1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЕУ како морков, српската влада како стап

Драгослав Дедовиќ
3 март 2017

Пристапните преговори на Србија со ЕУ напредуваат бавно. Од Белград доаѓаат самопофалби, ЕУ меѓутоа е воздржана. Високата претставничка на ЕУ, Федерика Могерини стекнува увид во ситуацијата на лице место во Белград.

https://p.dw.com/p/2YZoa
Serbien Premierminister Aleksandar Vucic
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Lecocq

Официјално ставот на српската влада е сосема на линија на Европската унија: „ЕУ треба да ја сфатиме како сериозен партнер, а не како како златно буре кое сме го нашле и потоа сѐ ќе биде добро - подобри плати и пензии, работни места, помала невработеност. Тоа не треба да ни го донесе ЕУ, тоа треба да го оствариме ние“, вели за ДВ министерката за државна управа и локална самоуправа, Ана Брнабиќ.

Во реалноста меѓутоа патот кон ЕУ се покажува покаменит. Од почетокот на 2014 година, кога започнаа пристапните преговори, до денес се отворени само осум од вкупно 35 преговарачки поглавја. Само две поглавја, кои ја регулираат науката и културата, се затворени. Со вакво темпо Србија ќе биде подготвена за пристапување кон ЕУ дури меѓу 2025 и 2030 година, иако Белград како посакуван термин ја наведува 2020 година. Згора на тоа за некои од најтешките теми треба допрва да се преговара - како на пример поглавјето 35, кое се однесува на нормализацијата на односите со Косово.

Косово и љубовта кон Русија

За оваа тема Белград секогаш има подготвено проруска гестикулација. Де се организира српско-руска воена парада, де Москва ѝ поклонува на Србија стари борбени авиони. Притоа шпагата исток-запад останува суштинска за одржувањето на српската политика за Косово. Оваа некогашна српска провинција, со мнозинско албанско население, прогласи независност во 2008 година. САД и 23 од 28-те земји членки на ЕУ веднаш го признаа Косово. Москва, наспроти тоа, со правото на вето во Советот на безбедност на ОН до денес го блокира приемот на Косово во Светската организација.

Putin in Belgrad 16.10.2014 Fans bei der Militärparade
Фотографија: AFP/Getty Images/Andrej Isakovic

Поради руската поддршка, политиката на блокада од страна на Белград, во меѓувреме го нервира мнозинството во ЕУ. За волја на вистината Белград и Приштина под покровителство на ЕУ преговараат во Брисел за нормализација на односите, но двете страни притоа имаат темелно спротивставени ставови.  Политиката „како со Брисел, така и со Москва“ е константа во надворешнополитичкото позиционирање на земјата под раководство на национал-конзервативниот премиер Александар Вучиќ. Меѓутоа некритичката љубов кон „српско Косово“ и кон Русија остануваат сериозни пречки на патот на Србија кон ЕУ.

Катастрофален економски развој

Кон сето тоа се надоврзува непријатната состојба на српската економија. Душан Рељиќ од Фондацијата Наука и политика одамна предупредува дека шесте западнобалкански земји (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија) се препуштени на сопствената економска судбина. Тие не се во состојба самостојно да генерираат економски раст вреден за спомнување. „Пресметките на Светска банка покажуваа дека дури и ако овие земји би имале шестпроцентен годишен раст, просекот на ЕУ би го достигнале дури во 2035 година - под предуслов земјите од ЕУ да немаат никаков економски раст“, вели Рељиќ. Но за интензивна финансиска поддршка од страна на ЕУ за заслабените економии, како на Србија, така и на останатите балкански земји, во моментов не може да стане ниту збор во Брисел, кој сѐ уште се справува со шокот од Брегзит.

Во актуелниот годишен извештај на Амнести Интернешенел можат да се пронајдат натамошни предпрограмирани преговарачки потешкотии за Белград. Во него се набројани примери за државното самоволие и политичката контрола над судството и полицијата, меѓу кои највпечатлив е случајот „Савамала“. Актуелниот извештај на Европската комисија за напредокот на Србија на патот кон ЕУ ја заокружува сликата. Во 2016 година во областа на слободата на мислењето и на борбата против корупцијата може да се прочита едноставен наод: без напредок!

Семоќниот Вучиќ

И покрај тоа од Брисел може да се чујат главно пофални зборови за реформските напори на Србија проследени во крајна линија со дипломатски завиена критика. Официјален Белград и ЕУ градат заедница од интерес. На Брисел му е потребна стабилноста на Балканот. Додека Вучиќ внатрешнополитички е неприкосновен, покажува готовност за разговори со Косово, води умерена бегалска политика и ја повторува мантрата „никогаш повеќе војна“, не треба да се разголува како егоистичен автократ, сметаат во Брисел.

Brüssel EU Dialog Belgrad Pristina
Фотографија: European Union

Во Белград, од друга страна, ЕУ е потребна како политичка цел, со која граѓаните ќе поврзуваат некоја неодредена надеж за подобар живот. ЕУ како морков, српската влада како стап: оваа поделба на работата со себе носи ризик во очите на многу српски граѓани ЕУ да изгледа како соучесник на Вучиќ.

Овој сомнеж сега треба да го распрсне првата дипломатка на ЕУ Федерика Могерини која денеска е во посета на Белград, каде штотуку беше отворена предизборната кампања. Моќниот човек на Србија Александар Вучиќ одлучи премиерската функција да ја замени со претседателската - сосема според моделот на Путин и на Ердоган. Изборите се одржуваат на 2 април. Провладините медиуми ја претставуваат посетата на Могерини како добредојдена помош за изборната кампања на Вучиќ. Ако и нејзината критика на српската политика остане скриена зад кулисите, тоа нема да ѝ користи многу на земјата, на наизглед семоќниот Вучиќ меѓутоа дотолку повеќе.