1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Добрата Меркел, лошата Германија

Герхард Гнаук
25 март 2017

Јарослав Качински во последно време е полн со фалби кон Ангела Меркел. Но, Варшава започна конфронтирачки курс, во чии рамки цел на напади се и германски издавачки куќи. Несогласувања има и околу „Европа со две брзини“.

https://p.dw.com/p/2ZkDQ
Polen Angela Merkel und Beata Szydlo in Warschau
Фотографија: picture-allaince/AP Photo/C. Sokolowski

Состојбата во германско-полските односи во моментов е речиси идентична со нејзиниот опис во една полска Јутјуб-сатира, „Увото на претседателот“. Во февруари германската канцеларка Ангела Меркел се сретна во Варшава со лидерот на владејачката партија Право и правда, Јарослав Качински. Содржината на разговорот остана тајна. Затоа, сатирата „Увото на претседателот“, засега најомилената полска сатирична емисија, ја претстави средбата видена од свој агол. Во емисијата, знамето на ЕУ на полскиот министер за внатрешни работи му служи за бришење нозе. На крајот на емисијата се случува тепачка: пратеник од партијата на Качински се степува со телохранител на канцеларката, демолиран е дел од мебелот во бирото на Качински.

Односите меѓу Варшава и Берлин сепак не се толку лоши. Качински во два наврати во последните месеци канцеларката ја оцени како „најдобра опција“ за Полска.Кандидатот за канцелар од редовите на социјалдемократите, Мартин Шулц, за Качински е „левичарски идеолог“ со „наклоност кон Русија“.

Гнев поради реизборот на Туск, критичар на Качински

Средбата Меркел-Качински остави впечаток на постоење еден вид службен однос, а Варшава во меѓувреме тргна на конфронтирачки курс. Едно од објаснувањата е реизборот на критичарот на Качински, Доналд Туск, за претседател на ЕУ-Советот. Друга причина е наново распламтениот судир околу „Европа со две брзини“.

Туск во ЕУ, тврди Качински, беше „Меркелов, германски кандидат“. Тоа што ЕУ-државите гласаа со 27 спрема еден за Туск, за Качински и неговите соработници е доказ за огромниот притисок од страна на Германија врз помалите држави, како Унгарија. Која беше причината за ова фиксирање врз претседателот на Советот на ЕУ? Туск во Полска важи за најопасен ривал на кандидатот од владејачката партија Право и правда за полските претседателски избори во 2020. година. Ангела Меркел е сојузник на Туск и припаѓа на истото партиско семејство.

Варшава го промени тонот и во поглед на темата „Европа со две брзини“. Уште за време на посетата на Меркел, полската премиерка Беата Шидло изјави дека во ЕУ се дозволени „различни механизми на соработка“, сѐ додека не влијаат врз единствениот внатрешен пазар. Тоа се чинеше логично: старата Западна Европа со еврото и со бегалската криза одамна не е толку атрактивна како пред десет години. Но, пред самитот на ЕУ во Рим на викендов, Варшава јасно стави на знаење дека нема да поддржи никакво споменување на „две брзини“ во завршниот документ.  

Polen Donald Tusk
За Качински, Доналд Туск е „кандидат на Меркел“Фотографија: picture alliance/dpa/A. Vitvitsky/Sputnik

Германски издавачки куќи во визирот на полската влада

Германија, од гледиште на полскиот владин табор, е еден од главните предизвикувачи на сите проблеми во ЕУ. Сепак, личните контакти со германската канцеларка се добри, изјави Качински во најновото издание на магазинот „В Сиеци“, дополнувајќи: „Во сите важни прашања, Германија води политика спротивна на нашите интереси - од политиката на историјата па до енергетската политика.“

Во меѓувреме, бројни германски издавачки куќи се најдоа на удар на полската влада. Во Варшава тие се сметаа за инструменти за следење на претпоставуваните „германски интереси“. Нов повод пружи интерна електронска порака на германско-швајцарската издавачка куќа Рингиер Аксел Шпрингер, РАС, чиј шеф  реизборот на Доналд Туск го поздравил како победа на сите во Полска кои се горди на членството во ЕУ. Медиумите блиски до власта во Полска, во имејлот гледаат доказ дека германските медиумски концерни на „скандалозен“ начин ги инструираат новинарите за начинот на нивно известување.

Во средата темата беше дебатирана во парламентарна комисија во Варшава. Пјотр Глински, министерот за култура, во чија надлежност се медиумите, на адреса на издавачката куќа изјави: „Нашите странски партнери го следат менталитетот на комунистичките држави, кој од медиумите бараше прагматична дисциплина.“ 

„Реполизација“ на медиумите

Меѓутоа, министерот мораше да признае дека издавачката куќа, „парадоксално...работела во рамките на полските закони.“ Регулативата од комунистичко доба не е променета ни по 25 години. Тоа треба да се случи сега. Опозицискиот пратеник Јакуб Рутницки се стави во одбрана на нападнатите медиуми и ја атакуваше полската влада: „Очигледно, не ве болеше кога еден весник, близок до власта, го прикажа Доналд Туск во нацистичка униформа. Но, ве боли што во оваа земја, за среќа, постојат медиуми кои имаат поинаква визија за државата од онаа болната на партијата Право и правда.“

Истовремено, еден вицеминистер најави уште пред летната пауза да достави законски предлог за „реполизирање“ на медиумите (премин во државна сопственост). Освен против РАС, ова би било насочено првенствено против издавачката група Пасау. Баварскиот издавач поседува околу 90 проценти од полските регионални весници. РАС, пак ги издава меѓу другите и „Њусвик Полска“ и булеварскиот весник „Факт“. 

Дали полската влада ќе ја „реполизира“ и ТВН, критички настроена кон владата, засега е нејасно. ТВН неодамна премина во американска сопственост. Еден американски дипломат изјави дека неговата амбасада внимателно ќе ја набљудува ситуацијата на телевизијата.