1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ преговори: И Заев оди да лобира во Брисел

БГ
14 октомври 2019

По шефот на дипломатијата Никола Димитров кој уште од неделата е во Брисел, утре во Луксембург ќе отпатува вицепремиерот Бујар Османи, а в среда ќе им се приклучи и премиерот Зоран Заев. Париз засега не го менува ставот.

https://p.dw.com/p/3RHDX
Europaparlament der Mazedonische Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/F. Florin

Македонскиот државен врв, во последен обид да се обезбеди зелено светло за почеток на преговорите со ЕУ, патува во Брисел и Луксембург каде ќе лобира за позитивна одлука.

Министерот за надворешни работи Димитров веќе е активен во Брисел, каде денеска имаше настап и пред Комисијата за надворешна политика на Европскиот парламент.
„Ова е нашиот состанок со историјата, на кој се очекува донесување на долгоочекуваната и како што е потврдено од многумина, заслужената историска одлука за почеток на преговори со ЕУ“, порача пред европарламентарците Димитров.
Утре Димитров патува за Луксембург каде ќе се одржи состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки, а таму ќе го чека вицепремиерот Османи.
Обајцата ќе лобираат меѓу своите колеги од ЕУ за позитивна одлука.

Како што дознава Дојче веле, в среда напладне двајцата министри во Брисел ќе го пречекаат и премиерот Заев, кој сака да биде присутен во пресрет на самитот на лидерите на ЕУ.
Заев денеска изјави дека за македонската влада е прифатливо и барањето на Франција за вградување на нова методологија во преговарачкиот процес, како и за негова реверзибилност.

„Останувам силно убеден дека ние ќе добиеме датум, односно одлука за почеток на преговорите“, рече денеска Заев.

Вечерва состанок одржува амбасадорскиот совет на ЕУ на кој Финска како актуелен претседавач се обидува да протурка заклучок со кој С. Македонија би ја одржала првата меѓувладина конференција со ЕУ до средината на следната година. Официјален Париз и натаму го одбива тој предлог, и следен обид да се приближат ставовите ќе биде утрешниот состанок на министрите за надворешни работи во Луксембург.

Француската поддршка останува неизвесна

Франција досега ги отфрлаше сите обиди за компромис во однос на одобрувањето на почеток на пристапни преговори со С. Македонија и Албанија. Конечната одлука е во рацете на претседателот Емануел Макрон и, според прогнозите на светските агенции, неговиот став ќе биде познат дури в четврток на самитот на ЕУ. Дотогаш, освен домашните политичари, кај Макрон ќе лобира и германската канцеларка Ангела Меркел. Од синоќешниот состанок во Париз на Макрон и Меркел не произлезе никаков став во однос на проширувањето на ЕУ. Можно е темата повторно да се отвори в среда, во францускиот Тулуз, каде германската и француската влада ќе одржат заеднички состанок.
Германската влада вчера апелираше до Франција и другите скептични влади во ЕУ да се согласат на почеток на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија. Германскиот државен министер Михаел Рот, кој утре ќе ја претставува својата земја на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ,  во интервју за Велт предупреди дека Европа ќе си го прекрши зборот во однос на Тирана и Скопје. Во спротивно, предупреди Рот, доколу Тирана и Скопје повторно бидат одбиени, тоа ќе испрати катастрофален сигнал во регионот.