1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Стил на живот

Патувањата се зачин на животот

Кармен-Франческа Банчиу
22 јули 2017

Има многу начини за патување: далеку или блиску, како турист или деловно, долго или кратко... Сеедно како - секое патување го менува животот, смета Кармен-Франческа Банчиу.

https://p.dw.com/p/2h0K6
Carmen-Francesca Banciu, Autorin
Фотографија: Marijuana Gheorghiu

Штом деновите станат подолги, а светлината и сонцето помоќни, нè совладува поривот да излеземе од домашната околина, од комотното царство кое нѐ заштитува назима. Нè совладува копнежот по светските ширини. Наеднаш сме подготвени да ги игнорираме пречките и нелагодностите, па дури и доброволно да се изложиме на опасности.

Што е овој копнеж и зошто нè обзема? И младо и старо. И сиромашен и богат. И учен и помалку учен. Сам или со семејство. Копнежот е тука за сите. Сакаме да одиме. Далеку, што е можно подалеку.

Копнежот за патување е прастар

Symbolbild Blick aus Flugzeugfenster auf Himmel und Wolken
Денес речиси секој може да патуваФотографија: picture-alliance/dpa/M. Scholz

Долго време аџилаците важеле за вистински патувања кои биле поврзани со големи жртви и кои ги правеле и обични луѓе, додека патувањата за едукација биле резервирани за луѓе од повисоките класи. Денеска скоро секој може да патува. Патувањата најчесто се доживуваат како лековити, едукативни, опоравувачки, го зацврстуваат карактерот, го прошируваат знаењето, делуваат позитивно. Дали Одисеј навистина постоел не се знае. Неговото враќање дома Хомер го раскажува како талкање и уште од античко време ни се пренесува како битно културно наследство. Можеби е ова израз на здрава скепса како противтежа на копнежот и еуфоријата за патувањата.

Копнежот има многу нијанси

Колумбо, Марко Поло, Америго Веспучи, Васко де Гама, Магелан, Александар фон Хумболт - сите биле откривачи, кои по налог или носени од сопствениот истражувачки дух, патувале и завршиле голема работа за човештвото.

Пионерката во патувања, Нели Блај, сакала да ги отстрани предрасудите спрема жените и нивните патувања и во 1890-та успеала за 72 дена, 6 часа и 11 минути, облечена во само едно фустанче кроено по мерка, да го заобиколи светот, побрзо отколку јунакот на Жил Верн, кому во истоимениот роман му се потребни 80 дена околу светот. По една животна криза, новинарката Елизабет Гилберт тргнува на патување по светот и во книгата „Јади, моли се, сакај“ тоа го опишува како процес на себеспознавање.

За луѓето од Источна Европа, кои долго живееле во диктатура, патувањата и натаму се како чудо. Ако некој живеел во Романија пред револуцијата многу е веројатно дека никогаш немал пасош или дозвола за излез од земјата. Луѓето како мене најчесто патувале со духот, преку книги, филмови и уметност и преку сопствената имагинација. Поимот патување за нас во тоа време се однесуваше на далечни, но и на помалку далечни земји. Беше поврзано со слобода и независност. Би можело да се каже - со претставата за тоа што е среќа. По падот на режимот не бевме веќе заробени во нашата земја, туку изолирани од страна на останатите земји. За да одиш некаде ти требаше виза, а ова се смени дури со пристапувањето кон ЕУ.

Stempel Visum in einem Reisepass
Фотографија: Fotolia/Chad McDermott

Долга традиција на патување

Веќе долги години живеам во Германија, а копнежот да го запознаам светот тука е посебно голем. И можам да си го изживеам. Тука слободното движење, а со тоа и патувањето, спаѓа во основните човекови слободи и права. Овде родителите ги праќаат по светот своите деца по завршување на училиштето. Тие помагаат како доброволци во повторната изградба на кризни региони. Одат на пракса во далечна земја. Се учат да преживеат во непозната култура. На некој начин тоа е година шетање за да им овозможи да станат самостојни, силни, одговорни и зрели за испитот - живот.

Германија има долга традиција на патувања. Се вели дека Германците се светски прваци во патување. Има безброј причини да се патува. Имам пријатели кои секоја година патуваат во друга земја и по цела година се подготвуваат за тоа. Чешлање библиотеки и цели купишта книги и инфо-материјали. Читаат за литературата, историјата, животот, луѓето, уметноста и културата и посетуваат настани поврзани со темата. Го вдишуваат знаењето за претстојната дестинација. Тие сакаат да ги разберат нештата, политички или човечки, и да ја сфатат поврзаноста. И ја учат дури и основата од јазикот на секоја од земјите што ја посетуваат.

Познавам и луѓе кои, каде и да одат, ја промашуваат сегашноста. Луѓе кои никогаш не се присутни со духот на местото каде што во моментот се наоѓаат. Трчаат наоколу и моментот го фаќаат на слика за да ја гледаат во иднина. Или ги простираат за пријателите на Фејсбук. Луѓе кои носат со себе листа на нешта кои треба да се видат и брзо ја штиклираат.

Türkei leere Strände in Urlaubsregion
Има мали и големи патувања, патувања во светските ширини или пак во сопствената внатрешностФотографија: picture alliance/ZB/J. Kalaene

Мал рај

Иако најголемиот дел од нас сака да оди на патувања, не сме баш фини кон туристите. Забораваме дека и самите сме исто, на сите оние места кои не ни се дома. Сакаме да најдеме места со недопрена природа, да најдеме празна плажа и музеј што само за нас ќе отвори. За по некој обожувач на Грција дури подобра варијанта би била Грција без Грците.

Други плаќаат скапи летови и се изложуваат на малтретажи за да си ја јадат домашната храна со свои луѓе во странство и да размислуваат за тоа како малиот рај би можеле да го претворат во ним веќе познатото.

Има мали и големи патувања. Патувања во светските ширини или пак во сопствената внатрешност. Сите тие може да станат голема авантура. Кои и да ги избереме, ќе остават траги. Ќе нè сменат. Ќе нè подмладат. Ќе ни го разубават животот, ако дозволиме. Ако на светот и на луѓето им пристапиме со љубопитство.

Кармен-Франческа Банчиу е романска и германска писателка и доцент. Од 1990 година живее во Берлин и како слободен автор води семинари за креативно пишување. Од 1996 година пишува и на германски јазик. Нејзини последни издадени дела се книгите „Лесно ветре во рајот" и „Берлин е мојот Париз - приказни од престолнината".

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема