1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Темната страна на кинеската посета

10 мај 2024

Ши се врати во Европа со цел да ја оддалечи од Америка. Пишува Ивор Мицковски

https://p.dw.com/p/4fgcH
Ши Џинпинг, претседател на Кина
Ши Џинпинг, претседател на КинаФотографија: Marko Djurica/REUTERS

Ако кинеската дипломатија е исклучително способна да манифестира интереси и симболики во индиректна форма, тогаш можеме уште полесно да ја разбереме агендата од мини-турнејата и значењето на посетата на Ши Џинпинг на Франција, Србија и Унгарија.

Франција во моментов е главниот европски играч, а Макрон е најпрагматичниот лидер во очите на Пекинг, иако францускиот претседател најмногу се истакна против Русија, чиј сојузник е Кина, а во корист на Украина. Самото тоа кажува дека денешниот обид да се подели Европа е многу поразличен од оној пред 5 години, последниот пат кога Ши стапна на европско тло.

Тогаш Ши Џинпинг го славеше влезот на една земја од Г7, како Италија, во својата глобална геополитичка инфраструктура, преку нејзино приклучување кон „Новиот пат на свилата“, но денес Кина се соочува со јавен и политички дискурс кој има далеку помала доверба во Пекинг. Италија ја напушти „Belt & Road Initiative“ како дел од големата западна шема на „de-risking“ и „de-coupling“ од Кина, нешто што беше нужно и порано, но стана итно со руската инвазија на Украина.

Внимателноста на Шолц

Парадоксално, но војната во Украина во исто време ја подобри и ја влоши обединетоста на ЕУ во однос на Кина. Од една страна, ЕУ се обедини во одбрандбените економски мерки и инструментите за ограничување на условувањата од Пекинг, но од друга страна ги истакна големите разлики помеѓу германските интереси и оние на остатокот од Европа. Не случајно, токму германскиот канцелар Шолц беше големиот отсутен на средбата на Макрон-Лајен и Ши во Париз, иако беше поканет и присутен во главниот град. Се разбира, оправданието од кабинетот на Шолц дека е несоодветна нова средба после неговата минатонеделна посета на Кина држи, но мошне е веројатно дека германскиот канцелар сакал да избегне средба каде би се изложиле аргументи на несогласување.

Ивор Мицковски
Ивор МицковскиФотографија: Privat

Европскиот пристап кон Кина во последните години е далеку поослободен од страв, ЕУ ја етикетираше како „системски ривал“, ја поддржа Литванија пред економското условување на Пекинг и прифати еден мултидимензионален пристап во тензиите со Народната Република, преку разни мерки на економска безбедност.

Па сепак, беше пропуштена шансата и желбата на Емануел Макрон да се пречека Ши со обединет европски фронт, како пред 5 години, кога на тогашната посета во Париз го пречекаа и Ангела Меркел и Жан-Клод Јункер. Шолц е внимателен кон Кина заради германските производители и тоа е разбирливо, како што е јасно дека Европа не може за кратко време целосно и тотално да се откачи од Кина, но дали на овој начин не се ризикуваше пред кинескиот гостин да се престави една расцепкана и фрагментирана Европа?!

Балансирањето на Макрон

Макрон од тој аспект се најде во позиција да балансира со имиџот на Европа во односите со Кина. Источните Европејци денес се многу повеќе трансатлантски расположени, но има и примери на земји како Унгарија и Словачка, а да не зборуваме за Србија, кои опасно се приближуваат кон Русија и Кина. Франција е во средината и тоа ја прави интересна посетата на Ши на Франција и прошетката на Пиринеите, каде настрана економските теми, се продискутира и за политичките. Макрон извлече две срамежливи концесии од Ши. Првата е делумно прифаќање на „олимпиското примирје“, каде Кина се приклучи кон апелот за „брз прекин на огнот“ и „создавање на услови за мировни преговори“ на паритарна основа помеѓу Русија и Украина. Другиот дипломатски резултат е дека Макрон добил гаранции оти Пекинг ќе се „воздржи од продажба на оружје“ на Москва и дека „строго ќе го контролира“ извозот на опрема за двојна употреба во Русија. Ши ја искористи посетата за да го нападне Вашингтон и другите западни земји кои го обвинуваат Пекинг дека го поддржува Кремљ додека води војна против Украина. „Ние се спротивставуваме на користењето на украинската криза за да ја префрлиме вината, да клеветиме трета земја и да поттикнеме нова студена војна“, ќе додаде Ши.

Ши Џинпинг и Емануел Макрон
Макрон извлече две срамежливи концесии од ШиФотографија: Gonzalo Fuentes/REUTERS

Ши наскоро ќе биде домаќин на Путин, па ќе видиме дали „моментот на координација“ со Франција и заедничката желба за траен мир ќе произведат политичка волја и вистински резултати. Целта на Макрон беше да се осигура дека Кина, главниот сојузник на Русија, нема да даде јасна поддршка за нејзините воени напори во Украина. И Макрон не е ослободен од својот дел на одговорности во поткопување на трансатлантските врски и европската обединетост, кога лани го задоволи кинескиот моќник во Пекинг со изјавата дека Тајван е внатрешно кинеско прашање и дека Европа не смее да дозволи САД да го вовлечат во конфликтот, притоа нагласувајќи ја потребата Европа да развие стратешка автономија независна од САД. Но, тоа не значи дека Макрон ги поддржува глобалните амбиции на Кина, колку што има намера да стане предводник на Европа и да си обезбеди делче од сферата на влијание во која доминира Америка.

Намерите на Ши

Европската турнеја на кинескиот лидер, која продолжи во Србија и Унгарија, е доказ дека Ши ќе продолжи да игра на две маси и да седи на две столчиња.

Ако прошетката низ Пиринеите му послужи на Ши да ја ограничи штетата од европските трговски истраги и од економските мерки и да се прикаже како пријател на мирот, неговата посета на Белград и Будимпешта носат сосема друга порака. Ши сака да ги покаже економските предности од „Doing Business“ со Кина, да му се нафрли на НАТО, на тој начин намигнувајќи му на Путин и испраќајки порака до ривалите, и конечно, да покаже дека Кина сѐ уште има пријатели во овој дел од Европа кој спаѓа во европската и американската сфера на влијание.

Ши Џинпинг и Тамаш Сулјок
Ши беше пречекан во Будимпешта на 8 мај, на 20-годишнината од влезот на Унгарија во Европската Унија (фото: кинескиот лидер Ши Џинпинг и унгарскиот претседател Тамаш Сулјок)Фотографија: Noemi Bruzak/EPA

Одбраниот датум за посета на Белград, 7 мај, не е воопшто случаен. Кинескиот лидер пристигна точно на денот на 25-годишнината откако НАТО ја погоди тамошната кинеска амбасада и беа убиени тројца кинески новинари. НАТО, нападот го прогласи за ненамерна грешка, нешто на што Пекинг никогаш не поверува и за нив тоа и понатаму е отворена рана. Потсетувањето на НАТО-бомбардирањето му овозможува на Ши да повлече паралела со денешните состојби, нагласувајќи го кинескиот наратив, според кој западниот светски поредок (поточно, америчко-центричниот) има потреби од корекции. Во овие години на војна во Украина, кинеските државни медиуми постојано го дефинираа НАТО како „остаток од Студената војна“, кој постојано „ги распламтува кризите“ и се вели дека источното проширување на НАТО, предводено од САД, е всушност коренот на војната во Украина. Музика за ушите на пријателот Путин!

Се разбира, оваа анти-НАТО и анти-САД реторика одлично игра и во интерес на Кина и нејзините проблеми во Азија, каде токму Пекинг највеќе стравува од прегратката на НАТО, односно, да биде ограничена и воздржана од азиските сојузници на САД.

И на Ши и на Вучиќ политички им одговара „челичното пријателство на Србија и НР Кина“. На Кина за да покаже дека има пријатели во Европа, во дворот на ЕУ и САД, на Србија за да има уште еден светски актер, покрај Русија, благодарение на кој ќе балансира помеѓу НАТО - ЕУ и Истокот.

Ши Џинпинг во Белград
И на Ши и на Вучиќ политички им одговара „челичното пријателство на Србија и НР Кина“Фотографија: Zorana Jevtic/REUTERS

Не случајно, Кина се клади на двете најслаби алки на Стариот континент - Србија и Унгарија. Турнејата на кинескиот лидер е точно калибрирана со цел да ги подели своите ривали, да ја ослабне обединетоста на Европа околу трговијата и економијата, и преку критиките на НАТО и САД да ја промовира целта на Пекинг за воспоставување на нов светски поредок. Ши вешто ја испланира својата посета за да го продлабочи јазот во Европа, помеѓу нејзините членки и за да го зајакне анти-НАТО фронтот.

Вистината е дека целта на посетата на Ши е да ги пофали и награди нелибералните и антиевропските земји од регионот, додека воедно ќе ги ослабне трансатлантските врски. Тајмингот и во однос на претстојните европски избори не е воопшто случаен - Кина навива против либералниот мејнстрим и се надева на победа на европските десничарски популисти. Ши беше пречекан во Будимпешта на 8 мај, на 20-годишнината од влезот на Унгарија во Европската Унија. Земја која во меѓувреме се претвори во центар на руските и кинеските интереси.

Едноставно кажано, Ши се врати во Европа со цел да ја оддалечи од Америка.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема