1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

30 години Конвенција за правата на детето

Хеле Јепесен
20 ноември 2019

Конвенцијата на ОН за правата на детето постои 30 години. Сите земји ја имаат ратификувано - со исклучок на САД. Што значи конвенцијата за децата денес?

https://p.dw.com/p/3TNa3
Ukraine Kiew Klimaproteste Fridays for Future
Фотографија: DW

Хлиб Ржеутски има 13 години, живее во украинскиот главен град Киев и е осмоодделенец. Правата на детето се дел од наставната програма. Хлиб многу размислувал за тоа:

„Секое дете има право на име и секој треба да биде нарекуван според името што го носи. Освен тоа, знам дека секое дете има право на згрижување од страна на родителите, дури и ако е адоптирано.“

Правата кои Хлиб ги научил на училиште се дел од Конвенцијата за правата на детето усвоена пред 30 години од страна на земјите членки на Обединетите Нации. Оттогаш, земјите кои ја имаат ратификувано Конвенцијата, мораат секои пет години да поднесуваат извештај до Комисијата на ОН за правата на детето. Во извештајот документираат како се спроведува Конвенцијата, на пример во националното законодавство.

Со исклучок на САД, сите други земји ја имаат ратификувано Конвенцијата за правата на детето. Дали условите за децата се имаат подобрено во изминатите 30 години?

Има позитивен развој, вели Руди Тарнеден, портпарол на Уницеф Германија: „Има глобални индикатори, како на пример смртноста на децата. Таа стапка е практично преполовена во последните 30 години. Денес на училиште одат повеќе деца од кога и да е досега. Се намалува детската работа, помалку деца стапуваат во брак и од сопствено искуство може да кажеме дека децата денес се сфаќаат посериозно отколку пред 30 години“, објаснува Тарнеден.

Но, сепак, тој додава дека јубилејот не е без сенки:

„Ако се погледне одблиску, брзо може да се согледа дека зад просечните вредности има многу екстремни разлики. За милиони деца денес правата на детето и натаму се нешто многу апстрактно и имаат малку врска со нивниот живот.“

Armut in Afghanistan -  Kinderarbeit
Детската работа, според Конвенцијата за правата на детето, е забранетаФотографија: picture-alliance/AP Photo/R. Gul

Дигитален „апдејт“ за правата на детето?

Марк Дуларт, основач на фондацијата за права на децата КидсРајтс, исто така извлекува мешан биланс:

„Конвенцијата за правата на детето е добра кога станува збор за формални постапки за реализација на правата на децата.

Она што нему му недостига во актуелната Конвенција се дигиталните права на децата.

„Значењето на интернетот и социјалните медиуми за правата на детето речиси и да не се опфатени во Конвенцијата“, вели тој за ДВ.

„Денес за децата е важно да имаат право на сигурен и отворен интернет и право на пристап до интернет воопшто, за со тоа да имаат и пристап до информации.“

За да се поправи овој недостаток, неговата организација во септември годинава ја стави на располагање „дигиталната држава“ (State of Youth) за деца и млади од цел свет. На платформата може да комуницираат, дискутираат и гласаат деца и млади на возраст од 13 до 24 години. Резултатите од тоа потоа им се пренесуваат на луѓето кои носат одлуки.

China Kinder am Computer
Правото на интернет и пристап до информации станува сѐ поважноФотографија: picture-alliance/dpa/Imaginechina/Zhang Guorong

Индекс за правата на детето

КидсРајтс од 2013 година го објавува годишниот индекс за почитувањето на правата на детето. Тој се прави во соработка со Еразмус школата за економија и Меѓународниот институт за социјални студии на Еразмус Универзитетот Ротердам. Основа за индексот се статистичките податоци на ОН за смртноста на децата и животните очекувања, образованието, здравјето и заштитата на децата и општественото спроведување на Конвенцијата за правата на детето.

Повеќе:

Секое петто дете во светот живее во регион на војна и хаос

Милиони деца во светот принудени да работат

Деца-војници: оружје наместо детство

Најдобар пласман немаат секогаш богатите индустриски земји. Во 2019 година Нов Зеланд заврши на 169 место, а Обединетото Кралство на 170-то од вкупно 181 земји опфатени со индексот. Срамно за земји кои се богати.

„Лошиот пласман на Обединетото Кралство се должи пред сѐ на кратењата на буџетот кои ги ограничуваат правата на децата од сиромашни домаќинства. Тоа се должи и на тоа што законодавството е прилично, да кажеме, патријархално и речиси и нема простор за гласот на младите“, вели Марк Дуларт.

Надеж даваат земји како Тајланд или Тунис, кои се на 14 и 15 место:

„Земји како Тунис, на пример, се меѓу првите 20, а тоа е сиромашна земја. Но, Тунис ги има интегрирано правата на децата во своето законодавство и за нивна реализација става на располагање буџетски средства, а идните генерации се дел од политичката програма“, објаснува Дуларт.

„КидсРајтс-индексот покажува дека и сиромашни земји можат да направат многу за правата на децата. Тоа е работа на политичка волја и на фокусирањето врз одредени работи.“

Германија има многу добар пласман. Таа е петта, по Исланд, Португалија, Швајцарија и Финска. Но, тоа не значи дека на сите деца во Германија им е добро, нагласува Руди Тарнеден од Уницеф Германија:

„Ако, на пример, погледнете кон големите градови овде, во Германија, во Рурската област, каде во град како Есен речиси 30% од децата раснат во семејства кои добиваат социјална помош, можете да замислите што значи тоа“, вели Тарнеден за ДВ.

„Да се биде дете тука не е прашање на преживување, но е прашање на учество во општествениот живот.“

Infografik Kinderrechtskonvention DE
Индекс за правата на децата 2019: (најсветло сино - добро, една нијанса потемно - задоволително, темно сино - средно, тегет - лошо, црно - многу лошо, сиво - земјата не е земена предвид)

Детски парламенти

Свеста за тоа дека на децата им се неопходно посебни права и заштита е генерално зголемена, вели Тарнеден. Полека се станува свесен и за правото да се биде слушнат:

„Тоа почнува во семејството и се префрла во јавниот живот. Ако слушнете што се зборува во детските парламенти во градовите, општините и училиштата, вчудовидувачки и неверојатно свежо е она што доаѓа од младите луѓе. Тоа е големо збогатување на јавните дискусии.“

Детски парламенти во меѓувреме има насекаде низ светот, како во градови, така и во провинција. Сѐ повеќе деца и млади настојуваат нивниот глас да биде слушнат. Тоа значи дека во светот може да стане гласно - околу една третина од светското население денес се деца на возраст под 18 години.

И 13-годишниот Хлиб од Киев знае дека има право на слобода на мислење и право да биде слушнат:

„Правото кое најмногу ми се допаѓа е правото на изразување на сопственото мислење. Ова право го користам постојано.“