1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Власта научи лекција, но падна на испитот кај студентите

Костадин Делимитов21 јуни 2015

Со новите измени на Законот за високо образование донесени во минатата недела уште еднаш се одложија сите спорни одредби против кои академската заедница бурно реагираше.Студентите инсистираат на целосно нов закон.

https://p.dw.com/p/1FkRl
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Студентите не се откажуваат од целосно нов закон за високо образование но не сакаат преговори со актуелната власт. Во одложувањето на спорните измени во законот за високо образование препознаваат обид на власта да „купи време“ и привремено да го расчисти теренот за политичка борба. Тоа што по втор пат се усвои пролонгирање на спорните одредби за една, односно година плус, за студентите не значи ништо друго освен потврда дека нивните активности биле исправни:

„Нашето барање не е одложување на спорните реформи туку целосно укинување и подготовка на нов интегрален закон за високо образование. Ова што сега се одложи а не се укина е чисто од суетни причини. Собранието ги одложи сите реформи иако тоа конкретно никој не го побара. Со тоа власта и самата призна дека сите овие реформи до кои самите ревносно се држеа се толку неуставни, нелогични и неспоредливи што ете сега не се укинуваат туку се одложуваат па да видиме што понатаму од 2018. А сите се сеќававме како власта реагираше пред некој месец, како ги бранеше реформите дека се во насока на поквалитетно високо образование и од таа позиција стигнавме до ситуација на двапати да се носи одложување. Оттука се покажа дека барањата на студентите а подоцна и на професорите бил исправен чекор. Се` произлегува од катастрофалниот закон кој во неговите години на важење е сменет 17 пати кој е буквална крпеница која постојано се менува. Можеби ние сега би требало од ова да бидеме задоволни и да не продолжиме со никакви активности, но тоа е само дополнителен мотив да продолжиме во битката. Паралелно правиме активности, анализи, ги поддржуваме општествените движења кои цениме дека се во прилог на нашите заложби и принципи. Затоа бараме нов закон“, коментира за Дојче веле Константин Битраков студент, член на Студентскиот пленум.

Комуникација без етикетирање

Студентите се свесни дека битката за нивните барања нема да биде лесна, но се одлучни да продолжат со своите активности. Во актуелната власт повеќе не гледаат партнер ниту пак капацитет и волја за позитивно решение на целиот процес. Тоа како што велат студентите било очигледно уште во самиот старт на разговорите околу нов закон за високо образование кои тие ги напуштија:

Studentenproteste in Skopje, Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Тој процес започна но ние од него излеговме поради тоа што сметавме дека станува збор за власт за која се докажа дека е нелегитимна, или постојат сериозни индикации за такво нешто. Не се чувствувавме пријатно во разговорите со нив кои воопшто и не беа сериозни. Меѓутоа тоа не значи дека ние се откажуваме од нашите заложби, напротив, нашита барања и заложби ќе ги истакнуваме не само кон оваа, туку кон секоја друга власт. Во многу наврати оваа политичка елита на власт се покажа дека нема капацитети за сериозен закон, не само за високо образование, правниот систем се урива веќе со години. Власта можеби ја научи лекцијата дека реформите кои ги протуркаа, дури и малку насилно во три часот наутро, се нелогични, но веќе е предоцна да речеме дека со нивното одложување ние сме задоволни. Дополнително и откако доживеавме лично и како групација извесен однос од таа власт. Кога има едно општествено движење прво што се прави од страна на власта е да се ставаат етикети. Никој не седнал да слушне што имаат да кажат луѓето туку без веднаш не етикетираат. Тоа воопшто не треба да е така, но дури и тоа да е вистина, ако нашите барања се логични и издржани повторно тоа не треба да биде пречка тие да се слушнат бидејќи станува збор за барања на граѓаните, без разлика на политичката определеност или симпатии, барања согласно уставот законите, меѓународните договори, принципите на демократија“, реагира Битраков.

Студентите инсистираат на целосно нов закон

Во целиот процес искреност не препознава ниту експертската јавност:

„Немаат ништо научено, мислат дека тоа ќе можат да го спроведат, да го одложат па спроведат. Мислат дека ќе помине време, ќе најдат луѓе ќе инсталираат други инсталации и подоцна ќе им успее. Тоа е таа ужасна политика се` да контролираат. Оттука во целиот случај воопшто не гледам искрена желба ниту волја за промени. Сакаат закони за уцени, за сметка на послушниците, таков систем на самоволие немало ни во претходните времиња, целосно самоволие се` да се контролира, да се најдат милиони закачки ако некој не е по нивна волја. Зборуваат за реформи за квалитет, а во извршниот комитет владејачката партија избра двајца членови професори без трудови со импакт фактор! Цело време се работи со манипулцации, да се озакони можноста за пресметка со непослушниците и да се инсталираат свои кадри, послушници кои ќе служат за гласачка машинерија. Да имаа контрола“, предупредува универзитетскиот професор Ненад Новковски.

Mazedonien Studierende in Skopje Proteste
Фотографија: DW/K. Blazevska

Со новите измени на Законот за високо образование донесени минатата недела уште еднаш се одложија сите спорни одредби против кои академската заедница бурно реагираше. Согласно измените, спроведувањето на државниот испит за студентите се одложува дополнително за уште една година, односно обврската за професорите да објавуваат научни трудови во списанија со импакт фактор. Студентите велат дека не се против реформи за поквалитетно образование, но инсистираат на носење на целосно нов интегриран закон.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема