1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Германски компании во Русија – воени соработници?

Миодраг Шориќ
9 април 2022

Со секој одминат ден од војната се зголемува притисокот врз западните компании да се повлечат од рускиот пазар. Секој кој досега правел бизнис со Путинова Русија, ќе мора да се откаже од тоа, смета Миодраг Шориќ.

https://p.dw.com/p/49UPW
Russland Metro-Markt in Vladikavkaz
Метро е една од компаниите кои сѐ уште не се повлекле од РусијаФотографија: Anton Novoderezhkin/ITAR-TASS/imago images

Бројни западни компании веќе го напуштија рускиот пазар поради воената агресија на Путин врз Украина. Инвестиции во висина од милијарди евра, создавани и градени над 30 години, се претворија во пепел за само неколку недели. Германскиот Комитет за источноевропска соработка бара финансиска помош за погодените компании.

Ако воопшто биде дадена помош, тогаш таа треба да им биде дадена само на оние компании кои брзо и целосно го напуштија рускиот пазар. Вио никој случај не би смеело да има државна помош за компании како Ритер-Спорт, Метро, Глобус, Бајер, Хенкел или Кнауф, кои и понатаму работат во Русија. Со данокот што ѝ го плаќаат на Москва тие помагаат да се финансираат нехуманите акции и убиства на Русија, стануваат воени соработници. Исто како и француските фирми Леруа Мерлен, Тотал или Ошан.

Економскиот притисок врз Русија не е цел сама по себе

Овие компании продолжуваат да се држат до Кремљ, често со излитени изговори, како на пример дека тоа го прават поради одговорност кон своите руски работници кои не се одговорни за крвопролевањето. Контрапрашање: Дали мислат на оние вработени, од кои голем дел гласале за режимот на Путин? Или оние Руси кои ја подржуваат таканаречената „специјална операција“? Државната пропаганда не може да се користи како изговор за сè , зашто добар дел од руското население искрено го поддржува Путин.

Soric Miodrag Kommentarbild App
Миодраг Шориќ

Компаниите кои и натаму работат во Русија се исправени пред една морална дилема: да продолжат да прават профит, со што ќе си обезбедат економска иднина за компанијата, или да се соочат со загуби и загрозени работни места? Но, секому кој ќе погледне во очите на мајките кои умират во Мариопол или на стотиците илјади очајни деца кои се во бегство, брзо ќе му стане јасно што треба да направи. Економскиот притисок врз Русија не е цел сама по себе. Целта е со ваков притисок да се стави крај на убиствата во Украина. Вредности како хуманост или почит кон животот не се достапни бесплатно.

Западните компании кои сакаат да останат во Русија исто така имаат одговорност и кон своите вработени во Германија и ЕУ. На крајот на краиштата, кој сака да работи за компанија која прави бизнис со воени злосторници? Затоа, порано или подоцна сите западни компании ќе мора да ја напуштат Русија. Засега сè уште нема повици на Западот за бојкот на овие компании, но подготовките се веќе одамна во тек. Дополнително и московскиот владин апарат со своите „контрасанкции“ се погрижи западните компании во Русија да немаат иднина –остварениот профит компаниите веќе не може да си го префрлаат во странски девизи. А кому му требаат безвредни книжни пари на кои пишува „рубља“? 

Да се учи од историските грешки на другите

На крајот е јасно дека и со прекин на огнот економските услови ќе станат уште полоши. За да преживее, Путин ќе мора да се врати на планска економија, кон целосна контрола врз политичкиот, економскиот и културниот живот. Со ова ќе се фаворизираат домашните компании, како што беше во времето на Советскиот сојуз. Русија, која живее од извоз на суровини, ќе се претвори во евтина бензинска пумпа за Кина. Пекинг непречено ќе ја експлоатира империјата на Путин – процес кој може да трае со децении.

Во меѓувреме речиси и да нема надеж дека Русите ќе го соборат овој режим. Оној кој верува во спротивното е наивен и никогаш не живеел во Русија. Мнозинството од населението, исто како и во Советско време, ќе се повлече во приватниот живот или ќе емигрира. Сѐ додека секое семејство има „дача“, помеѓу Калининград и Владивосток никој нема да гладува.

Сонот на Путин за враќање на Советскиот сојуз можеби ќе се оствари за период од неколку години. Но, западните компании не треба да имаат придонес во остварувањето на овој сон. Напротив, треба навреме да ги извлечат поуките од историските грешки на другите. ИБМ или Форд соработуваа со нацистичката диктатура во Германија до 1938-ма, но подоцна се најдоа во нужда да мора и тоа како да објаснуваат.