1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

190410 EU Luftverkehr

19 април 2010

Во големи делови на Европа авионскиот сообраќај и натаму се одвива со потешкотии поради облакот вулканска пепел од Исланд. Натамошните чекори ќе бидат координирани на европско ниво.

https://p.dw.com/p/N027
Ејафјалајокул ги приземи авионите во ЕвропаФотографија: picture-alliance/dpa

Авионите од австриските аеродроми од утринава можат непречено да полетуваат и слетуваат. Данска го отвори воздушниот простор за прелет над 11.000 метри. А надлежните власти во Германија ја продолжија забраната за летање најмалку до утре во 02 часот.

Координација во Брисел

На ЕУ овојпат и’ требаа цели четири дена додека сфати дека е неопходна координирана акција наместо бројните, делумно и контроверзни одлуки на одделните влади. Според најавата на шпанското претседателство денеска во Брисел треба да се најде решение за проблемот. Прво се среќаваат експертите од 27 земји членки, а попладнето преку видео-конференција конечната одлука треба да ја донесат надлежните министри за сообраќај.

Vulkan / Frankfurt / Flughafen / Island
Фотографија: AP

Еврокомесарот за сообраќај Сиим Калас смета дека Европа не може едноставно да седи со скрстени раце и да чека облакот да си замине: „Тоа на подолг рок не е доволно. Не можеме едноставно да чекаме додека вулканскиот облак да исчезне.“

За таа цел е неопходна попрецизна технологија за оцена на опасноста, бидејќи европските авио-компании се жалат на престоргиот пристап на националните влади. Така шефот на германската компанија „Ер Берлин“, Јоахим Хунолд, критикува дека забраната почива само врз компјутерски симулации преземени од надлежните власти во Велика Британија. Конкретни мерења на состојбата, барем со балон на надлежната метеоролошка служба, се’ уште не се спроведени, нагласува Хунолд. Сличен е ставот и на најголемата германска авиокомпанија, „Луфтханза“, која од петокот исто така ги прекина сите летови, а две третини од флотата остави на аеродроми во странство. Портпаролот Клаус Валтер потврди дека во меѓувреме десет авиони биле префрлени без патници од Минхен во Франкфурт, по што пилотите биле детално испитани за условите на летот: „Посадите на авионите не стекнаа впечаток дека има пречки во воздушниот сообраќај на висините на кои летале.“

Flughafen Chaos Vulkan
Фотографија: AP

Техничките проверки на авионите исто така не покажале никакви траги на оштетување на заштитниот слој, ниту, пак, на стаклата. Авионите летале на висина меѓу 3.000 и 8.000 метри. Холандската компанија „КЛМ“ испратила дури еден авион на висина од 13.000 метри и ни таму немало никакви проблеми. Такво е искуството на „Ер Франс“, која од денеска сака да го користи аеродромот во Тулуз за меѓународни летови. Поради ваквите искуства германските и европските авиокомпании бараат да се спроведат конкретни мерења пред да се продолжува забраната за летање.

Рамзауер ги отфрли критиките

Германскиот министер за сообраќај Петер Рамзауер ги отфрли критиките од авио-компаниите како неодговорни. Тој смета дека воздушниот сообраќај ќе биде затворен во делови од Европа и во наредните денови. Тој нагласи дека се придржува до меѓународните норми. Друг пристап кон проблемите со облакот вулканска пепел би бил неодговорен, нагласи министерот Рамзауер.

Автор: Мартин Боне/Горан Чутаноски

Редактор: Александра Трајковска