1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ-Турција: Пет години договор за бегалците

Барбара Везел
18 март 2021

Пред пет години ЕУ и Турција склучија договор за сириските бегалци, со цел да се затвори нивниот пат кон Европа. Договорот е дамка на политиката на ЕУ за човекови права, велат критичарите.

https://p.dw.com/p/3qmHh
Symbolbild EU Türkei
Фотографија: imago/blickwinkel

Март, 2016-та. Тоа беше еден од оние бескрајни самити на чиј крај изморените шефови на влади го најавија тешко постигнатиот компромис -договорот на ЕУ и Турција за бегалците беше прославен како успех на европската политика. Целта беше да се намали бројот на бегалци кои во ЕУ доаѓаа од Грција, преку Балканската рута.

По големиот бран бегалци во 2015 година, политичкиот притисок порасна до таа мерка, што се бараше решение по секоја цена. Таа година, според наводи на Европската комисија, во Грција пристигнале повеќе од 850.000 луѓе.

Прагматично решение

Механизмот се чинеше едноставен: Грчките власти требаше брзо да проверуваат дали оние кои доаѓаат имаат право на азил. Оние за кои што ќе се утврди дека немаат право на азил, би биле враќани во Турција. За возврат, ЕУ требаше да преземе ист број на сириски баратели на азил од камповите во земјите членки на Унијата. Освен тоа, Европејците платија околу 6 милијарди евра за поддршка на речиси четири милиони сириски бегалци кои веќе живееја во Турција.

Бегалската политика создаде јаз во Германија

Во тоа време критичарите зборуваа за распродажба на хуманитарните вредности и препуштање на политиката на азил на ЕУ на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој владееше сѐ поавтократски. Но, Ангела Меркел, која важеше за главна поборничка за договорот, го бранеше истиот. Таа во Бундестагот рече: „Кога станува збор за морските граници, нема друг начин освен разговор со соседите ако не сакате да дозволите луѓето да се дават, а криумчарите да ја преземат главната улога. И, затоа, договорот со Турција е пример за други такви договори, со Египет, со Либија - кога таа еден ден ќе има разумна влада, со Тунис и други земји, секаде каде што е тоа потребно.“

Повеќе:

Балканска рута: Пушбекови од страна на Фронтекс?

Хрватска и недостојната игра на ЕУ со бегалците

Грција: Бескрајно чекање на одлука за азил

Лезбос и бегалците: Европа во хаос кој самата си го создаде

Делумно успешен договор

Договори со другите медитерански земји сѐ уште не се постигнати, но се чини дека во еден аспект договорот со Турција се покажа како успешен: во 2020 година, бројот на бегалци кои пристигнаа во Грција падна на околу 15.000.

Во БиХ има стотици незгрижени мигранти

Гералд Кнаус, експерт за миграција, кој се смета за еден од идејните творци на договорот, вели дека договорот е оправдан: „Минатата година, над 90 проценти од Сиријците кои со години биле бегалци во Турција, останале таму. Од 2014 година, Турција е земја со најмногу бегалци во светот, таа прими околу трипати повеќе Сиријци отколку целата ЕУ“, вели Кнаус. „А тоа значи дека минатата година, благодарение на поддршката на ЕУ за Турција, малку Сиријци тргнаа на пат, бидејќи стотици илјади нивни деца одат на училиште и имаат пристап до системот на здравствена и социјална грижа.“

Меѓутоа, многу бегалци во Турција и натаму живеат во лоши услови и немаат сите пристап до образовниот систем. Од друга страна, парите добиени врз основа на договорот за бегалци се потрошени. Хуманитарните организации итно чекаат нови средства.

Нови мигрантски рути

Се разбира, за доаѓањето на помалку луѓе во Грција има и други фактори. На пример, бегалците и мигрантите од африканските земји долго време го користат патот преку Либија до Италија. Шпанија има посебни договори, на пример, со Мароко, така што бегалците не можат да дојдат во Шпанија или се враќани назад. А, организациите за човекови права се жалат на бројни прекршувања на тие права на надворешните граници на ЕУ од затворањето на Балканската рута и стапувањето во сила на договорот ЕУ-Турција.

Mazedonisch-griechische Grenze Kinder auf der Balkanroute
Бегалци на Балканската рута (февруари 2016 година)Фотографија: DW/N. Rujević

Покрај тоа, се проценува дека досега од Грција во Турција се вратени помалку од 3.000 бегалци. Што се однесува до програмата за преселби во другите европски земји, таа беше екстремно бавна и претходно, а пандемијата сега целосно ја запре.

Досега, ЕУ не ја започна ни предвидената реформа на заедничката политика за азил за трајно и одржливо да ја регулира миграцијата кон Европа. Сите планови пропаѓаат пред сѐ поради споровите околу можната прераспределба на бегалците меѓу државите - особено поради отпорот на некои источноевропски земји.

Мизерни услови во камповите во Грција

Кога се преговараше за договорот за бегалците, намерата не беше грчките острови да станат последната станица за илјадници бегалци. Грчкото правосудство не е во состојба да се справи со големиот број барања за азил. Гералд Кнаус смета дека е нереално да се очекува „земја во која има повеќе барања за азил по глава на жител отколку во цела ЕУ да може брзо да донесе пресуди за тоа кој мора да се врати“.

Шокантните услови на грчките острови, каде повремено 40.000 луѓе живееја во кампови предвидени за само неколку илјади луѓе, станаа симбол на неуспешната европска политика за бегалци.

Griechenland Idomeni Flüchtling vor Zelten am Feuer
Камповите во Грција станаа симбол на неуспешната европска политика кон бегалцитеФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Пожарот во кампот Морија минатата зима го сврте вниманието на светот кон оваа неодржлива состојба. Додека новата конзервативна влада во Атина ги заостри своите политички тонови и мерки против бегалците, Брисел плати стотици милиони евра помош, но во голема мера ѝ остави на Грција да се справи со кризата.

„Договорот помеѓу ЕУ и Турција е темна дамка на политиката на ЕУ за човекови права, а цената ја плаќаат луѓето што бараат заштита, вклучително и 15.000 лица кои сѐ уште се заробени на грчките острови“, вели Имоген Садбери од Меѓународниот комитет за спасување (ИВЗ).

Бегалската политика на ЕУ потфрли

Пролетта 2020 година турскиот претседател Ердоган ја уцени ЕУ и изненадувачки префрли илјадници луѓе на копнената граница со Грција. Атина ја блокираше границата и користеше груба сила во спречувањето на мигрантите да влезат во земјата. Бруталните слики го покажаа сиот неуспех на ЕУ да обезбеди почитување на човековите права.

Растечки тензии на турско-грчката граница

Турција долго време бара нова верзија на договорот и повеќе пари. Покрај тоа, го критикува и фактот дека не се исполнети политичките ветувања за олеснување на издавањето визи за нејзините граѓани и за новиот царински договор.

Европејците тоа го оправдуваат со антидемократската политика на Анкара и сѐ поголемото кршење на човековите права во земјата. Сепак, програмата за финансиска помош на сириските бегалци во Турција беше продолжена без многу помпа до следната година.

Се проценува дека во Грција сѐ уште живеат околу 100.000 бегалци - многу од нив со години. Засега, никој во Европа не покажува намера во некое догледно време да ги прими во својата земја.