1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Колку е независно германското судство?

7 август 2017

Спорот околу полската правосудна реформа повторно ја доведе во фокус темата за независноста на судството. Во Германија таа е темел на правната држава. Каде се меѓутоа нејзините граници?

https://p.dw.com/p/2ho9l
Deutschland Justiz Gerichtssaal OLG Karlsruhe
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Во правна држава независноста на судиите не е привилегија, туку обврска. Во Германија независноста на правосудството е пропишана со Уставот: „Судиите се независни и потчинети се само на законите“ се вели во Членот 97, став 1.

Притоа германскиот правосуден систем разликува два вида неависност. Како прво има професионална независност, таа ја чува стручната компетентност. Судиите не смеат да бидат изложени на влијание во случаи на судски пресуди, но ниту од страна на претпоставени или колеги преку службени наредби или оценки на нивната работа.

Покрај тоа, има и личната независност, според која секој доживотно назначен судија не смее против негова волја да биде отпуштен или преместен. Со тоа треба да се спречи самите судии да бидат изложени на самоволие кое би можело да влијае врз нивната независност.

Какво влијание има политиката?

Но ниту еден систем не е перфектен. И во Германија неутралноста на судиите и нивната независност се доведува во прашање, критикува и оспорува. Кој смее да одлучува за именувањето и унапредувањето на судиите? „При именувањето на судии во сојузните покраини во основа се оди строго според оценките“, објаснува правната експертка Гиги Депе. „Но прашање е, колкаво влијание врши политиката при унапредувањето на судиите“.

Кој ќе биде именуван, а кој унапреден, тоа го одлучуваат таканаречените одбори за избор на судии. „Во најголем дел во овие одбори седат и политичари од покраинските парламенти“, вели Депе. „Тогаш делумно сепак и политичарите имаат многу големо влијание при пополнувањето на судиските функции“.

Deutschland Justiz Schwurgerichtssaal im Landgericht Karlsruhe
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Deck

Народните избраници соодлучуваат

Меѓутоа политичката партиципација има и своја смисла, објаснува правната експертка. „Може да има свои добро страни, ако народните претставници соучествуваат во тоа“. Во спротивно, постои опасност екипирањето на судовите премалку да го отсликува мислењето на народот.

„Првата судијка-лезбејка во Сојузниот уставен суд, на пример, вели дека можеби без влијанието на пратениците во Бундестагот од редовите на партиите на Зелените и на Левицата веројатно воопшто не би била избрана“, вели Депе. „Традиционално конзервативното судство можеби такво нешто воопшто не би можело да си замисли“

Кој сака да биде судија, не мора да биде само добар правник. „Многу поважен е внатрешниот став на судијските и судиите“, вели Депе. Според Уставот, судиите мора да одлучуваат според законите, дури и тогаш кога тоа не соодветствува со нивното сфаќање на правото. Тука улога може да игра погледот на светот. 

Отворено вршење на влијание, според експертката, нема. „Во оваа точка судиите во Германија се многу самоуверени и не го дозволуваат тоа“. Покрај тоа, такво однесување на политичарите е презрено. „Кога некој одговорен политичар по исклучок во минатото коментирал актуелни судски процеси, тогаш тоа не завршувало добро за него. Подоцна за тој политичар се говорело со презир“, вели Депе.

Границите на независноста

„Nemo iudex in sua causa" - никој не е судија во сопствениот предмет, гласи една стара правна поговорка. Но дали судиите како дел од правосудните системи се исклучок? Тие интерпретираат и пресудуваат како законот може и смее да биде разбран - а судат и за постапувањето на нивните колеги. На тоа некои гледаат критички, но и тука судиите не се целосно недопирливи.

Deutschland Bundesverfassungsgericht Symbolbild
Фотографија: picture alliance/dpa/u.deck

Интерна надзорна служба ја контролира работата на судиите и таа ракува со жалбите против судијките и судиите. Судиите можат да бидат обвинети за злоупотреба на законот ако погрешно го толкуваат правото и притоа им наштетуваат на други. Во рамките на една судска дисциплинска постапка, судиите и судијките можат да бидат отпуштени или преместени. Понекогаш некој судија не може да изнајде пат кон урамнотежена пресуда. Тогаш тој од причини на пристрасност може самиот да се повлече од процесот, но за тоа можат да пледираат и тужителите или тужените.

Последни инстанци

И покрај сите внатрешно-контролни механизами германското правосудство е затворен систем. Дали тоа го прави подложно на злоупотреба? „За среќа тоа не е случај“, велу Депе. „Ние имаме два европски суда, кои често ги преиспитуваат и германските судски одлуки“. Како членка на Европската унија Германија ги признава и пресудите на Врховниот суд на ЕУ во Луксембург и на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. „Понекогаш од таму ќе произлезе и поинаков резултат“, вели Депе.

Неодамна имено една пресуда на германските судови за протерување беше стопирана од европскиот суд во Стразбур, бидејќи судиите таму сметаат дека во пресудата недоволно се разјаснети некои прашања поврзани со Европската конвенција за човекови права: „Се покажува дека целата работа се расветлува од поинаква гледна точка “, вели Депе.