1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Што по повлекувањето на САД од Сирија?

Катрин Мартенс | Фабијан фон дер Марк
24 октомври 2019

Испробување сили на средбата на НАТО во Брисел - во светло на критиките на САД и Турција од сојузниците, предлогот на германската министерка за одбрана за заштитна зона во Сирија не привлече многу внимание.

https://p.dw.com/p/3RpVG
Irak | US Truppen auf Rückzug aus Syrien
Фотографија: Getty Images/B. Smith

„Секогаш поздравувам предлози од земја членка со кои се нуди решение како може да се делува понатаму." Со оваа реченица, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг настапи пред новинарите без никаков сомнеж во однос на отвореност за предлози од Берлин.  Предлогот на германската министерка за одбрана Анегрет Крамп – Каренбауер,  да се воспостави меѓународна безбедносна зона во северна Сирија, според Столтенберг е позитивен импулс. Тој ја поздрави и идејата да се вклучат сите инволвирани страни.

Генералниот секретар очекува дека германската министерка за одбрана на редовниот министерски состанок во НАТО предлозите ќе ги дискутира со останатите земји членки. Освен оваа мала точка од Берлин, се чини дека Анегрет Крамп – Каренбауер, која за првпат во својство на министер за одбрана ќе учествува на состанок на Алијансата, нема да предизвика некое големо внимание.

Вашингтон го поздравува предлогот

Во суштина слична блага реакција за германскиот предлог, еден ден пред министерската средба, дојде и од САД. Вашингтон подолго време ја критикува неподготвеноста на парнерите во Алијансата за поголема вклученост во активностите на сојузот. Било тоа да е во однос на долготрајниот спор во Алијансата околу нивото на трошоци за одбрана и зголемување на финансиската поддршка, или во форма на конкретни иницијативи. Вашингтон го оценува позитивно тоа што сега Германија нуди идеја која може да биде евентуална основа за дебата, вели американската амбасадорка Кеј Бејли Хачинсон, во разговор за Дојче Веле во седиштето на НАТО.

Belgien Brüssel | NATO Generalsekretär Jens Stoltenberg
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во германскиот предлог гледа позитивен импулсФотографија: picture-alliance/AA/D. Aydemir

Сепак германскиот предлог како тема, не предизвика голем интерес на едночасовната прес конференција во преполната сала во НАТО. Според аналитичарите, во моментов земјите членки на НАТО не се фокусирани на германскиот план за  Сирија

Германската министерка за одбрана сака да го привлече вниманието на партнерите токму на оваа тема. Нејзиниот портпарол во средата во Берлин изјави дека Крамп-Каренбауер „ќе вложи многу“ во комуникација со повеќе парнери и „сигнализирана е подготвеност да се разговара за овој предлог."

Прашања од Париз

Многумина во Берлин велат дека е предоцна. Министерот за надворешни работи на Германија Хајко Мас зборуваше за телефонски повици од иритирани сојузници. И пратеници раскажуваат дека имало прашања од нивните странски колеги, токму од Франција. Франциска Брантнер, координатор на Зелените во Комисијата за Европа на германскиот Бундестаг, во разговор со Дојче веле вели дека имало потпрашања од Париз „дали сериозно да го сфатат предлогот или се работело само за внатрешнополитичка употреба."
Политичарката објаснува дека била „фрапирана" кога чула дека предлогот не бил разгледан ниту во рамки на владата, ниту со европските партнери. „Така не функционира одговорна политика", смета Брантнер.
Во Франција наишло на „многу критика" што германската министерка за одбрана ништо не споменала за можно германско учество во воен ангажман. „Госпоѓа Крамп -Каренбауер не изјави дека ќе пратат и Германци. И на тоа во Франција постои чудење."

Нерасположение поради САД

Дали Франција и во Брисел ќе се покаже критички настроена кон предлогот ќе се покаже на средбата на Алијансата. Во седиштето на НАТО не можат да ја разберат реакцијата за иницијативата на германската министерка за одбрана. Од дипломатски кругови се вели дека уште  владее нерасположение од една страна поради САД  кои на никаков начин не ги информирале сојузниците за повлекувањето на своите сили од регионот, а од друга страна поради Турција.  Турската инвазија  и тешките и далекусежни последици за регионот и цивилното население кај многу земји членки, меѓу кои и Германија, се предмет на остра критика.

Türkei | Grenze zu Syrien
Турски извиднички пункт на границата со СиријаФотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo/L. Pitarakis


За некои членки ставот на генералнио секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, е премногу благ. Иако тој од членката Турција бара максимална воздржаност и почитување на меѓународното право, сепак останува на својата позиција дека турската постапка се базирала на „легитимна безбедноснополитичка загриженост".

НАТО воздражан со критика за Анкара

До сега Алијансата не ја осуди турската инвазија во северна Сирија, за разлика од ЕУ. Тоа според информациите кај некои НАТО- сојузници предизвикало негодување. Ова е прва средба на Алијансата по ненајавеното повлекување на САД и прва можност по офанзивата на министерско ниво да се каже како стојат нештата во НАТО, најпрво меѓу сојузниците САД и Турција. И тоа според аналитичарите појаснува зошто германскиот предлог не предизвика големи реакции. Само Русија, која не е членка на НАТО, уште сега го одбива германскиот план за меѓународна тампон зона. Утре членките ќе се изјаснат поединечно, конкретни одлуки не се очекуваат.