1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Повторно големи демонстрации против Лукашенко во Минск

Ута Штајнвер | агенции
24 август 2020

Стотици илјади демонстранти излегоа на улиците на Минск и покрај забраната за антивладини протести. Владата блокираше патишта за да спречи доаѓање на демонстрантите во главниот град. За првпат се активираше и војската.

https://p.dw.com/p/3hOIZ
Minsk | Großdemonstration Opposition Anti Lukaschenko
Фотографија: Reuters/V. Fedosenko

Море од бело-црвена боја се шири на улиците на Минск. Тоа се боите на опозицијата и знамето кое Белорусија го користеше по независноста од Советскиот сојуз во периодот од 1991 до 1995. Сега тоа е белег на демонстрантите кои веќе две недели протестираат за поголема слобода во Белорусија, повторување на контроверзните претседателски избори од 9 август, како и оставка на претседателот Александар Лукашенко, кој веќе 26 години владее автократски.

„Ти Лука го изневери својот народ„ и „Ти си нашата мизерија“ пишуваше на дел од транспарентите кои ги носат демонстрантите. Силно скандираа „Слобода„ и „Лука зад решетки“. Само за момент сѐ стивнува во 15.30 по локално време. Минута молчење за оние кои ги загубија животите за време на протестите. Засега се познати четири смртни случаи. Според некои опозициски платформи на улиците имало околу 200.000 луѓе. Тоа би било речиси исто како пред една недела кога за првпат по изборите на улица излегоа луѓе во волкав број. Дописникот на ДВ, Ник Коноли опишува дека атмосферата е опуштена, а некои од демонстрантите се со децата или домашните миленичиња.

Litauen | Demonstration Solidarität mit Belarus
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Kulbis

Државата: „Демонстрациите се нелегални“

Министерството за внатрешни работи пред демонстрациите во неделата објави дека „оддржувањето на масовни собири е нелегално„. Понатаму се вели: „За учество е предвидена одговорност.“ Полицајците преку мегафон ги потсетуваа демонстрантите на ова. Како што јавува репортерот на ДВ, Коноли од плоштадот на Независноста, тие биле истуркани од толпата.

Војската ја презема контролата врз националните споменици за „да ги заштити од демонстрантите“. Ова е новина бидејќи до сега само полицијата се справува со протести, од кои дел се брутални кон демонстрантите.

Повеќе:

-Меркел и Макрон го зголемуваат притисокот врз Лукашенко

-Путин не може без Белорусија, но може без Лукашенко

-Ризична игра на ЕУ околу Белорусија

Како и што се очекуваше владата го отежни пристапот кон главниот град, известува дописникот  на ДВ, Коноли. Така дел од патиштата кои водат кон главниот град биле блокирани, или било воведено строго ограничување на брзината, кое вообичаено го нема. Поради тоа што безбедносните сили затворија и повеќе метро станици, големи групи луѓе тргнаа пеш.

Belarus Minsk | Proteste gegen Präsident Lukaschenko
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/D. Lovetsky

Мерки на претпазливост при апсење

Според дописникот на ДВ, опозицијата ги повикала демонстрантите да носат лист со контакт информации од семејството или пријатели. Доколку дојде до апсења како минатата недела, овие листови може да се дадат на останатите или да се фрлат на земја, со цел роднините да бидат информирани за апсењето.

Според државната новинска агенција Белта, претседателот Александар Лукашенко на еден настан во саботата во градот Гродно, најавил дека од понеделник ќе се преземе акција.

Парада на автомобили која ја планирала про-владината страна во Минск е откажана, поради како што е официјално соопштено, можни провокации од страна на опозицијата. Меѓутоа, набудувачите се сомневаат дека поддржувачите на владата се воздржуваат од директна споредба со другата страна. Во минатото, демонстрациите за поддршка за владата беа многу помали, особено затоа што тие честопати беа нарачувани и на луѓето понекогаш им беше вршен притисок да учествуваат.

Во Литванија, во меѓувреме, во знак на солидарност, беше формиран синџир од луѓе од главниот град Вилнус до белоруската граница, долг над 30 километри во кој според организаторите биле вклучени околу 50.000 луѓе. Вакви помали човечки синџири имаше и во Латвија, Естонија и Чешка.

Minsk | Großdemonstration Opposition Anti Lukaschenko
Фотографија: Reuters/V. Fedosenko

Тихановскаја дава поддршка од егзил

Кандидатката на опозицијата Светлана Тихановскаја во едно интервју за новинската агенција АФП, изјави дека гестот на човечки синџир има огромно значење за Белорусите. „Тие ја чуствуваат оваа поддршка“. Таа ги повика своите сонародници „обединети да продолжат во борбата за правда“. Таа е „горда на Белорусите, бидејќи сега по 26 години се ослободени од страв и подгвени да си ги бранат своите права.“

Неколку дена по изборите од 9 август Тихановскаја пребега во Литванија. Таа и се заблагодари на оваа земја членка на ЕУ за нејзината поддршка. За балтичката новинска агенција Балтик њуз сервис, вели дека таму се „чуствува сосем безбедна„. Таа не ги коментираше деталите за нејзиното бегство ниту можноста за враќање во нејзината земја. Според руската новинска агенција Тас, Тихановскаја во петокот најави дека нема да се кандидира повторно доколку има нови избори во Белорусија. Таа секако се кандидираше на изборите наместо нејзиниот сопруг, откако тој беше уапсен во мај.

Во Белорусија по изборите има масовни протести против Лукашенко. Според официјалните изборни резултати претседателот бил повторно избран со 80% од гласовите. Критичарите го обвинуваат Лукашенко за голема изборна измама.