дури и ако тие стигнат дваесетина дена по изборниот ден, под услов да се испратени најдоцна на изборниот ден.

Во случајот на Пенсилванија, која донесува 20 електорски гласови, судијата на Уставниот суд Самјуел Алито наложи гласовите пристигнати по изборниот ден да се сочуваат и да се бројат одвоено.

„Правните процедури допрва почнуваат", најави претседателот Трамп на Твитер, повикувајќи го противкандидатот да не се прогласува за победник. „Имав толку големо водство во сите овие држави во изборната ноќ, но видовме како водствата магично исчезнуваат во наредните денови. Можеби ќе се вратат кога ќе завршат правните процедури" , смета Трамп.

Претседателот во повеќе наврати, без да понуди докази, тврди дека Демократите се обидуваат „да му ги украдат изборите."