1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Музика

Светот не може да се замисли без Џон Ленон

ДТЗ /ДВ
8 декември 2020

„Како да се разбудив од сон и од тогаш како да не бев дете повеќе“. Со овие зборови Шон Ленон опиша како се чувствувал кога слушнал дека е убиен неговиот татко Џон Ленон. Тоа се случи пред точно 40 години.

https://p.dw.com/p/3mRTQ
USA Gedenkstätte für John Lennon in New York
Фотографија: Harry Laub/imageBroker/picture-alliance

Многу работи во елегантниот станбен комплекс Дакота во Менхетн, Њујорк сè уште потсетуваат на Џон Ленон: фотографиите од членот на Битлси се наоѓаат во продавниците и рестораните, а неговата вдовица Јоко Оно, која сè уште живее во Дакота, направи спомен-обележје „Полиња со јагоди“ во блискиот Централ парк со мозаик на кој пишува „Замисли“.
Ленон со Битлси ја испиша историјата, но тој беше успешен и без нив. Пред точно 40 години, тој беше убиен во Њујорк. Убиецот и денес е во затвор, а целиот свет се сеќава на Ленон.

„Се разбудив и повеќе како да не бев дете“ 

Во вторникот, на 8 декември 1980 година, Ленон беше застрелан од Марк Дејвид Чепмен од Тексас, кој тогаш имаше 25 години. Тој најпрво околу пет часот попладне, кога излегувал од зградата, го замолил Ленон да го потпише неговиот ново издаден албум „Двојна фантазија“ (Double Fantasy). И кога Ленон, по неколку часа, се враќал дома на западната страна од Централ парк, Чепмен пукал и го погодил четири пати. „Погоден сум“ - се наводно последните зборови на Ленон. Кога бил пренесен во болница тој веќе бил мртов. Чепмен останал да седи пред Дакота сè додека полицијата не го уапсила. Додека чекал, го читал познатиот роман на Селинџер „Ловец во 'ржта“.

-повеќе на темата: 80 години од раѓањето на Џон Ленон

Веста за смртта на култниот музичар и заколнат пацифист предизвика шок и ужас низ целиот свет. „Како да се разбудив од сон и како да не бев веќе дете од тој момент“, рече синот на Ленон, Шон, во едно интервју години подоцна. Во тоа време тој имаше пет години, кога го изгуби татка си, кој имаше само 40 години и беше култна личност на цела генерација. Како пејач и текстописец на Битлси, но исто така и со неговите соло албуми и уметнички настапи, Џон Ленон фасцинираше, но и поларизираше милиони луѓе ширум светот.

John Lennon
Џон Ленон беше убиен на 40 годишна возрастФотографија: AP Photo/picture-alliance


Како петнаесетгодишник, тој го основа својот прв бенд во Ливерпул. Потоа го запозна Пол Макартни и - се родија Битлси. Нивниот прв официјален ангажман беше во Хамбург на 17 август 1960 година, со настап во Индра, мешавина од ноќен клуб и стриптиз клуб. Тие во тоа време немаа свои песни и свиреа рокенрол од педесеттите години.
Во Хамбург, тие развија и стил и имиџ. Тие брзо станаа пријатели со германската уметничка група „Ексис“ (Exis) и со фотографите Астрид Кирхер и Јирген Фолмер. „Студентите од Хамбург први го препознаа и почувствуваа духот на Битлси“, рече подоцна Ленон. Бендот од Ливерпул беше инспириран не само од начинот на живот на младите уметници во Хамбург, туку и од нивните специфични фризури. Подоцна, Битлси настапија во клубот „Топ тен“. Свиреа 92 ноќи, без пауза. Таму тие го запознаа и Ринго Стар, кој исто така свиреше со друг бенд во Хамбург. Стар беше замена по неколку дена кога Пит Бест беше болен, а подоцна стана постојан член на бендот. Никаде во светот Битлси не свиреле толку долго како во Хамбург: од август 1960 година до декември 1962 година. Последниот настап во Хамбург го имаа како супер ѕвезди на 26 јуни 1966 година. 

Химна на мирот

Битлси го освоија светот со хитовите како „A Hard Day's Night“, „Help“ или „All You Need Is Love“. Во 1970 година се разијдоа, а Џон Ленон се посвети на соло кариера. Семејниот живот со Јоко Оно во Њујорк, сè до смртта на Ленон, е исполнет со музика, уметност и активизам за мир.
Едно утро во 1971 година, во неговата соба на имотот Титенхерст, тој ја напишал култната песна „Замисли“ (Imagine). Во неа вели дека верува дека светот може да се промени и дека раните се лекуваат ако луѓето имаат исти соништа. „Тој сигурно никогаш не помислуваше дека тоа ќе стане химна“, рече Јоко Оно 30 години подоцна. „Замисли“ беше она во што веруваше Ленон, а тоа е дека сите сме едно: една земја, еден свет и еден народ.
Стихот „Замисли да нема небо“ потекнува од интерактивниот дел од нејзината книга „Грејпфрут“ („Замислете да дозволите златна рипка да плива на небото“). Самиот Ленон еднаш рече дека песната „Замисли“, со идеја за еднаквост на сите луѓе, бришење граници, религии и влади, всушност е како Комунистичкиот манифест. Нежната мелодија на песната само ја истакнува нејзината суштинска хуманост.

Mark David Chapman
Чепмен сакал да стане славен со убиството на ЛенонФотографија: picture-alliance/dpa

Чепмен сакал да стане славен со убиството

65-годишниот убиец Чепмен е осуден на „20 години, па до доживотен затвор“. Тој веќе 11 пати поднесувал молба за условно ослободување. Неговото барање беше одбиено исто толку пати - меѓу другото, затоа што вдовицата Јоко Оно се изјаснуваше против тоа секој пат. Чепмен може да поднесе ново барање најрано за две години. Тој рече дека жали за убиството на Џон Ленон. „Нема оправдување за такво дело. Само сакав да станам славен“. 
За милиони луѓе, Џон Ленон беше и останува култна фигура која ја почитуваат многумина ширум светот. Во негова чест, пред неколку недели на денот кога требаше да го прослави 80. роденден, во сино беше осветлен и врвот на Емпајер стејт билдинг, на кој можеше да се види и знакот на мирот. Денешнот свет всушност не може да се замисли без песната на Ленон „Замисли“.