1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара решение, но нема договор за црквата во Октиси

АТ/ миа/ макфакс30 август 2013

Покрај очекувањата од средбата на митрополитот г. Тимотеј и градоначалникот на општина Струга, Зијадин Села, со цел решавање на проблемите околу изградбата на црквата во село Октиси, конкретен договор не беше постигнат.

https://p.dw.com/p/19Z6Z
.Фотографија: DW

Градоначалникот на општина Струга Зијадин Села и митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј денеска во седиштето на епархијата во Охрид одржаа средба во врска со изградбата на црква во село Октиси.

Ваквите поединечни средби, според Села, се подобри за решавање на ситуацијата, за што рече дека ќе даде свој придонес верските заедници да се договорат.

„Не бевме на средбата да се договориме нешто. Нашата цел е граѓаните да живеат мирно и спокојно и да немаме вакви проблеми. Ни најмалку не ни требаат верски проблеми меѓу граѓаните што живеат во Македонија. Тоа е верски проблем и јас само ќе го дадам мојот придонес за верските заедници да се договорат“, изјави Села по средбата.

Mazedonien Kommunalwahlen Zijadin Selja
Градоначалникот на општина Струга Зијадин СелаФотографија: DW/M. Jovanoski

Струшкиот градоначалник уште еднаш повтори дека времената мерка што вчера ја побарал од судот за запирање на Решението за градба на параклисот во село Октиси моментно е најдобро решение.

„Времената мерка не е за забрана, туку привремено запирање на активностите. Рокот што го имаат православните до 30 септември, со времената мерка ќе се продолжи, со што ќе си дадеме простор страстите да паднат и верските заедници да седнат да се договорат. Времената мерка е најдобрто решение заради безбедносни причини“, нагласи Села.

По средбата, од епархијата не дадоа изјава и најавија дека разговорите ќе продолжат. Иако беше најавено, на денешната средба не присуствуваа претставници од Исламската верска заедница.

Премиерот Никола Груевски повика да се најде решение за недоразбирањата околу изградбата на црква во струшко Октиси и да продолжи добриот соживот на жителите во селото.

„Мој став е дека треба да се најде решение, не треба едни со други да се попречуваме. Тоа било мој став секогаш и во секоја ситуација, треба со ладни глави да се размисли дека треба да се живее и понатаму и дека тие луѓе живеат заедно со години, со децении, ако гледаме повеќе историски, со векови во смисла на нивните предци, така што добро е да се смират страстите, да се седне, да се разговара и да се најде решение да се надмине тој проблем. Тие треба да продолжат пак да живеат заедно и не е добро да се гледаат попреку, да се гледаат како непријатели или да гледаат кој, кому и како да наштети“, рече премиерот Груевски.

Жителите од христијанска вероисповест во неделата беа спречени од нивните сожители од муслиманска вероисповест во поставувањето темели за изградба на параклис во селото. Полициски кордон ги делеше двете групи да не настане поголем инцидент, по што претставници од двете верски заедници на која присуствуваа градоначалникот Села и митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј се договорија за денеска да разговараат за надминување на проблемот. Изградбата на црквата Св. Димитрија, според Вевчанската парохија, требало да се гради на плац од МПЦ, на местото каде што постоел објект, кој поради дотраеноста бил срушен, за што постоеле документи и фотографии.