1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турција: Авторитаризам на грбот на економијата

Елмас Топчу
13 октомври 2020

Турската валута постојано губи вредност, економската криза се продлабочува незапирливо. Според една нова студија, за катастрофалната состојба на турската економија е виновен авторитарниот крус на претседателот Ердоган.

https://p.dw.com/p/3jqDU
Türkei Lira Banknoten
Турската лира има драстично загубено од својата вредност од 2016 година навамуФотографија: Reuters/M. Sezer

Јужноафриканска Република и Турција - земји оддалечени 11.000 километри една од друга. Економски, меѓутоа, имаат многу заеднички работи: двете земји имаат брзо растечко младо население и потенцијал за натамошен пораст. Значи, не е чудо што курсот на валутите на двете земји во забрзан подем долго време се движеше синхронизирано. Јужноафриканскиот ранд и турската лира, според аналитичарите, долго време важеа за близнаци на пазарот на девизи - над десет години валутите се развиваа паралелно.

Но, според една студија на германската ДЗ Банк, во 2016 година дојде до прекин - курсевите на двете валути одеднаш се разделија. Рандот во изминатите четири години загуби околу 20% во однос на американскиот долар. Турската лира, пак, во истиот период загуби 60%. Пред четири години турската валута вредеше над двојно повеќе. Падот се засили особено во последните месеци. Доларот, во меѓувреме, вреди речиси 8 лири.

Sören Hettler, DZ BANK
Хетлер: Ердоган постојано бара конфронтации Фотографија: René Spalek/DZ BANK AG

Студијата укажува на политички причини

Студијата на БЗ Банк укажува дека колапсот на лирата се должи пред се’ на тоа што се имаат променето политичките рамковни услови. „Во центарот на ваквиот развој е турскиот претседател Ердоган. Тој внатрешнополитички ја реструктуираше Турција во насока на авторитарна држава најдоцна од 2016 година наваму“, објаснува авторот на студијата и експерт за девизи, Зерен Хетлер за ДВ. Според проценката на експертот, турската влада го искористила обидот за пуч во 2016 година за да изгради авторитарна држава.

Повеќе:

Турција: Кога цената на кромидот ќе се вивне до небо...

Бран стечаи во Турција

Ердоган ја праќа лирата во подрум

Надворешнополитичките конфликти ги прават инвеститорите несигурни

Markt  Diyarbakir Türkei
Цените на основните прехранбени намирници во Турција бележат енормен скокФотографија: Getty Images/AFP/I. Akengin

Надворешната политика на Ердоган доаѓа како плус отежнувачка околност. Анкара се вмеша во голем број конфликти. Таквата надворешна политика делува како се’, само не како политика која создава доверба, заклучува Хетлер. „Претседателот постојано бара конфронтации - на пример во судирот околу гасот со ЕУ, или последно во конфликтот помеѓу Азарбејџан и Ерменија. Се прават обиди на тој начин да се сврти вниманието од економските проблеми на земјата и да се зацврсти неговата власт.“

Во студијата се проценува дека несакан ефект од растечкиот авторитарен курс и надворешнополитичкиот курс на конфронтација е тоа што се создава несигурност кај инвеститорите. Поради тоа што тие бараат се’ повисоки камати, Ердоган за лошата економска состојба во Турција ги обвинува меѓународните шпекуланти, кои тој редовно ги нарекува „валутни терористи“ или „каматни лобисти“.

Хетлер, меѓутоа, може да ја сфати претпазливоста на инвеститорите. „Точно е дека турската економија се задолжи многу во странство со краткорочни кредити. Точно е и тоа дека странските инвеститори сакаат соодветни камати за својот ризик.“ Сепак, вели Хетлер, турскиот претседател е во најголем дел самиот виновен за економската состојба во која се наоѓа Турција и за падот на лирата.

Централната банка во канџите на Ердоган

Она што е особено разорно за довербата на меѓународните инвеститори, според девизниот експерт, е тоа што Ердогановиот авторитарен курс не запира ниту пред независноста на Централната банка. Ердоган од турската Централна банка постојано бараше ниска референтна каматна стапка. Претседателот се надеваше дека на тој начин кредитите ќе бидат поевтини и дека ќе се поттикне економскиот пораст. Поради тоа што поранешниот шеф на Централната банка, Мурат Четинкаја, наспроти Ердогановите укажувања, сепак драстично ја зголеми референтната каматна стапка, Претседателот издејствува негова смена во јули 2019 година и на негово место го постави Мурат Ујсал.

Но, тоа не го донесе посакуваниот ефект, напротив - според економската наука, ниските камати ја поттикнуваат инфлацијата и во Турција вредноста на лирата, по отпуштањето на шефот на Централната банка и намалувањето на референтната каматна стапка, се најде под уште поголем притисок.

Студијата на ДЗ Банк го потврдува негативното влијание. „Чуварите на валутата“ делуваа превоздржано, особено тогаш кога „на зголемениот ценовен притисок и валутна слабост требаше да се одговори со политички напосакуваните зголемувања на каматите“, се вели во студијата. Сепак, се чини дека турската влада сега извлекла поуки од сето тоа, па референтната каматна стапка беше зголемена од 8,25% на 10,25%.

Оттука, според студијата, различниот развој на курсевите на валутите на Јужноафриканската Република и Турција се должи главно на политички фактори. И во Јужноафриканската Република има проблеми со политичката стабилност и недоволна подготвеност за реформи, освен тоа има и корупција и лош менаџмент. Но, во земјата барем има демократски услови, слобода на печат и независно правосудство. Главната разлика е таа што во Јужноафриканската Република „се задушени сите обиди за кратење на монетарнополитичките слободи на Ценралната банка.“