1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скапа негрижа

Хенрик Беме30 мај 2008

Во Бон денеска (30.05.2008) завршува големата конференција на ОН за заштита на природата. Претставници од речиси 200 земји, две недели преговараат за зачувување на природното богатство и биолошката разноликост.

https://p.dw.com/p/E9EU
Пепругата со метално црно-зелени дамки на крилата е еден од видовите на кои им се заканува исчезнувањеФотографија: picture-alliance/ dpa

На програмата и на последниот ден од маратонската конференција сеуште има седници. Поради некои спорни точки, можно е крајот на конференцијата малку да се оддолжи. Германскиот министер за екологија, Зигмар Габриел, како претседавач на преговорите, апелираше до делегатите и до министерот за екологија да дојдат до резултати за да му се застане на патот на исчезнувањето на еколошки важни простори и на исчезнувањето на растителните и животинските видови.

Колку уништувањето на природата ги чини економиите во одделните земји?

Први одговори на ова прашање има во студијата што на конференцијата во Бон беше претставена вчера. Студијата што своевремено ја направи Британецот Николас Штерн, на дебатата за промена на климата и‘ даде решавачки пресврт. Резултатот на неговиот т.н. Штерн-извештај гласи: да се преземаат мерки против затоплувањето на климата е скапо, но ќе биде уште поскапо доколку не се направи ништо.

Нешто слично, предвид имал и германскиот министер за екологија, Зигмар Габриел, кога заедно со надлежниот еврокомесар, Ставрос Димас, во текот на подготовките на конференцијата во Бон, дал налог да се подготви Штерн-извештај за разноликоста на видовите. Задачата му е доверена на Паван Сикдев, експерт за глобални пазари, кој работи за Дојче Банк во Индија. Неговиот одговор е недвосмислен: само загубата на шумски површини, годишно чини 6% од светскиот бруто домашен производ, или околу две милијарди евра. Притоа, главниот товар паѓа врз грбот на сиромашните.

BdT Fischindustrie Bilanz
Фотографија: AP

Заштитата на видовите мора да и‘ припаѓа на иднината

Паван зборува за драматичните последици од непланското ловење риби и нивното незаштитување: „Тоа не прашање на 100 милијарди долари кои недостигаат во приходот, или 27 милиони работни места кои ќе отпаднат во индустријата за риба. Тоа, пред се‘ е загуба на најважниот извор на животнински протеини за една милијарда луѓе во земјите во развој. Затоа велиме - ако исчезнувањето на видовите и еко-системите продолжи како досега, тогаш нема да се исполнат милениумските цели за борба против сиромаштијата. Доколку сакаме сиромаштијата да му припадне на минатото, заштитата на видовите мора да и‘ припадне на иднината.“