1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Макрон, најдобриот пријател на Трамп

Михаел Книге
25 април 2018

Оптиката е јасна: францускиот претседател ја оствари првата државна посета на САД во мандатот на претседателот Трамп, додека во истовреме канцеларката Меркел оди во Вашингтон само во работна посета. Ќе се исплати ли тоа?

https://p.dw.com/p/2wbJb
USA PK US-Präsident Trump und französicher Präsident Macron in Washington
Фотографија: Reuters/K. Lamarque

Изборот на Емануел Макрон за почесен гостин во првата државна посета на САД во ерата на Трамп ги заокружи успешните напори на францускиот претседател да создаде блиски лични односи со американскиот колега. Продолжената посета е во силен контраст со кратката средба на германската канцеларка Ангела Меркел и Трамп планирана подоцна неделава.

„Мислам дека претседателот Макрон е навистина поефикасен во остварувањето блиски односи со Доналд Трамп“, вели Џулиен Смит поранешна заменичка на советникот за национална безбедност на американскиот потпретседател Џо Бајден.

Моментот кога Макрон ја цементираше невообичаената лична врска со Трамп дефинитивно може да се датира на 14 јули 2017 година. Тогаш Макрон му беше домаќин на Трамп на впечатливата презентација на француската воена сила на Денот на Бастиља. Со парадата, која вклучуваше и американски трупи, беше одбележана 100-годишнината од влегувањето на САД во Првата светска војна и го импресионираше гостинот. Трамп беше толку воодушевен, така што им нареди на одговорните во Пентагон да смислат нешто слично во Вашингтон. Воена парада во американскиот главен град сега е во план за претстојната есен на Денот на ветераните. 

Макрон како „симболичен“ лидер

Посетата на Трамп и на првата дама Меланија на САД, која вклучуваше и блескава вечера на Ајфеловата кула, која Макрон ја нарече „вечера меѓу пријатели“, дефинитивно остави впечаток  и за тоа доказ е сегашната посета на Макрон на Вашингтон.  „За разлика од претстојното кратко патување на Меркел, посетата на Макрон потврдува дека на него во Вашингтон, барем во смисла на симболичната политика, се гледа како на двигател на Европа, на лидер , истакнува Џефри Андерсон директор на Центарот за германски и европски студии на универзитетот Џорџтаун. 

Frankreich Nationalfeiertag in Paris | Trump & Macron
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Euler

Повеќе:

-Можат ли Макрон и Меркел да го разубедат Трамп за Иран?

-Трамп со воена парада низ Вашингтон сака да демонстрира сила

-Вашингтон и Берлин на различна бранова должина?

Брзиот подем на Макрон коинцидираше со пролонгираното отсуство на Меркел од меѓународната сцена поради резултатите од германските избори, кои го искомпликуваа формирањето на нова влада, но и ја ослабеа нејзината позиција на домашната сцена.

Тоа е впечатлив развој на настаните за жената која пред помалку од една година беше славена како де-факто „лидерка на западниот свет“- улога кон која Меркел никогаш лично не стремеше и која веројатно ја преценува глобалната позиција на Германија.

Но причините за подемот на Макрон и очигледно комплицираните односи меѓу Меркел и Трамп се од постар датум, велат набљудувачите на трансатлантските односи. 

Тие истакнуваат дека Меркел како лидер и Германија како држава долго беа цел на критики најнапред на претседателскиот кандидат а потоа и на претседателот Трамп за бројни теми како на пример миграциите, трошоците за одбрана и германскиот трговски суфицит со САД.  На тоа треба да се придодадат и видливите потешкотии во личните односите меѓу Меркел и Трамп.

Две други работи кои го отежнуваа тој однос, според аналитичарите се тоа што канцеларката беше близок сојузник на претходниот претседател на САД Барак Обама и фактот дека таа е жена.

„Невозможно е со сигурност да се каже, но може да се претпостави дека претседателот има проблеми во односите со многу силни женски лидери“, вели Смит.

Berlin Merkel und Präsident Emmanuel Macron
Фотографија: Reuters/A. Schmidt

Опипливи резултати?

Клучно прашање е меѓутоа дали Макрон ќе може да ги исползува личните врски со САД за остварување на опипливи резултати за француските интереси, вели Џеф Ратке, директор на европската програма на Центарот за стратешки и меѓународни студии. 

„Големо прашање е дали тие лични односи навистина значат нешто, и дали Макрон поради успешното создавање на лична врска со Трамп ќе оствари резултати кои ќе бидат поинакви од оние кон кои се стреми Меркел“, вели Ратке. Судејќи според изјавите на Трамп по вчерашната средба со Макрон, не изгледа дека е така. За четирите клучни прашања- иднината на Иранскиот нуклеарен договор, продолженото американско воено присуство во Сирија, Парискиот договор за климата и американските царини кон Европа- Трамп остана цврсто на своите позиции и сугерираше дека не е расположен за компромиси. 

Тоа не значи дека воспоставувањето на блиски лични односи со кој било американски претседател, дури и со таков кој е прилично непопуларен во Европа не е значајно само по себе. Но носи и сопствени предизвици. Прашајте го само британскиот премиер Тони Блер кој  беше многу послушен кон претседателот Џорџ Буш , но не доби многу за возврат и подоцна беше исмеван како „пудлицата на Буш“, истакнува аналитичарката Смит. „ Макрон е во тешка позиција, бидејќи тој јасно сака да дојде во Вашингтон и да покаже дека овие блиски односи со Трамп се исплатуваат“.