1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како Олаф Шолц ја спроведува стратегијата за Кина

Данг Јуан
13 април 2024

Германскиот канцелар Олаф Шолц во сабота, 13 април, патува во Кина, земја партнер, но и ривал. Тој ќе мора да покаже како од противречности се создава хармонија.

https://p.dw.com/p/4ehNS
кинескиот премиер Ли Чианг и канцларот Олаф Шолц
Од посетата на кинескиот премиер Ли Чианг (л.) во Берлин не е помината ниту една година - сега канцларот Олаф Шолц патува за ПекингФотографија: Fabrizio Bensch/REUTERS

Едно видео стана вирално на сите платформи на кинеските социјални медиуми. На видеото, средовечен маж ја покажува својата црна кожна актовка. На германски објаснува што носи со себе: документи, очила за читање и Ајпед. Видеото е титлувано на кинески.

Протагонистот се вика Олаф Шолц. Политичарот од СПД го отвори својот профил на ТикТок токму навреме за најава на своето второ патување во Кина (13-16 април). Социјалната мрежа е развиена во Кина и воодушевува многу млади луѓе ширум светот. Сепак, таа е и контроверзна, бидејќи видеата кои не им се допаѓаат на кинеските владетели може да бидат избришани од страна цензорите.

Олаф Шолц со патувањето во Кина поставува нов личен рекорд. Тоа ќе биде најдолгото патување на Шолц во друга држава откако ја презеде функцијата во декември 2021 година - три дена со три станици.

Доволно учтивост кон комунистичкиот домаќин пред една успешна посета на Кина, што ќе биде балансирачки чин како и секој друг пред неа. Клучните прашања се речиси „класика“: Дали Шолц јавно ќе го критикува лошиот биланс на состојбата со човековите права? Како ќе го направи тоа? Дали се среќава со активисти кои го критикуваат режимот? И дали ги ризикува економските интереси на државата?

„Тоа е погрешно поставување прашања. Конечно треба да научиме да се оддалечиме од овој навидум конфликт“, вели Еберхард Зандшнајдер, партнер во тинк-тенкот Berlin Global Advisors. „Двете работи се дел од патувањето на канцеларот“. Тоа не е проблем на сегашниот канцелар, туку на сите претходни канцелари, од Хелмут Шмит досега. „Кога патувате во Кина, секако се работи и за економските интереси и оние на економската делегација што патува со вас.“

Партнер, конкурент и системски ривал

За германската влада, Кина е партнер, конкурент и системски ривал. Ова е наведено во првата стратегија на германската влада за Кина, која датира од летото 2023 година. Сега, на своето второ патување во Кина, канцеларот Шолц сака да ѝ покаже на владеачката коалиција во Берлин и на кинескиот домаќин каде тој се позиционира во оваа контрадикторна стратегија.

Глобализацијата ги зближува Германија и Кина како големи светски економии. Во кинескиот печат, Германија секогаш се претставува како најголем трговски партнер на Пекинг во Европа. Севкупно, меѓу двете земји се разменуваат исто толку стоки колку и оние меѓу Кина, Франција, Италија и Велика Британија заедно.

Кина мами со огромни пазари и постепено ги намалува ограничувањата за странски инвестиции (ФДИ) со цел да ја стимулира забавената економија на земјата. Понатаму, Кина одамна води во светот кога станува збор за темите на иднината - дигитализација и е-мобилност.

Кина е подготвена да го освои европскиот пазар на автомобили

Кина како лидер во технологијата

„Времињата кога германските компании ја имаа технологијата во сите области и беа подготвени да ја стават на располагање, завршија“, резимира експертот за Кина, Еберхард Зандшнајдер, кој до неговото пензионирање во 2020 година беше на чело на катедрата за политиката на Кина и меѓународни односи на Слободниот Универзитет во Берлин. Кина е еден од технолошките лидери во многу технологии кои се ориентирани кон иднината: од вештачка интелигенција до заштита на климата. „Крајно време е да го сфатиме тоа.“

Глобализацијата ги прави економиите меѓусебно позависни од кога било досега. Затоа, стратегијата на официјален Берлин за Кина нагласува дека во односот со Кина има итна потреба од намалување на ризиците (De-Risking). Германската влада, од друга страна, го отфрла „откачувањето“ од економии како кинеската.

„Оваа дебата за зависноста целосно ги игнорира фактите“, налутено вели Зандшнајдер. „Мора постојано да се повторува: 'Зависностите беа основа на нашиот просперитет во последниве години.' Секој кој сега зборува за намалување на зависностите мора праведно да им каже на луѓето дека тоа би значело помал просперитет. Политичарите го избегнуваат тоа, затоа што тоа не е нешто што ќе добие аплаууз. Но, тоа е нивната реалност зад оваа дискусија“.

Пример - енергетската транзиција како централна тема на иднината. Според информациите на берлинскиот тинк-тенк Мерикс, 87 отсто од фотоволтаичните системи во Германија во моментов се увезуваат од Кина. Има многу размислувања за намалување на ризиците, вели водечкиот аналитичар Нис Гринберг од Мерикс. „Како ги користиме големите капацитети во Кина и во исто време ги намалуваме ризиците во оваа област всушност ќе биде централното прашање за нашата идна политика“. Но, нема остварлив пат.

Соларните панели никогаш не биле толку евтини

Владјеачката коалиција е поделена

Во владејачката коалиција на СПД, ФДП и Зелените има тотално несогласување во врска со Кина. Во дебатата е многу вклучена и опозициската Унија (ЦДУ/ЦСУ). Баварскиот премиер Маркус Зедер отпатува за Кина на почетокот на април. По посетата на Кинескиот ѕид, фотографијата со кадифена панда и средбата со кинескиот премиер Ли Чианг, претседателот на ЦСУ остро ја нападна политиката на сојузната влада кон Кина. Зедер повика на „реал-политика“ наместо „морал-политика“. Тој бара разговор со тешките соговорници. Аргументот на Зедер гласи: „Ако разговараме само со оние кои се целосно како нас, тогаш навистина немаме веќе што многу да правиме.“

Маркус Зедер во Кина
Баварскиот премиер Маркус Зедер (ЦСУ) со плишена панда в раце која ја доби на подарок од секретарот на Комунистичката партија на Кина, Ванг Шијаохуи (д.)Фотографија: Peter Kneffel/dpa/picture alliance

Зелените се дистанцираат од уште поблиска размена со Кина. Тие стравуваат дека по инвазијата на Украина од страна на Русија и со тоа поврзаната фатална политика на Русија, Германија ќе биде доведена во нова зависност од Кина. Дебатата отсекогаш имала внатрешнополитичка страна, признава главниот економист во Меркис, Макс Ценглајн. Во берлинската коалиција, Зелените се одговорни за ресори како надворешна политика и економија. Министрите на Зелените, Роберт Хабек и Аналена Баербок, овојпат не патуваат, но сигнализираа дека и тие планираат патување во Кина оваа година.

„Колкав е голем интересот во Кина за германската политика може да се види и од самото време кое кинескиот претседател Ши Џинпинг го одвои за разговори со германскиот канцелар“, вели Зандшнајдер, „и, секако, таму внимателно ги следат различните партиски позиции. Секој што проповеда реал-политика како Маркус Зедер, во Кина добива голема железничка станица. Ова е сигнал и до германската министерка за надворешни работи, која во моментов има потешкотии да закаже состанок во Кина и не е на патувањето со канцеларот.“

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик