1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Во Франција никој не е над законот

Барбара Везел
2 март 2021

Пресудата против поранешниот претседател Никола Саркози е сигнал: Француската владејачка класа предолго беше навикната на неказнивост. На тој начин, судот ѝ служи на демократијата, смета Барбара Везел.

https://p.dw.com/p/3q5Iy
Frankreich Libyen Sarkozy Gaddafi
Фотографија: Abd Rabbo-Mousse/abaca/picture alliance

Не дека Никола Саркози ќе мора да оди во затвор со дилери на дрога и крадци на автомобили. Тој може да ја отслужи казната, ако таа биде потврдена по жалбената постапка, удобно дома, со електронска алка на ногата. И неговата сопруга Карла Бруни притоа може да му свири песничка на гитара со рефренот: „Можеш да правиш многу нешта, само да не дозволиш да те фатат“.

А многу нешта се имаа насобрано во ерата на Саркози. На почеток Французите весело ги следеа деталите од неговиот љубовен живот; неговите политички махинации излегоа на виделина дури подоцна. Тој сега е осуден, бидејќи судот утврди дека е докажано оти подмитил државен обвинител во 2014 година за да добие информации за претходна истрага.

Претседателство на афери

А во приказната има сѐ: мобилни телефони за еднократна употреба, прислушувани телефонски повици, луксузни функции во Монако - судските акти нудат доволно материјал за добро сценарио. И тоа во никој случај не е сè: На претходното судење, Саркози беше ослободен од обвинение за прифаќање донации кои не биле пријавени од наследничката на козметичката компанија Лореал, Лилијан Бетанкур. Но, аферата го оптоваруваше со години.

Barbara Wesel Kommentarbild App *PROVISORISCH*
Барбара Везел, авторка на коментарот

А судството нема завршено со екс-претседателот. За две недели ќе започне уште едно судење за незаконско финансирање на неговата претседателска кампања во 2007 година. За Саркози се вели дека добил 50 милиони евра од поранешниот либиски властодржец Гадафи. Освен тоа, во тек е и истрага за неговата консултантска работа за руска компанија, а има и непријатни прашања во врска со вработувањето на неговата прва сопруга како соработничка.

Повеќе:

-Никола Саркози осуден на три години затвор

-Обвинителството бара затвор за Саркози

-Никола Саркози на суд поради корупција

Саркози е втор екс-претседател осуден од француски суд: во 2011 година Жак Ширак беше осуден за проневера и злоупотреба на народни пари додека бил градоначалник на Париз. Како и да е, најспектакуларниот случај беше тој против Франсоа Фијон, кој со години ѝ исплаќал соработничка плата на сопругата, иако таа никогаш не работела. Пресудата ја уништи кариерата на конзервативниот претседателски кандидат и ги отвори портите за победата на Емануел Макрон.

Гнев кон владејачката структура

Пред неколку децении беше поинаку: на пример, обвинувањата против Валери Жискар Дестен дека добил торба со дијаманти од централноафриканскиот диктатор Бокаса, згаснаа. И дека Франсоа Митеран ги ставил своите љубовница и ќерка во државен стан и полицијата ги чувала, некако беше прифатено за нормално. Во Франција, долго време, важеа поинакви правила за владејачката класа отколку за граѓаните. И од сето ова се разгоре гневот кој Французите го чувствуваат кон нивната владејачка структура.

Frankreich Nicolas Sarkozy wegen Korruption verurteilt
Фотографија: Michel Euler/AP/dpa/picture alliance

Меѓутоа, веќе неколку години, судството зачестено ги истражува деликтите извршени од политичари, кои претходно би биле турнати под килим. Очекувањата на јавноста за праведен кривичен прогон против големите и малите пораснаа. Старите клики нудат сѐ помалку заштит, а најновите истраги за сексуалните напади против големците на париското општество укажуваат на промена на климата.

Речиси без шанси за камбек

Се разбира, случаи како овој против Саркози, носат и опасности. Тој самиот секогаш велеше дека целата работа е лов на вештерки. И, сосема е можно политички да се инструментализираат ваквите процеси против политичарите од противничката страна. Затоа треба да докаже колку објективно и независно судството всушност ја извршува својата работа.

Саркози сака да биде повторно претседател

За екс-претседателот пресудата е удар. Се вели дека Саркози флертувал со можноста да се обиде да направи камбек на претседателските избори наредната пролет, бидејќи конзервативците немаат уверливи кандидати. Формално, тој сè уште може да се кандидира, но влегувањето во изборната кампања со криминално досие ќе биде тешко. Од друга страна, Саркози се разбира може да продолжи да ги влече конците внатре во партијата. Сепак, пресудата против него е знак дека никој не е над законот. Затоа таа е важен сигнал до фрустрираните и дезилузионираните Французи.