1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Најнов биланс: 15 починати и 628 нови случаи на коронавирус

ДТЗ /ДВ
27 октомври 2020

Лекот кој го „крена на нозе“ американскиот претседател Донал Трамп ќе се набави и за лекување на заразените во земјава. За таа намена државата ќе потроши 67,5 милиони денари.

https://p.dw.com/p/3kVss
Nordmazedonien Corona-Pandemie in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Продолжува трендот на рекорден број на заразени и починати од Ковид-19 во С. Македонија. Како што објави Министерството за здравство, денеска се регистрирани 628 нови случаи на коронавирус, а 15 лица починале. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во земјата од почетокот на епидемијата изнесува 27.827, бројката на оздравени пациенти е 19.479, на починати е 949, а бројот на активни случаи изнесува 7.399.

Одобрена набавката на ремдесивир

Заболените од коронавирус во С. Македонија во иднина ќе можат да се лекуваат и со „ремдесивир“, лек за кој многу се зборуваше изминатиов период во јавноста, особено откако беше објавено дека со негова помош за три дена беше излечен и американскиот претседател Доналд Трамп.

Владата денеска ја одобри набавката на лекот „ремдесивир“ за што ќе потроши 67,5 милиони денари.
Контроверзниот лек се најде во фокусот на вниманието во светот откако истражувањата посочија дека може да има корисен ефект врз тешките случаи на Ковид-19. Интересот околу него уште повеќе се зголеми кога САД објавија дека ги купуваат буквално сите залихи на лекот. Ова се случи откако Администрацијата за храна и лекови на САД (ФДА) го одобри антивирусниот лек што се дава интравенозно  на пациенти на кои им е потребна хоспитализација. Овој лек се смета дека го намалува времето на опоравување за пет дена – од 15 дена во просек на 10, покажуваат резултатите од испитувањето објавено од американскиот Национален институт за здравство. 

Ägypten Keiro | Coronavirus | Medikament Remdesivir
Ќе помогне ли ремдесивир во лекувањето на пациентите во С. МакедонијаФотографија: Reuters/A. Abdallah Dalsh

Сомнеж во ремдесивир
Лекот е одобрен за лица постари од 12 години и над 40 килограми на кои им е потребна хоспитализација поради инфекција со вирусот. Сепак, обемна студија спроведена од СЗО на почетокот на оваа година покажа дека лекот најверојатно немал ефект врз стапката на преживување на хоспитализираните пациенти опфатени со студијата. Студијата на СЗО беше спроведена врз 11,266 возрасни пациенти во 30 држави и покажа дека ремдесивир нема никаков или многу мал ефект врз преживувањето на луѓето или врз должината на болничкиот престој на заболените.
Овој лек во комбинација со други, како антивиралниот Регеневир, беше користен при лекувањето на американскиот претседател Трамп, кој за неколку дена ја напушти болницата, изјавувајќи дека „се чувствува многу моќно“ по успешното лекување.