1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се бара нов лек за грчкиот пациент

10 мај 2011

По средбата на европските министри за финансии зад затворени врати, во Европа се дискутира за можниот излез од должничката криза на Грција.

https://p.dw.com/p/11Cw8
Фотографија: fotolia

Втор пакет за спас на Грција или сепак кратење на долговите? По средбата на министрите за финансии во петокот (6.5.) во Луксембург, дискусиите за натомошните чекори во терапијата на грчкиот пациент одново се разгореа. Во Брисел никој не сака да ги открие деталите. Наместо тоа, врвните претставници на ЕУ ги демантираат шпекулациите дека Грција би можела да биде отстранета од евро-зоната. Претседателот на Советот на ЕУ, Херман Ван Ромпој, во изјава за белгиско радио истакна:

„Нормално дека опцијата за излез на Грција од евро-зоната е целосно исклучена, а не станува збор ниту за реструктуирање на грчкиот долг. Се дискутира за можните услови, под кои земјата повторно би се вратила на меѓународните пазари, со цел оттаму да се финансира.“

Меѓутоа, плановите Грција од следната година повторно да почне да добива пари од инвеститорите, од денешна перспектива излгедаат речиси неостварливи. Затоа веќе има гласини дека се подготвуваат нов пакет-помош за Грција. Пред само една година, Германија, Франција и останатите земји од ЕУ и` исплатија на Грција 110 милијарди евра, во замена за одлучни реформи за санирање на долговите.

Во моментов експерти од Европската комисија, Европската централна банка и ММФ се во Атина, со цел да и` помогнат на владата во спроведувањето на програмата за реформи. Извештајот за нејзините ефекти се очекува во јуни.

Преструктуирање на долгот се` поизвесна опција

Griechenland Finanzkrise Akten
Засега не се размислува за отстранување на Грција од еврозонатаФотографија: AP

И додека излезот на Грција од евро-зоната важи за табу, поради самиот факт што таков чекор воопшто и не е предвиден во договорите, зад кулисите веќе конкретно се зборува за преструктуирање на грчкиот долг. Тоа значи дека инвеститорите ќе мораат делумно да се откажат од средствата, што и` ги позајмија на Грција.

Помалку драстична мерка би била продолжување на роковите на грчките државни обврзници, или намалување на каматните стапки. За Даниел Грос, директор на Центарот за европски политички студии во Брисел, кратењето на грчкиот долг е само прашање на време:

„Тоа може да се спроведе на многу начини, меѓутоа мора да се случи што е можно побрзо. Се` зависи од тоа како ќе се изменаџира кратењето на долгот. Колку повеќе се одолговлекува, толку потешко ќе биде да се совлада“, нагласува Грос.

Алтернативно се разговара и за продолжување на помошта за Грција и откуп на грчките државни обврзници, преку европскиот фонд за спас на еврото, кој во 2013 година треба да го замени актуелниот механизам за финансиска поддршка.

Автор: Волфганг Ландмесер/Трајче Тосев

Редактор: Борис Георгиевски

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема