1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕП сака да ги врати Унгарија и Полска на прав пат

Бернд Ригерт
6 октомври 2020

Независноста на медиумите и на правосудството се во опасност во некои членки на ЕУ. Европскиот парламент бара во нужен случај и кратење на парите за Полска и Унгарија, кои пак се сметаат за неоправдано ставени на тапет.

https://p.dw.com/p/3jU9b
Symbolbild I Europäisches Parlament I Coronavirus
Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Matthys

Оценката на европскиот пратеник Михаел Симецка од Словачка беше остра – Унгарија веќе не е демократија, а Полска е на пат во таа насока. Сериозни сомнежи постојат и во однос на Бугарија, каде луѓето веќе три месеци демонстрираат против корупцијата и владата. Симецка, како известувач на Европскиот парламент, се залага за воведување европски механизам за обезбедување на демократијата и владеењето на правото во членките на Европската унија. Поткопувањето на слободата на медиумите и на независноста на правосудството во одделни држави, истакна Симецка во својот говор, доведе до тоа „силно да настрада сликата на ЕУ како гарант на демократијата." ЕУ мора да биде демократски проект каде луѓето нема да бидат своеволно апсени и нема да го губат своето работно место кога ќе изнесат свое мислење.

Се бара воведување поврзаност меѓу парите и правната држава

Европската комисија го поддржува барањето на Симецка за сeопфатен механизам за проверка на развојот во државите-членки. Еврокомесарката надлежна за „европски вредности", Вера Јурова, се вклучи во дебатата, пледирајќи за постигнување подобар мониторинг во членките на ЕУ. Иако, ни тоа самото не е доволно, подвлекува Симецка, мора да се издејствува спроведување на владеењето на правото. Затоа во својот извештај, кој Европскиот парламент утре веројатно ќе го усвои со големо мнозинство, тој бара воспоставување корелација меѓу исплатата на средства од ЕУ и функционирањето на правната држава. Во тековните буџетски преговори меѓу Европарламентот, Европската комисија и Советот, претставништво на земјите-членки, се вршат консултации околу соодветен „инструмент за правна држава".

Повеќе:

Софија на тапет во ЕП, меѓу темите се и пресуди на Стразбур за македонски здруженија

Каде владее правото? Сите се грешници

ЕУ и владеење на правото - доцно будење

Моја Европа: Копнеж за слобода, рамноправност, правна држава

Парламентот досега не е задоволен од постојниот механизам, зашто границите за изрекување казни се поставени превисоко. Шефовите на држави или влади на ЕУ одлучија дотациите од касите на ЕУ да „секнуваат" само во случај да постои јасна поврзаност меѓу владеењето на правото и конкретната исплата.

Унгарија и Полска реагираат навредено

Еврокомесарката Вера Јурова, надлежна за европски вредности и транспарантност, укажа дека ЕК го поднесе својот прв извештај за владеење на правото, а во него е изречена остра критика кон Унгарија и Полска.  Но, значителни дефицити постојат и во Бугарија и други земји. Во Бугарија се’ уште огромен проблем претставува борбата против корупција.

Bulgarien I Proteste in Sofia
Протести во Софија против корупцијатаФотографија: Alexandar Detev/DW

Реакциите на владите во критикуваните држави беа доста различни. Внатрешнополитички под голем притисок ставениот бугарски премиер Бојко Борисов минатата недела изјави дека е „многу задоволен и среќен поради избалансираниот извештај." Тој вети прифаќање на препораките на ЕК за подобрување на владеењето на правото во Бугарија. Исто како и Романија, Бугарија од својот прием во ЕУ во 2013 година се наоѓа под континуиран мониторинг, но сите досега спроведени реформи не доведоа до задоволувачки резултати.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кого многумина европратеници го оценуваат како „автократ", остро го отфрли извештајот на ЕК за состојбата на медиумите и судството во Унгарија. Во радиско интервју во неделата Орбан изјави дека „бирократите од Брисел" напаѓаат, иако европските политичари всушност би требало да ги смируваат духовите. Нациите се подбуцнуваат едни против други, наместо заеднички да соработуваат, рече Орбан. Полскиот заменик-министер за правда Себастијан Калета на својата Фејсбук-страница се пожали дека Полска е третирана како некоја колонија. Романскиот претседател Клаус Јоханис, пак, најави дека неговата земја сериозно ќе ги сфати препораките на ЕУ и наново ќе го реформира своето судство. 

Жолчна дебата

ЕУ-државите и Европарламентот во наредните недели и натаму ќе се борат како меѓусебно ефикасно да се поврзе буџетот со правната држава. Германската европратеничка Катарина Барли во дебатата истакна дека е можно правење компромиси по сите можни прашања, „но не и за темелните вредности." Поранешната германска министерка за правда Барли во интервју му префрли на унгарскиот премиер Орбан дека е корумпиран. Орбан пак побара оставка на еврокомесарката Јурова, зашто, според него, таа ги надминува своите компетенции и Унгарија ја нарече „болна демократија".

Полската европратеничка Беата Кемпа тврди дека не постои легална основа за извештаите за владеење на правото кои ги прават ЕК и Европскиот парламент. „Во прашање многу повеќе се федералистичките соништа на левите", рече европратеничката која припаѓа на владејачката национал-конзервативна партија ПиС во Полска, обвинувајќи дека се заговара признавање на специјални права за сексуалните малцинства, а целата работа е напад врз суверенитетот на државите-членки на ЕУ.

„Атмосфера на недоверба"

Еврокомесарката Вера Јурова ги отфрли овие гледања, контрирајќи – станува збор за дијалог со земјите-членки. Недопустливо е во следните седум години да се влеат 1,7 билиони евра во заедничкиот буџет, додека „расте атмосфера на недоверба". Затоа, пред исплатата на средствата е нужна чиста проверка на владеење на правото. На тоа досега првенствено Полска и Унгарија жестоко се противат.

Brüssel EU Sondergipfel Merkel Orban
Ангела Меркел и Виктор Орбан - за Германија владеење на правото е приоритетФотографија: Olivier Hoslet/AFP/Getty Images

Германскиот државен министер во Министерството за надворешни работи Михаел Рот, како претставник на ЕУ-претседателството, го отфрли обидот на одделни пратеници за израмнување на ЕУ со комунистички диктатури од стилот на Советскиот Сојуз. На адреса на Беата Кемпа, Рот изјави дека не станува збор за гарантирање посебни права на сексуални малцинства, туку за еднакви права на сите останати. За германското претседателство владеење на правото претставува приоритет: „Тоа се наоѓа сосема на врвот на агендата". Рот укажа дека ЕК и Европарламентот детектираа неправилности и во Германија, а се разбира само по себе дека ќе се постапи според укажувањата

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија