1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали војната на Путин во Сирија беше погрешна проценка ?

Константин Егерт
30 септември 2020

Кога Путин пред пет години испрати трупи во Сирија, ги фати САД неспремни. Но Блискиот исток бргу се менува па она што изгледаше успешна стратегија може да се покаже како неуспех, коментира Констатин Егерт.

https://p.dw.com/p/3j9mC
Vladimir Putin und Bashar al-Assad
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Klimentyev

На крајот од септември 2015 година, иранската Револуционерна гарда и нејзините сојузници, борците од либанскиот Хезболах беа на крај на сили обидувајќи се да го поддржат режимот на Асад и неговите трупи, кои водеа се повеќе загубена битка протов исламистите од сите редови поддржани од различни регионални играчи – Турција, Саудиска Арабија, Катар – и формацијата од сириските Курди. Кремљ му го даде на Асад и Иранците она што многу им недостасуваше – голема поддршка од воздух. По руските пилоти набрзо следеа маринци, воени советници и платеници од таканаречената приватна воена компанија Вагнер.

Денес, се чини како никој да не може да го отстрани Асад. Владимир Путин ги прошири и модернизираше руските поморски станици од советско време во медитеранските градови Латакиа и Тартус, претворајќи ги во воени бази. Иако за Русија, која не е, ниту ќе биде поморска сила, ова веројатно не е најважната инвестиција. Нејасно е какви придобивки доби рускиот режим од експлоатацијата на сириските природни ресурси, но групацијата Вагнер наводно ги штити и природните ресурси и рафинерии, што зборува доволно.

Анти-американската надворешна политика на Путин

Како и да е главната причина за вклучување на Кремљ во Сирија е истата како и секогаш – да го продолжи глобалниот отпор против САД кој Путин го започна со неговиот воинствен говор во 2007 на Минхенската безбедносна конференција. Најголемиот кошмар на руската елита дека еден ден САД со својата мисионерска жар за демократизација на светот (донекаде ослабен преку политиката на раздружување на Барак Обама, а подоцна и на Доналд Трам), сѐ уште се смета за најголема закана за Кремљ.

Држење на САД подалеку од пост-Советскиот простор и поддршка на анти-западните режими низ светот се главните столбови на руската надворешна и безбедносна политика под Путин.

Повеќе:

-Турција контра Русија: натпревар за превласт во Сирија

-Што по повлекувањето на САД од Сирија?

-Победниците и губитниците во северна Сирија

Во ова светло Сирија во 2015 беше продолжение на Грузија од 2008, Украина од 2014 и Црна Гора од 2016 (каде Москва се обиде да организира пуч за да спречи влез на земјата во НАТО) и Венецуела од 2019 (каде Кремљ цврсто го поддржува Николас Мадуро). Белорусија во 2020 каде Кремљ застана на страната на претседателот Александар Лукашенко против сопствениот народ исто така влегува во оваа категорија. Путин многу сериоазно си ја сфаќа улогата на бранител на диктатури низ светот. Според него, ова ги тера САД да го почитуваат, ако не и да се плашат од него.

Syrien Russischer Militärpolizist in der Nähe von Idlib
Фотографија: picture-alliance/Sputnik/D. Vinogradov

Што доби Русија?

За долгорочните руски национални интереси да се обезбеди Асад да остане на власт е дубиозна добивка, ако воопшто може да се зборува за добивка. Москва сега е цврсто поврзана со судбината на сирискиот режим и уште попроблематично - со иранските патрони на Асад. Тоа се случува во ера на драматични промени во регионот. Нормализирањето на релациите на Израел со ОАЕ и Бахраин со посредништво на Вашингтон, бележи историска промена во регионалната политика.

Тоа е екстремно непријатно изненадување не само за верските водачи во Техеран, туку и за Кремљ. Прераното убедување дека американското влијание во блискоисточниот регион опаѓа, како и тоа дека иранската хегемонија е неизбежна, ги измами двете страни.

Ако Судан, Оман и евентуално Саудиска Арабија го следат примерот на ОАЕ и Бахраин, иранскиот режим ќе се соочи со тешки времиња, дури можеби и со пад на режимот на Хомеини. Без поддршка од Техеран и Асад ќе биде многу ранлив.

Во такви околности неговата желба да изгради релации со Вашингтон и Ријад може да биде неодолива. Русија тоа никако не може да го спречи, а военото присуство во Сирија може да стане џокер во политичките игри на Асад. Стратешката кратковидост на Путин исто така се манифестираше во релациите со друг регионален играч - Турција. Неформалниот договор за Сирија што го постигна во 2015-16 со турскиот претседател Ердоган беше во голема мера миниран. Пред пет години Кремљ мислеше дека ја “нагризува” јужната граница на НАТО со тоа што шурува со Анкара. Денес, Ердоган финансира дел од анти-Асад силите во Сирија и се приклучи на војната против клиентот на Кремљ, маршалот Калифа Хафтар во Либија, а сега и отворено го поддржува Азербејџан во воените операции против Ерменија, еден од најверните и најблиски сојузници на Москва.

Пред пет години руските авиони МИГ се појавија на небото над Сирија, на прашањето „што војната на Путин им донесе на Русите?” одговорот е прост: „Ништо.”

Луѓето сѐ повеќе сакаат Кремљ да се повлече. Личниот престиж на Путин излезе многу поразличен од националните интереси на Русите. Тие што ќе дојдат по него ќе мора да ги редефинираат.