Најубавите фонтани во Европа

Фонтаната на Трафалгар Сквер во Лондон

Фонтаните создаваат атмосфера и честопати се средишна точка на среќавање на туристите и мештаните. Така е и со фонтаната на Трафалгар Сквер, изградена во 1939 година во знак на сеќавање на двајца адмирали на кралската морнарица. За многу жители на Лондон, плоштадот е центар на градот. Кога ќе се седне на крајот на фонтаната, може да се набљудува пулсирањето на метрополата.

Најубавите фонтани во Европа

Фонтаната Треви во Рим

Оној кој ќе фрли паричка во водата, ќе се врати повторно во Рим, вели една легенда на која ѝ веруваат многу туристи. Зашто, секоја година на дното се собираат монети во вредност од околу еден милион евра. Фонтаната Треви е омилена кулиса и за филмаџиите. Особено е позната сцената од филмот „La Dolce Vita“, кога актерката Анита Екберг се капе во фонтаната.

Најубавите фонтани во Европа

Варшавската фонтана во Париз

Со своето корито, каскадите и фигурите Варшавската фонтана во Париз е огромно уметничко дело. Особено впечатливи се дваесетте „топовски цевки“ од кои на редовни временски отстојанија во насока на Ајфеловата кула бликаат млазеви вода во должина од околу 50 метри. Перфектно за разладување!

Најубавите фонтани во Европа

Петерхоф-фонтаните во Санкт Петербург

Во близина на Санкт Петербург на почетокот на 18 век царот Петар дал налог за изградба на негова верзија на францускиот дворец Версај - Петерхоф. Била изградена раскошна летна резиденција со систем на прекрасни фонтани кој секојдневно се активира во 11 часот. Тогаш од околу 150-те фонтани во Петерхоф во една секунда излегуваат по околу 30.000 литри вода.

Најубавите фонтани во Европа

Фонтаната Же-До во Женева

Млазот од фонтаната Же-До е висок околу 140 метри. На почетокот симболот на Женева воопшто не бил планиран како атракција, туку бил нужно зло. Служел како безбедносен вентил за водната пумпа со која биле покренувани машини од индустријата и фирмите. Кога забележале како спектакл претставува фонтаната, градските власти ја преместиле во езерото и го зголемиле притисокот.

Најубавите фонтани во Европа

Игрите на водата во Горскиот парк Вилхелмсхее во Касел

Горскиот парк Вилхелмсхее се наоѓа високо над Касел, а поради својот барокен дизајн во 2013 година беше прогласен за Светско културно наследство. Централен елемент се водопадите: од мај до октомври секојдневно по еден час низ каскадите на ридот се пушта вода, а круна на сѐ е 50 метри високиот гејзир кој со помош на притисок ја исфрла водата кон небото.

Најубавите фонтани во Европа

Џинот во Ватенс

Џинот во Ватенс, кај Инсбрук, испушта вода, а истовремено е и музеј за кристали. Неговиот „татко“, мултимедијалниот уметник Андре Хелер, на тој начин сака да ја раскаже приказната за џинот кој заминал во светот со цел да го доживее со сите негови богатства. Во Ватенс запрел и оттогаш бдее над своите чудесни реткости.

Најубавите фонтани во Европа

Фонтаната славина во Менорка

Како е ова можно? Славината лебди во воздух? Оваа фонтана во Менорка фасцинира и вчудовидува зашто се чини како водата да извира од нигде-никаде. Тоа не е чудо, туку илузија: носачите на фонтаната се сокриени во водата. Вакви лебдечки славини има на повеќе места, како во белгиски Иперн или во шпанскиот град Кадиз.

Најубавите фонтани во Европа

Фонтаната Манекен Пис во Брисел

Толку мал, а толку славен! И, згора на тоа уште и променлив. Манекен Пис има само 61 сантиметар, а сепак е симбол на Брисел. Бронзеното момченце кое уринира е голо, но редовно се облекува. На фотографијата е облечено во носија на рицарскиот орден Свети Михаил. Манекен Пис има 1000 различни облеки, сите со отворен шлиц.

Најубавите фонтани во Европа

Магичната фонтана Монтжуик во Барселона

Магичната фонтана е изградена во подножјето на Монтжуик во 1929 година по повод Светската изложба во Барселона. Сиот раскош на фонтаната е видлив најмногу ноќе, кога се истакнува посебно со музика и светлосни ефекти. Од фонтаната во една секунда излегуваат по околу 2000 литри вода. Доживувањето, како што вели и името, е магично!

Фотографии на денот

И на тигрите им е жешко на плус 45

Пакистанскиот град Лахоре со денови е зафатен од топлотен бран во кој температурите не се спуштаат под 40 целзиусови степени а не ретко преминуваат и 45, а истовремено влажноста на воздухот е навистина голема. Од горештините на страдаат само луѓето туку и животните во градската зоолошка градина. Прашање е колку притоа помага ова базенче...

Фотографии на денот

Двојно виножито по пороен дожд

Чангчуен е главен град на провинцијата Џилин во североисточниот дел на Народна Република Кина, со силна автомобилска и дигитална индустрија. Градот заедно со приградските населби има околу 8 милиони жители. Двојното  виножито беше фотографирано во изминатите денови во кои имаше невреме со поројни дождови. 

Фотографии на денот

Соединети имигрантски држави

Уметникот Роберто Маркез во рамки на својата протесна акција ги напиша зборовите на знамето - „United States of Immigrants“, значи „Соединети држави на имигранти“. Негова цел е поголема почит кон мигрантите во САД и особено од страна на претседателот Доналд Трамп - оваа #ФотографијаНаДенот е сликана во Сиудад Хуарез, од мексиканската страна на ѕидот кој се наоѓа на границата меѓу двете држави.

Фотографии на денот

Седумкатница од песок

Прекрасниот замок од песок на оваа #ФотографијаНаДенот влезе во Гинисовата книга на рекорди. Замокот беше направен во рамките на Фестивалот за песочни скулптури во местото Бинц на Балтичкото море и е висок 17,66 метри. За да се собори претходниот рекорд (16,68м) беа потребни 11.000 тони песок. Претходниот обид од 2017 година да се собори рекордот беше неуспешен, но овој замок е стабилен.

Фотографии на денот

Пристигнува големиот човек

Најголемата марионета во Велика Британија е токму оваа. Таа се нарекува Big Man Walking.На оваа #ФотографијаНаДенот е доловен моментот во кој „Големиот човек“ го извлекуваат од куќата во која е вообичаено сместен, во Драмор во Единбург. Во јуни тука се одржува голем летен фестивал на кој група уметници го претвора овој регион во волшебен свет полн со џиновски кукли и змејови.

Фотографии на денот

Велосипедски автопат

Ова е првата делница од велосипедскиот автопат во германската покраина Хесен, долга само четири километри, а широка четири метри, па сепак политичарите и сообраќајните експерти ја сметаат за пресврт во сообраќајот. Зашто, автопатот наменет само за велосипеди, ќе продолжи да се гради до 2022 година, ќе биде долг 30 километри и ќе ги поврзува Франкфурт и Дармштат. Сето тоа ќе чини 43 милиони евра.

Фотографии на денот

Амазон почнува достава со дронови

Американскиот гигант за онлајн-трговија Амазон за неколку месеци почнува со доставување пакети на домашна адреса со дронови. Дроновите може на релации до 25 км да носат пакети со тежина под 2,3 килограми. За тоа ќе им бидат потребни помалку од 30 минути. Дроновите ќе тргнуваат и слетуваат вертикално, како хеликоптерите. Според најавите, дроновите може да летаат стабилно и во услови на силен ветер.

Фотографии на денот

На планина од отпад

Оваа Индијка, застаната на врвот од планината отпад на периферијата на Мумбај, и на Светскиот ден на заштита на животната средина собира отпадоци кои може да се рециклираат. Работата е опасна и го загрозува нејзиното здравје. Светскиот ден за заштита на животната средина, 5 јуни, има за цел да ја подигне свеста за заштита на околината и еколошкиот начин на живеење и да поттикне мерки за заштита.

Фотографии на денот

Шампионот Вардар е дома

#ФотографијаНаДенот од пречекот во Скопје на ракометарите на Вардар. Европскиот пехар пристигна во Скопје, граѓаните еуфорично ги поздравија своите Вардарци, пеејќи ја „Ој Вардаре македонски“, а тие пак емотивно порачуваа дека Вардар е еден и повторуваа дека за успех треба да се игра со срце.

Фотографии на денот

Вардар, пехар, солзи...

Вардарци со шампионскиот пехар в раце по финалето кое ги искачи на европскиот пиедестал, а на навивачите им донесе огромна радост и гордост. „Ланксес Арена“ беше толку полна со радост и солзи, вресоци и неверување, што и градоначалничката на Келн, Хенриете Рикер на Твитер напиша: „Ваква атмосфера има само во меката на ракометот Келн! Му честитам на Вардар на победата во ЕХФ Лигата на шампиони!“

Фотографии на денот

Радост и олеснување

Речиси илјада апсолвенти го прославија дипломирањето по четири тешки студентски години на Воздухопловната академија во Колорадо спрингс, во американската сојузна држава Колорадо. Тие на прославата беа почестени и со присуството на највисокиот можен гостин. Претседателот Доналд Трамп, како што се очекуваше, одржа патриотски говор и се ракуваше и му честиташе на секој од идните поручници поединечно.

Фотографии на денот

Почина Там

На Борнео почина последниот мажјак на Суматрански носорог, Там. На овој остров во инденезискиот архипелаг сега живее само уште еден една женка од овој животински вид. Според податоците на Светската фондација за природа (ВВФ), на светот има само уште 80-тина вакви носорози, и практично нема надеж дека тие ќе опстанат по природен пат. Последна шанса е програмата за нивно спасување.

Фотографии на денот

Зиплајн на Ајфеловата кула

#ФотографијаНаДенот од Париз, каде од денеска до втори јуни може да се возите со зиплајн поставен на Ајфеловата кула! Се тргнува од вториот кат на Алфеловата кула, а возењето завршува кај Воената Школа - патека од 800 метри која се минува за 60 секунди. Ова возење не е за плашливи, зашто брзината на движење е 88 километри на час на височина од 115 метри.

Фотографии на денот

„Заштити ме!“

Тешко е да се избегне ваков поглед. А тоа впрочем беше и целта. Уличните уметници украсија воз со мотиви кои повикуваат на заштита на животната средина. „Ноевиот воз“ тргна од Катовице во Полска веднаш по Светската конференција за климатски промени во декември 2018 година и патува низ цела Европа. Оваа #ФотографијаНаДенот е направена деновиве на железничката станица во германскиот град Лајпциг.

Фотографии на денот

Уште пошарен Европски парламент

По европските избори, владеењето со ЕУ ќе биде потешко. Поради големите згуби на гласови, демохристијаните и социјалдемократите за првпат заедно немаат мнозинство во ЕП, ќе се бараат сојузи со либералите и со зелените, кои го зголемија бројот на пратенички места. Десничарските популисти и националистите од друга страна остварија успег во големите земји на ЕУ, меѓу другото во Италија и Франција.

Фотографии на денот

Европски избори со гласачко ливче од еден метар

Право на глас на европските избори имаа над 65 милиони избирачи. Гласачкото ливче беше долго речиси еден метар. На него стоеја 41 партија и политички здруженија. Тие беа наредени според резултатите што ги постигнале на претходните европски избори, а по нив следуваа партии и здруженија кои тогаш не учествувале на изборите.

Фотографии на денот

„Бебето“ учи да плива

Нашата денешна фотографија на денот му ја посветуваме на моржот кој се роди во Зоолошката градина во Хамбург и уште нема ни име. Три недели старото „бебе“, засега, неговите негуватели нагалено го нарекуваат „куп сланина“ и „мустаклија“. Фотографијата е направена за време на неговиот прв час по пливање. Мајката Полоза притоа мораше активно да му помага на своето 80-килограми тешко младенче. 

Фотографии на денот

Гласање кај пингвините

Не, не се европски избори. Фотографијата е направена за време на гласањето за изборите за парламентот во Австралија. Австралискиот тим научници на Антарктикот на овој начин го оствари своето граѓанско право. Ова е веројатно најјужната гласачка кутија во светот. И многу веројатно- најстудената. Сместена е на Антарктикот. Таму се наоѓа австралиската истражувачка станица Дејвис.

Фотографии на денот

Олдтајмерите сѐ поомилени

Бројот на олдтајмери во Германија се зголемува. До 1.01.2019. биле регистрирани 536.515 возила постари од 30 години. Тоа се 58.765 олдтајмери повеќе отколку во годината пред тоа. Најголемиот дел од возилата имаат помеѓу 30 и 39 години, а 43.000 возила имаат повеќе од 60 години. На #ФотографијаНаДенот: Фолксваген бубачка од 1950-та на саем на олдтајмери и јангтајмери „Техно Класика“ во Есен

Фотографии на денот

Европа за сите

Една недела пред европските избори стотици илјади Европејци излегоа на демонстрации против национализмот. На демонстрации повика сојузот „Европа за сите“, кому му припаѓаат околу 250 иницијативи. Денес е поважно од кога и да е да се заложиме за Европа која ќе им застане на патот на национализмот и изолацијата, порачаа организаторите. 

Фотографии на денот

Хулахуп за здравје и расположение

Каков ритуал наутро имате? Прво пиете кафе или можеби вежбате? Во Кина стотици луѓе вежбаат со хулахуп! Наредени строго во линија, фановите на хухалупот во Шенијанг, во кинеската провинција Лиаонинг, тренираат групно и се забавуваат. Тренингот со тркалото му дава поддршка на кардиоваскуларниот систем, ја зајакнува мускулатурата, поттикнува размена на масти во организмот и ја подобрува кондицијата.

Фотографии на денот

Тамара не’ направи „Горди“

Тамара Тодевска се пласираше во финалето на Евросонгот во Тел Авив со композицијата „Горда“ (Proud). За првпат по седум години Северна Македонија има свој претставник на финалната вечер. „Јас сум многу горда на мојот тим, на мојата земја. Бидете горди и никогаш не ја кријте вашата големина“, порача Тамара на прес-конференцијата по настапот.

Фотографии на денот

Роденден на Ајфеловата кула

Париз на симболот на градот му посака среќен роденден со светлосно шоу и концерт. Инженерот Густав Ајфел ја создаде Ајфеловата кула за Светската изложба во Париз во 1889 година. На 15 мај пред 130 години Ајфеловата кула првпат беше отворена за посетители. Оттогаш е една од најголемите туристички атракции во светот - 324 метри високата кула годишно има по околу шест милиони посетители.

Фотографии на денот

Летото сепак доаѓа

Пролетните температури во Германија годинава се далеку од високи. Но ако се суди според активностите на плажите на Балтичко Море има зрно надеж дека сонцето конечно ќе огрее како што треба. На плажата во Тимендорф на островот Поел почна местењето на корпите за седење на плажа. Оние што се оштетени треба да се поправат, а треба да им се нанесе и малку шминка, односно боја. И сезоната може да почне!

Фотографии на денот

Пешачки премин за кокошки

Овој петел во Ертинген, Баден Виртемберг, ги почитува сообраќајните правила и улицата ја преминува на пешачкиот премин предвиден за него. На улицата постои дури и знак за пешачки премин за кокошки. Знакот, рака на срце, бил само шега на еден од жителите на соседното село, кој забележал дека кокошките и петлите ја преминуваат улицата секогаш на ова место за да се напијат вода од бунарот преку патот

Фотографии на денот

Огномет за Денот на победата 

Ова е огнометот над меморијалниот парк Поклонаја Гора. Денот на победата во Русија традиционално се одбележува и со голема воена парада. Рускиот претседател Владимир Путин порача дека воената сила на земјата е осигурана. Паради и манифестации на 9 мај се одржаа во цела Русија.

Фотографии на денот

Прв Рамазан по цунамито

Овие двајца мажи во индонезискиот град Палу го чекаат заоѓањето на сонцето и крајот на постот за тој ден. Од 6 мај муслиманите го започнаа рамазанскиот пост. За жителите на Палу ова е прв Рамазан по катастрофалното цунами во септември 2018. И натаму големи делови од градот се уништени, токму како и џамијата на оваа #ФотографијаНаДенот. Стотици луѓе сѐ уште живеат во привремени сместувалишта

Фотографии на денот

Скопје го пречекува папата

Папата Франциско на скопскиот аеродром беше пречекан од претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев. Кулминација на посетата беше Светата литургија со папата на плоштадот Македонија, кој за таа цел, впрочем како и целата македонска престолнина, беше „разубавен“. Ова е прва и воедно историска посета на еден папа на Северна Македонија.

Фотографии на денот

Петтиот и прв

Кандидатот на владејачката коалиција победи со предност од околу 60 илјади гласови пред кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ. Стево Пендаровски освои 51,66  а Гордана Сиљановска-Давкова, 44,73 насто од гласовите. Излезноста на изборите изнесува 46,70 проценти. Пендаровски ќе биде петтиот македонски претседател по прогласувањето на независност и прв по промената на името на државата во Северна Македонија.

Фотографии на денот

Втор круг претседателски избори

Во трка во вториот круг од претседателските избори беа Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата, и Гордана Сиљановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Се гласашњ на 3.480 избирачки места, а право на глас имаа 1.808.131 граѓани. Избирачките места беа отворени од 7 до 19 часот. Изборите ги следеа над три илјади домашни и над 500 странски набљудувачи.

Фотографии на денот

Фестивал на змии

Во малото италијанско планинско местенце Кокуло на почетокот на мај се одржува „Фестивалот на фаќачи на змии“. Во фокусот на овој фестивал е еден од најстарите и најчудни обичаи во Европа: на процесија, низ местото се носи статуа на Свети Доминик од Сора во природна големина, на која има десетици змии. Наводно од тоа како се однесуваат змиите, може да се претпостави што следува во иднина.

Фотографии на денот

Путин и рускиот интернет

Карикатурата на Сергеј Елкин го прикажува рускиот претседател Владимир Путин како го извлекува кабелот на „светскиот интернет“ од штекер. Путин го потпиша законот за руски интернет, а тој ќе стапи во сила во ноември 2019. Критичарите сметаат дека тоа е обид на владата да ги контролира содржините и да ја изолира руската мрежа. Во изминатите недели илјадници луѓе протестираа против законот.

Фотографии на денот

Очајот на Венецуела

Насилствата во Венецуела не запираат. Антивладините демонстранти имаа жестоки судири со безбедносните сили, при што се повредени многу луѓе, а загина една жена. Опозицијата сака да го зголеми притисокот врз Мадуро и повика на штрајкови во земјата, кои би се претвориле во генерален штрајк.

Фотографии на денот

Најголемото плишено мече на светот

Светот досега не видел толку големо плишено мече! На жителите на мексиканскиот град Ксонакатлан им беа потребни цели три месеци за да го наполнат мечето долго 20 метри и тешко четири тони. Мечето „Ксонита“, кое влезе во Гинисовата книга на рекорди како најголемото плишено мече на светот, сега е изложено во градот, а му се воодушевуваат не само децата, туку и возрасните.

Фотографии на денот

Танцот на вештерките

Валпургиска ноќ е ноќта помеѓу 30 април и 1 мај. Илјадници луѓе се собираат на панаѓури околу планината Брокен, се палат огнови и се танцува. Обичај е да се има костум на вештерка или ѓавол. Првата организирана прослава на Валпургиската ноќ датира од 1896. Така се прославува доаѓањето на пролетта. На #ФотографијаНаДенот актери во костуми на проба за настап во рамки на Валпургискиот отворен тетатар

Фотографии на денот

Убавина среде катастрофа

На пеперутката всушност овде не ѝ е место. Се сместила на исушената почва на резервоарот Лос Лаурелес, од каде со вода се снабдува главниот град на Хондурас, Тегусигалпа. Од овде доаѓа повеќе од половина од водата која му е неопходна на градот со 900.000 жители. Во Хондурас владее огромна суша. Исушената почва е убава единствено за фотографиите на кои се уловени моменти како овој.

Фотографии на денот

Почнува бербата на јагоди во Германија

Во германските супермаркети ги има од увоз речиси преку целата година, но сега стигнуваат и првите домашно произведени јагоди. Сезонски работник од Полска бере јагоди: во околината на Оберкир започна годинешната берба на јагоди на отворено. Сезоната на јагоди започнува во зависност од временските прилики, но обично тоа е од почетокот на мај, а трае најдоцна до крајот на јули.

Фотографии на денот

Пустинско езеро на „Патот на свилата“ 

Во плановите на кинеската влада и градот Дунхуанг, некогаш важна станица на древниот „Пат на свилата“, служи како важна платформа за културна размена и економска соработка меѓу земјите на новиот „Пат на свилата“. Во Пекинг деновиве (25.4-27.4.) се одржува Вториот меѓународен самит „Појас и пат“, учествуваат лидерите на земјите кои се приклучија на кинеската иницијатива за економска соработка.

Фотографии на денот

Мини предност, мини излезност

Во првиот круг од македонските претседателски избори забележан е досега најслабиот одзив досега на гласањата за избор на шеф на државата. Според податоците на ДИК на изборите излегле 41, 82 насто од граѓаните со право на глас. Покрај историски ниската излезност, минимална е и предноста на кандидатот на владејачката коалиција Пендаровски во однос на кандидатката на опозицијата Сиљановска-Давкова.

Фотографии на денот

Претседателски избори

Граѓаните на Република Северна Македонија денеска избираат претседател на државата. Во трка се тројца кандидати: Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата и Блерим Река, кој ја има поддршката од Беса и Алијанса за Албанците. Право на глас имаат 1.808.131 граѓани.

Фотографии на денот

Марс за туристи

Во пустината Гоби на северозападот на Кина неделава беше отворена симулација на Марс. За разлика од слични проекти во други земји, ова не е научен проект, туку забава за туристи. За еден од првите посетители, лажниот Марс во пустината Гоби испаднал многу убаво: „Видовме монолит, кратер и пештера. Овде е подобро отколку од она како си го замислувам Марс“, рече еден 13-годишен ученик. 

Фотографии на денот

Парење на штрковите

Оваа #ФотографијаНаДенот, направена во Рагов, Бранденбург, го прикажува парењето на два бели штрка во нивното гнездо. Штрковите, кои се веќе вратени од јужните краишта, се парат од почетокот на март до средината на мај. Во германската покраина Бранденбург, според Сојузот за заштита на природата, има повеќе од 1.300 двојки штркови.

Фотографии на денот

Автобуска несреќа на Мадеира

Автобус излета од патот и падна врз куќа на португалскиот туристички остров Мадеира. Притоа загинаа најмалку 29 туристи, од кои најголемиот дел Германци. Несреќата, во која има и 27 повредени, се случила откако возачот на една кривина загубил контрола врз возилото, а автобусот потоа, најверојатно превртувајќи се еднаш, паднало во населба под патот.

Фотографии на денот

Суперхерои на изборите во Индонезија

Членовите на избирачкиот одбор во Сурабаја подготвуваат гласачки ливчиња облечени во костими на суперхерои. На изборите во Индонезија право на глас имаат 193 милиони луѓе. Актуелниот претседател на државата Џоко Видодо се надева повторно на победа и на нов мандат. Токму Видодо во кампањата ги користеше Авенџерс, односно суперхероите како средство да им се приближи на младите избирачи.

Фотографии на денот

Пожарот во Нотр Дам е под контрола

Големиот пожар во катедралата Нотр Дам е „целосно под контрола“, тврди противпожарната служба во Париз. Пожарот во катедралата, која е дел од Светското културно наследство на Унеско, изби од засега непознати причини. Пожарот ја уништи средишната кула и покривот. Францускиот претседател Макрон изјави дека најлошото е спречено и дека се спасени фасадата и двете главни кули на Богородичната црква.

Фотографии на денот

Големо невреме во САД

Загинаа најмалку осум лица, меѓу нив и три деца - големото невреме кое го зафати југот на САД остави пустош зад себе. Најголемиот дел од жртвите загинале од соборени дрвја или се удавиле во надојдената вода поради невремето. Торнадото речиси сосема го уништи местото Френклин во Тексас. Во Хамилтон, Мисисипи, десетици куќи се срамнети со земја. Таква е и куќата на нашата #ФотографијаНаДенот.

Фотографии на денот

Кула од аспарагуси

Германците негуваат посебна љубов кон аспарагусот. Годинава тие можат да му се радуваат на омилениот зеленчук порано од вообичаеното. Сезоната на аспарагуси започна многу рано. На овој зеленчук му одговараат сонце и топлина, а тоа оваа пролет има доволно. Од друга страна, екстремно топлото лето во 2018 би можело да го намали годинешниот род. Германија е најголем произведувач на аспарагус во Европа

Фотографии на денот

Наградата World Press Photo за расплаканото девојче

Малата Јанела од Хондурас почнува да плаче кога еден полицаец во американската сојузна држава Тексас почнува да ја претресува мајка ѝ, Сандра Санчез. Фотографијата на Џон Мур од САД, кој работи за агенцијата „Гети“, прикажува „поинаков вид насилство, кое е психолошко“, образложи жирито на World Press Photo Award.

Фотографии на денот

Фотографија на денот: Ревија на шапки

Шапката е „very british“, односно моден детал на кој му се обрнува посебно внимание во земјата која живее во хаосот на Брегзит. Британската страст кон шапките е највпечатлива деновиве во Лондон, каде е во тек „Неделата на шапката“ (Hat Week). На неа многу дизајнери ги прикажаа своите нови креации. Зенитот на манифестацијата беше т.н. „Прошетка на шапки“  (Hat Walk) на променадата на реката Темза. 

Фотографии на денот

Пеперутка на покрив

За церемонија на свечено отворање на Меѓународната изложба на градинарство зградата на театарот Гуируи во Пекинг, доби посебен покрив- во облик на живописна пеперутка. Светската изложба на хортикултура започнува на 29 април и би требало да биде шаренолика како и оваа гигантска пеперутка.

Фотографии на денот

Снег во април

Лалето со капа од снег е фотографирано во Кирхцартен, во германската покраина Баден Виртемберг. Април си прави што си сака: додека на истокот на Германија се смее сонце и температурата е над 20 степени, на југозападот од земјата се’ уште има снег. Ова лале со капа од снег е фотографирано токму во југозападниот дел од Германија, во Кирхцартен.

Фотографии на денот

Преселба на нов аеродром во Истанбул

Почна големата преселба од аеродромот „Ататурк“ на новиот мега-аеродром во Истанбул. Од недела (7.04.2019) комплетниот авиосообраќај треба да се одвива од новиот аеродром. Во рок од 45 часа треба да се пренесат 50.000 тони материјал од аеродромот Ататурк во новото воздухопловно пристаниште. Ова е престижен проект на претседателот Ердоган, а овде годишно треба да минуваат околу 90 милиони патници.

Фотографии на денот

Електроскутерите доаѓаат

Електроскутерите наскоро би требало да се возат легално и на германските улици. Владата донесе уредба, која за да стапи во сила треба да добие виза и од Бундесратот. Малите превозни средства би требало да предизвикаат миниреволуција во сообраќајот. Со е-скутер, кој не вози побрзо од 12 км на час, според предвиденото, би требало да може да се вози на тротоари, патеки за велосипеди и зони за пешаци.

Фотографии на денот

Пчелите се популарни

Пчелите, како оваа вредна работничка сликана кај Минхен, се не само омилен мотив за фотографите. Интересот за нив постојано се зголемува, а тоа го потврдуваат и податоците на Германскиот пчеларски сојуз. Имено, бројот на пчелари во земјата во изминатите 10 години е зголемен за дури една третина. Причината за тоа се гледа во зголемениот интерес за природата и за еколошките теми воопшто.

Фотографии на денот

Полуголи еко-активисти во парламент

Соблекување за заштита на климата: во британскиот парламент 11 еко-активисти се соблекоа среде дебатата за Брегзит! Нивна цел - да се забрза борбата против загревањето на климата. Тие од трибината за посетители на пратениците им префрлија дека поради дебатите за Брегзит го запоставуваат проблемот со промената на климата.

Фотографии на денот

Виножитото над Лолапалуза

Светлосен ефект во Буенос Аирес: на музичкиот фестивал Лолапалуза возбудливо беше не само на бината, туку и над главите на посетителите. Феноменот се нарекува „Глорија“ и настанува на делот од небото спротивно од делот на кој се наиоѓаат сонцето или месечината. Последица е дифракција на светлината на капките од вода. Може да се забележи на роса и на магла, но многу ретко.

Фотографии на денот

Камена пустинска роза

Под врелото сонце на Катар „процуте“ роза од камен. Арапската пустинска држава отвори спектакуларен национален музеј. Објектот во Доха е дело на прочуениот француски архитект Жан Нувел. Неговата форма наликува на пустинска роза. Во музејот, меѓу другото, треба да биде раскажана историјата на емиратот. Тој е дел од  сеопфатниот план за обнова на малата држава - на пат кон културна велесила.

Фотографии на денот

Малку радост во сириските руини

Сирискиот актер Валид Абу Рашед (со жолта перика) и негов колега актер забавуваат група деца во импровизиран куклен театар сместен меѓу урнатините на урната зграда во градот Саракиб во северната провинција Идлиб во Сирија која е под контрола на бунтовниците.

Фотографии на денот

Паркиралиште Тајмс Сквер

Ги гледаме на аеродромските писти или на специјалните „гробиштата“ за нив во пустината. На плоштадот Тајмс Сквер авиони вообичаено не се паркираат. Овој труп од авион на одамна пропадната авиокомпанија Транс Ворлд Ерлајнс сепак направи кратка „починка“ во центарот на Њујорк. Но веднаш мораше да продолжи кон аеродромот „Џ.Ф.К“. каде „пензионерските“ денови ќе ги помине како коктел лонџ бар.

Фотографии на денот

Океан од бои

Волку шарена е пролетта на цветните полиња на ранчот Карлсбад во американската сојузна држава Калифорнија. На оваа #ФотографијаНаДенот, може да се види како еден посетител ужива во фестивалот на бои на цветниот ранч во близина на калифорнискиот град Сан Диего. На поле со површина од 20 хектари во непосредна близина на Тихиот океан се простира море од лутичиња во најразлични прекрасни бои.

Фотографии на денот

Егзотични птици наместо Брегзит-главоболки

И додека приказната околу излегувањето на Велика Британија од Европската унија сѐ повеќе се вжештува, секојдневието на британското кралството семејство продолжува непроменето. Така на пример Принцот Чарлс во моментов е на турнеја по карипските острови. Премиерката  Тереза Меј со оглед на сите нејзини Брегзит-главоболки, веројатно со задоволство би се менувала со него

Фотографии на денот

Кога земјоделец предлага брак

Со огромни букви на ова поле пишува „Сакаш ли да се земеме?“ на баварски дијалект. Земјоделецот Флоријан Вајс го „посеа“ на поле предлогот за брак за својата девојка. Минатата есен, фармерот го посеал јачменот со посебно прецизна машина. Требаа да минат неколку недели пред да порасне јачменот, Флоријан да ја однесе својата девојка на полето и конечно го постави прашањето. Одговорот беше позитивен

Фотографии на денот

Огнен дочек на пролетта

Во 18. век во шпанскиот град Валенсија и околината, секоја година на крајот на зимата столарите ги палеле дрвените носачи за ламби и свеќи, кои на пролет нема да им биле потребни. Во знак на сеќавање на оваа традиција, настанал фестивалот „Фалас“- единствено што сега се палат големи фигури од хартија. „Фалас“ од 2016 година е прогласен и за нематеријален споменик на културата на УНЕСКО.

Фотографии на денот

Мојсеј на нашето доба

Канадскиот уметник Бенџамин фон Вонг сакаше да укаже на тоа како денес изгледаат светските мориња и колку се загадени со пластика. Инсталацијата „Раздвојување на пластичното море“ е поставена во еден трговски центар во Хо Ши Мин, главниот град на Виетнам. Уметникот употребил 168.000 пластични цевки што му донесе и рекорд за Гинисовата книга за најголема инсталација од цевчиња.

Фотографии на денот

Знак од небото

Виножитото отсекогаш било важен елемент во многу митологии и религии во сите култури и низ сите континенти. На овој природен феномен често се гледа како на мост меѓу боговите и луѓето. Дали овој пар на британскиот брег чека инспирација од „горе"?

Фотографии на денот

Фестивал на пенисот

Јапонскиот фестивал „Хонен саи“ или фестивал на плодноста и добрата берба се прославува повеќе од 1.500 години. Секој година илјадници луѓе доаѓаат во Комаки, предградие на Нагоја. Славјето има и второ име: „Фестивал на пенисот“. Свештениците фрлаат сол на улиците низ кои минува поворката со статуата за да им го прочистат патот. Сакето е бесплатно, а добредојдени се сите.

Фотографии на денот

Глобални ученички протести за заштита на климата

(16.03.2019) Младите ширум светот го кренаа гласот против климатските промени. Учениците во преку 2000 градови во светот ја напуштија наставата за да протестираат за поголема свест кај возрасните за заштита на климата. Оваа #ФотографијаНаДенот е направена во Монтреал, Канада, каде се одржа еден од најмасовните протести во рамките на глобалниот ученички штрајк за климата.

Фотографии на денот

Смртоносен напад врз џамии во Крајстчрч

(15.03.2019) Во терористички напад врз џамии во новозеландскиот град убиени се најмалку 49 луѓе. Главноосомничен за нападот е еден Австралиец, екстремен десничар. Триесет лица беа убиени во џамијата Ал Нур во центарот на Крајстчрч. Седум лица загинаа во втората џамија во предградието Линвуд, а уште три лица надвор од таа џамија.

Фотографии на денот

По бурите и торнадо

(14.03.2019) По Еберхард дојде Франц. Уште еден оркан протатне низ Германија. Новата бура донесе поројни врнежи, силни ветришта но и торнадо. Погодено беше местото Ретген кај Ахен. На оваа #ФотографијаНаДенот пожарникари стојат пред една куќа чиј покрив беше тешко оштетен. За среќа во пустошењето на торнадото лесно беше повредено само едно лице.

Фотографии на денот

Раскошно будење на пролетта

(13.03.2019) Оваа зима во Калифорнија врнеше невообичаено многу и поројно. Резултатот може да се види: „Супер-процутот“ на дивите цвеќиња е впечатлив  во многу региони во американската сојузна држава -  како впрочем и на оваа #ФотографијаНаденот направена на езерото Елсинор во близина на националниот парк Сан Бернадино.

Фотографии на денот

Кучиња против Брегзит

(12.03.2019) Британските сопственици на кучиња заедно со своите миленици протестираат против излегувањето на земјата од ЕУ. Мора да лаеме пред да биде предоцна“, гласеше предупредување на овие противници на Брегзит, кои во неделата демонстрираа пред британскиот парламент спроти денешото клучно гласање за планот за Брегзит на премиерката Тереза Меј

Фотографии на денот

Сурфање на езеро

(11.03.2019) Орканот „Еберхард“ со моќни ветришта протатне низ Германија. Бурата предизвика големи материјални штети. Но за некои таа донесе и неочекувано задоволство. Химзе е најголемото езеро во Баварија, и на оваа #ФотографијаНаДенот, тоа го оправдува прекарот „Баварско море“. Под налетот на „Еберхард“ во езерото се формираа бранови, кои овозможија малку „океанско чувство“ меѓу виндсурферите.

Фотографии на денот

Коњска прошетка среде град

(09.03.2019) Кобилата Џени секојдневно оди на прошетка. И дотука не е ништо чудно. Само што Џени се шета среде град.На #ФотографијаНаДенот Џени го мириса детето на Рафаел Велштајн, кој е на пат до трамвајската станица во Фехенхајм,  Франкфурт. Сопственикот на Џени секојдневно ја пушта 22 години старата кобила самата да одлучи како ќе го мине денот.

Фотографии на денот

Денот на жената - празник во Берлин

(08.03.2019) #ФотографијаНаДенот го отсликува мотото на денешните демонстрации во Берлин: „Слави, штрајкувај, продолжи со борбата“! Со демонстрациите треба да се испрати сигнал против дискриминацијата на жените, сексизмот и патријархалните структури. Берлин е единствената германска покраина каде 8 март - првпат годинава - е неработен ден, односно празник за сите.

Фотографии на денот

Розови табли за паркинг-места за жени

(07.03.2019) Сините табли за паркинг-места треба да се заменат со нови и тоа онакви кои делуваат помалку службено, препорача судот во Минхен и градот Ајхштет веднаш презема мерки. Со розови табли и дополнувањето „Ве молиме оставете го местото слободно“ градот потенцира дека се работи за препорака, односно дека може да паркираат и мажи, но постои надеж оти местата сепак ќе бидат слободни за жените.

Фотографии на денот

Почна саемот за туризам

(06.03.2019) Со претпазливи надежи за силна сезона на одмори во Берлин е отворен саемот за туризам - Меѓународна туристичка берза (ИТБ). На саемот се присутни околу 10.000 излагачи од 181 земји и региони. Земја партнер на 53. ИТБ е Малезија. На #ФотографијаНаДенот Камероновите брда во малезискиот султанат Паханг. Брдата, познати по чајот, се преплавени од туристи од цел свет.

Фотографии на денот

Укинување на промената на времето

(05.03.2019) Комисијата за сообраќај на Европскиот парламент се изјасни се укинување на промената на сметање на времето од 2021 година. Според планот, секоја земја може сама да се одлучи во која временска зона ќе остане. ЕП за укинување на промената на времето ќе гласа најверојатно на крајот на март. На #ФотографијаНаДенот часовникот кој го покажува светското време изработен од Аугуст Нол во 1885.

Фотографии на денот

Пустош од торнада во САД

(04.03.2019) Серија торнада отстави пустош зад себе на југоистокот на САД. Загинаа најмалку 22 лица, меѓу нив и деца. Торнадата со брзина на ветрот до 218 километри ги погодија американските сојузни држави Алабама и Џорџија. Во 10.000 домаќинства нема електрична енергија. На нашата #ФотографијаНаДенот оштетена куќа во Борегар, Алабама.

Фотографии на денот

Кулминација на карневалот во Венеција

(02.03.2019) Наближува зенитот на карневалската сезона. Венеција повеќе речиси и да не е место за живот, туку за туристи. За време на карневалот, градот ќе го посетат 130 илјади туристи. Нив, и покрај сѐ, ги очекуваат незаборавни моменти со прочуените венецијански карневалски маски, како на оваа #ФотографијаНаДенот.

Фотографии на денот

Заеви на балот во Виена

(01.03.2019) Оваа #ФотографијаНаДенот е направена на Оперскиот бал во Виена. На фотографијата - Зоран и Зорица Заеви заедно со своите домаќини, австрискиот канцелар Себастијан Курц и неговата животна придружничка Сузане Тиер. Оперскиот бал во Виена е општествен настан број еден во Австрија. Годинава на спектаклот беа поканети 5000 гости.

Фотографии на денот

Трамп и Ким без договор

(28.02.2019) Самитот меѓу претседателот на САД и лидерот на Северна Кореја во Виетнам заврши без заедничка изјава. Откажан беше и заедничкиот ручек. Од американска страна се вели дека двајцата државници имале многу добра и конструктивна средба и дека во иднина ќе има нови средби. Претходно од кабинетот на американскиот претседател беше соопштено дека е предвидено потпишување заедничка декларација.

Фотографии на денот

Нема водка за Ким Јонг Ун

(27.02.2019) Холандската царина заплени водка наменета за севернокорејскиот властодржец Ким Јонг Ун и армиските раководители во Пјонгјанг. 90.000 шишиња со руска водка се наоѓале во контејнер скриен под труп на авион, натоварени на брод во сопственост на кинеското претпријатие Коско Шипинг. Холандија нагласи: „ОН воведоа јасни санкции против Северна Кореја. Важно е тие да се спроведуваат.“

Фотографии на денот

Ким Јонг Ун пристигна во Ханој

(26.02.2019) Виетнамски војници во строј го пречекуваат возот со кој севернокорејскиот лидер Ким Јонг Унг допатува во Виетнам. Оваа #ФотографијаНаДенот е направена во градот Донг Данг на кинеско-виетнамската граница. Од Донг Данг, каде беше пречекан со воени почести, Ким се префрли на патување со автомобил до Ханој, каде ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп.

Фотографии на денот

Чевлите на иселените од Молдавија

(25.02.2019) Поради лошата економска состојба во Молдавија досега се иселени околу еден милион Молдавци. Тие одат во ЕУ или Русија. На протестите во главниот  молдавски град Кишињев, одржани во текот на викендот, граѓаните со празни чевли го свртеа вниманието врз иселените. Чевлите симболизираат и надеж во подобри времиња - за потенцијалните повратници се чува место во нивната татковина.

Фотографии на денот

Пигкасо, свињата уметник

(23.02.2019) Звучи како Дизни-приказна: свиња која е спасена од кланица ја открива својата уметничка „жица“ и стекнува светска популарност. Ова се случи во Френшхук, Јужноафриканска Република. Сликите од уметничката ѕвезда со име Пигкасо (комбинација од англискиот збор за свиња - пиг и Пикасо) се продаваат скапо - до 2500 швајцарски франци. Пигкасо има и Фејсбук-страница со над 15.000 фанови.

Фотографии на денот

Папата бара конкретни мерки против злоставувањата

(22.02.2019) Папата Франциско се моли на почетокот на самитот во Ватикан, кој по многу нешта е единствен. Тој од присутните побара да бидат донесени конректни мерки за борба против сексуално злоставување. Католичката црква мора да размисли за промена на вековните структури на моќ, побара и ополномоштеникот на германската влада за прашања на злоставувањето Јоханес-Вилхелм Рериг.

Фотографии на денот

Супермесечината на 2019

(21.02.2019) Во изминативе денови ширум светот ноќното небо го красеше најголемата и најсветла полна месечна годинава. Февруарската супермесечина уште поетично се нарекува „снежна месечина“. Оваа #ФотографијаНаДенот е направена на еден од најфреквентните аеродроми во Европа. На небото над Франкфуртскиот аеродром полека излегува „снежната месечина“ додека патнички авион слетува на пистата.

Фотографии на денот

Прв чекор до вселенската војска на Трамп?

(20.02.2019) За почеток тоа е само декрет кој претседателот Доналд Трамп го потпиша на една од за него типични церемонии во Белата Куќа. Тој е сериозен за своја програма за вселенски воени сили ала „Војна на ѕвездите" (на оваа #ФотографијаНаДенот гледаме сцена од последниот филм во серијалот „Војна на ѕвездите“:Последниот џедај) како онаа неуспешната на поранешниот претседател на САД Роналд Реган.

Фотографии на денот

Почина легендарниот „морнар бакнувач“

(19.02.2019) Џорџ Мендонса , американскиот морнар кој беше фотографиран додека бакнува жена на њујоршкиот Тајмс Сквер на крајот на Втората Светска Војна почина два дена пред неговиот 96 роденден. На легендарната фотографија тој е сликан како ја бакнува Грета Цимер Фридман, заболекарска помошничка во униформа на медицинска сестра на 14 август 1945 година- денот на капитулацијата на Јапонија.

Фотографии на денот

Боите на слободата

(18.02.2019) Црната, црвената и златната се националните бои на Германија. Така стои во Уставот на Сојузна Република Германија. Тие беа утврдени уште за време на штотуку формираната Вајмарската Република,  на 18 февруари 1919 година непосредно по Првата Светска Војна. Националните бои на знамето на земјата се симбол за единство, слобода и демократија и влечат корени уште од раниот 15 век.

Фотографии на денот

Медалот за Заев и Ципрас

(16.02.2019) На премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас денеска во Минхен ќе им биде врачена наградата „Евалд фон Клајст“ за 2019 година. Наградата ја доделува Минхенската безбедносна конференција, за извонреден придонес за мирот и за решавање на конфликти. Заев и Ципрас ќе добијат медали како на оваа #ФотографијаНаДенот како признание на нивните напори за решавање на спорот околу името Македонија.

Фотографии на денот

Трамп ќе прогласи вонредна состојба

(15.02.2019) На #ФотографијаНаДенот поддржувач на Доналд Трамп маскиран како граничен ѕид на просторот пред арената El Paso County Coliseum.Со прогласувањето вонредна состојба претседателот на САД сака да обезбеди пари и без согласност за средства од Конгресот.

Фотографии на денот

Денови на жалост

(14.02.2019) Тага по сообраќајната несреќа што се случи на патот Скопје-Тетово, во близина на селото Ласкарци. Владата ги прогласи четврток (14.02.) и петок (15.02) за Денови на жалост. Во несреќата загинаа 14, а повредени се преку 30 луѓе.

Фотографии на денот

Менување на таблите на границата

(13.02.2019) Преспанскиот договор со кој се решава спорот за името стапи во сила вечерта на 12.02.2019. Со тоа Република Македонија формално стана Република Северна Македонија. Македонската влада ја задолжи Царинската управа да го промени името на таблите на граничните премини и на двата аеродрома во рок од три дена. Тоа беше направено прво на граничниот премин Богородица, на 13.02. во 13:00.

Фотографии на денот

Награда за Веселинов на Берлиналето

(12.02.2019) Наградата на македонскиот актер му беше врачена на 11.02. на Берлинскиот филмски фестивал. Покрај Благој Веселинов, кој стана познат по улогата во филмот „Исцелител“, наградата ја добија уште 9 актери од Данска, Естонија, Германија, Ирска, Исланд, Норвешка, Полска, Србија и Шведска. Од Македонија пред Веселинов, оваа награда ја имаат добиено добиено Лабина Митевска и Наташа Петровиќ .

Фотографии на денот

Образование со божја помош

(11.02.2019) Оваа #ФотографијаНаДенот е направена во Катманду, Непал, во текот на фестивалот Шри Панчами, посветен на божицата на знаењето Сарасвати. Се верува дека таа помага за успех во образованието. Малото девојче гледа во насока на својот татко додека пишува на ѕидот на храмот Сарасвати.

Фотографии на денот

Зазорување во Франкфурт

(09.02.2019) Нежно утринско црвенило на небото над Стариот мост на реката Мајна во Франкфурт е нашата #ФотографијаНаДенот за сабота (09.02.2019) За викендот во делови од Германија беше најавен силен ветер, некаде проследен со дожд. Причина повеќе да се ужива во мирот кој зрачи од фотографијата.

Фотографии на денот

Пожар во Ламбрехт

(08.02.2019) Во зграда во Ламбрехт, Германија, ноќеска беснееше пожар во кој животот го загубија пет лица. Пожарот најверојатно избил во кујната во еден од становите во поткровјето, нешто пред полноќ. Загинале маж и жена кои живееле во станот и нивни гости. Меѓу загинатите нема деца. Пожарот во меѓувреме е изгаснат. Во Германија ретко се случуваат пожари со толку катастрофални последици.

Фотографии на денот

Земјата сѐ посилно се загрева

(07.02.2019) Оваа #ФотографијаНаДенот не е направена во савана во Африка, туку во Германија за време на минатото рекордно топло лето. Вакви збунувачки пејсажи во изминатите години зачестија и се повеќе од доволна причина за аларм. Изминатите четири години, според Светската метеоролошка организација на ОН, биле најтопли од почетокот на мерењето на температурите во 1880 година.

Следете нѐ

Albanian Shqip

Amharic አማርኛ

Arabic العربية

Bengali বাংলা

Bosnian B/H/S

Bulgarian Български

Chinese (Simplified) 简

Chinese (Traditional) 繁

Croatian Hrvatski

Dari دری

English English

French Français

German Deutsch

Greek Ελληνικά

Hausa Hausa

Hindi हिन्दी

Indonesian Indonesia

Kiswahili Kiswahili

Macedonian Македонски

Pashto پښتو

Persian فارسی

Polish Polski

Portuguese Português para África

Portuguese Português do Brasil

Romanian Română

Russian Русский

Serbian Српски/Srpski

Spanish Español

Turkish Türkçe

Ukrainian Українська

Urdu اردو