1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски ентузијазам и „попатни“ балкански проблеми

Марина Максимовиќ
17 февруари 2020

Обновен ангажман на ЕУ на Западен Балкан, регионална соработка, инвестициски планови - од синоќешната работна вечера на лидерите на ЕУ и Западен Балкан во Брисел стигнуваат позитивни пораки. Кавги и препирки немало.

https://p.dw.com/p/3XseC
Belgien Treffen Westbalkan-EU in Brüssel
Фотографија: European Union

Неформалниот состанок на новото раководство на институциите на ЕУ со лидерите на земјите од Западен Балкан послужи за запознавање на актерите и испитување на пулсот на политиката на проширување која по години на преживување и блокади, се наоѓа во процес на реанимација.

„Ја променивме методологијата која сега би требало да ја обнови довербата на двете страни и да воспостави кредибилна перспектива за влез во ЕУ, оцени пред состанокот претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен. Таа и домаќинот на работната вечера, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, изнесоа заедничка позиција дека приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ е геостратешки интерес на обете страни и како таков ќе биде приоритет за институциите на ЕУ.

„Ќе разговараме за начините на продлабочување на партнерството на ЕУ и Западен Балкан. Ќе ја потврдиме европската перспектива на регионот и ќе дадеме јасни смерници за неопходниот напредок во областите на владеење на правото, борба против корупцијата и организираниот криминал“, вели Мишел.  

„Тимот на ЕУ“ на овој состанок го претставуваше и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како лидер на земјата која моментно претседава со Советот на ЕУ.

„Постои ентузијазам во ЕУ темата Западен Балкан да се позиционира високо на дневниот ред на институциите на ЕУ“, вели Пленковиќ. Тој смета дека во овој период, важен заполитиката на проширување и Западен Балкан, токму Хрватска им остава „позитивно политичко наследство“ на своите соседи.

„Ние повторно одлучно го ставивме на дневен ред на највисоките институции на ЕУ прашањето за југоистокот на Европа, проширувањето и поддршката на Хрватска кон соседните држави на нивниот пат кон ЕУ“, вели Пленковиќ.

Хрватскиот премиер најавува за следните месеци и дополнително ангажирање на Грција, Италија и Австрија во организирањето состаноци на ЕУ со Западен Балкан на највисоко ниво, како и продолжување на комплементарноста на Берлинскиот процес со процесот на пристапување кон ЕУ.

Многу нешта во Европа ќе се вртат кон Западен Балкан

Отворање на преговори со Скопје и со Тирана пред мајскиот самит на ЕУ, самитот во Загреб како пресвртница во политиката на проширувањето, почести состаноци на лидерите на ЕУ со претставници на Западен Балкан и сеопфатен инвестициски план за јакнење на регионалната економија, се понуди и очекувања кои ЕУ ги стави на маса во текот на работната вечера во Брисел.

Од своја страна, лидерите на шесте западнобалкански земји оценуваат дека ЕУ покажува искрен и обновен ентузијазам во поглед на Западен Балкан.

Таквиот европски став очигледно веднаш се одрази и на односите на „балканската маса“.

„Многу е важно што видовме искрена посветеност на највисоките функционери на ЕУ кон напредокот на целиот регион и желба луѓето кои живеат во Западен Балкан да ги осетат благодетите на пристапувањето кон ЕУ“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ.

Со констатацијата на српскиот претседател дека овојпат немало кавги и препирки меѓу соседите и дека „многу нешта во Европа ќе бидат свртени кон Балкан“ во наредниот период, се согласи и претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ. 

„Атмосферата беше доста позитивна. Присуствував и порано на состаноците во слични формати кои понекогаш изгледаа доста безнадежно и депресивно. Ми се чини дека сега новата администрација на ЕУ сака да покаже способност за преземање поактивна геополитичка улога, ако не во цел свет, тогаш во опкружувањето и на самиот европски континент“, вели Комшиќ.

За билатералните проблеми „само попатно“

За приказната за „балканската вечера“ во Брисел да не заврши само на ентузијазам и добри намери, се погрижија новинарите кои на регионалните лидери им поставија прашања за горливите билатерални проблеми во регионот.

Претседателот на Косово Хашим Тачи вели дека во текот на вечерата се споменувало продолжување на дијалогот и избор на нов специјален претставник за преговорите меѓуСрбија и Косово.

„Косово е независна и суверена држава. Кој и да биде именуван, треба да го третира Косово како суверена држава. Во спротивно, нема да има смисла ангажирање на таа личност“, вели Тачи.

Покрај Белград, Тачи го „боцна“ и Брисел со констатциите дека улогата на ЕУ во нормализацијата на односите меѓу Србија и Косово е „важна“, а улогата на САД е „незаменлива“.

Претседавачот со Претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ истакна дека за искрите на релација Белград - Бања Лука - Сараево поради одлуката на Уставниот суд на БиХ за сопствеништво над земјоделското земјиште на Република Српска „само попатно“ разговарал со српскиот претседател Александар Вучиќ.

„Немојте да мислите дека Милорад Додик е толку важен овде во Брисел и дека некој толку многу му посветува внимание“, вели Комшиќ.

На истата тема претседателот на Србија повторува дека го поддржува интегритетот на БиХ, како и Република Српска во рамките на БиХ и додава дека „не му паѓа на памет да му дели 'пацки' на Милорад Додик“.

Кога станува збор за односите меѓу Белград и Подгорица, кои се затегнати поради донесениот црногорски Закон за слобода на вероисповед, кој ја третира и темата за црковниот имот, Александар Вучиќ подвлече дека во Брисел „малку, но ништо суштински“ разговарал со црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ.

Црногорскиот претседател пак оценува дека неговата држава е во состојба да ги решава проблемите во духот на европската пракса и да се спротивстави на верски и национални судири.

„Дали секогаш имаме добра соработка со соседите? Не. Во регионот се води остар политички дуел меѓу политиката која застапува европска иднина и политиката која сака да го задржи Балкан на антиевропски колосек“, вели Ѓукановиќ.

Турбулентно „слетување“ во ЕУ

Во Брисел на денот на закажаната вечера на лидерите на ЕУ и Западен Балкан владееше невреме проследено со јаки ветришта, па делагацијата од Западен Балкан ја доведе до ситуација на непријатно и турбулентно слетување на бриселскиот аеродром.

Westbalkan Gipfel in London Nikola Dimitrov
Никола Димитров - надеж во успешен обид за отворање пристапни преговори со ЕУФотографија: Imago/A. Parsons

Тоа остави посебен впечаток на албанскиот премиер Еди Рама и шефот на дипломатијата на Северна Македонија, Никола Димитров. Двајцата направија паралели меѓу турбулентното слетување во Брисел ипроцесот на пристапување кон ЕУ. 

„На сите нас не ни беше лесно да слетаме денеска во Брисел. Тоа е сигнал дека и ’спуштањето’ за нас нема да биде лесно“, оцени Рама.

Димитров изјави дека авионот во кој бил тој, успеал да слета дури во четвртиот обид.

„Моравме поради невремето да направиме три круга и имаше доста потреси. Се надеваме дека по три неуспешни обиди, четвртиот пат ќе успееме да ги отвориме пристапните преговори со ЕУ“, изјави Димитров.

Според она што можеше да се чуе по вечерата на лидерите на ЕУ и Западен Балкан, прогнозата за 2020 година најавува разведрување над Западен Балкан и во областа на политиката на проширување. Сепак, имајќи ги во вид искуствата со поранешни слични прогнози, не би требало веднаш да се фрли чадорот и да се ставаат очила за сонце. Времето, исто како и политиката, надежите и ветувањата, знае да заведе.