1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Учебната година како желботека

26 август 2020

Родителите на учениците и натаму имаат различни ствови за начинот на кој треба да се одвива наставата. ОД МОН највуваат законски измени, од Сојузот на средношколци - протест.

https://p.dw.com/p/3hVnO
Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Сѐ уште трае неизвесноста на учениците, професорите и родителите кога ќе започне учебната година, при што и натаму доминираат различни ставови за начинот на кој треба да се одвива наставата.  Министерот за образование во заминување, Арбер Адеми, во неколку наврати посочи дека за спроведување на планот и протоколите е неопходно е да има законски измени каде што ќе се остави можност Министерството за образование и наука да ја организира наставата согласно со епидемиолошката состојба.

„Да се остави флексибилност за преминување од еден на друг начин на организирање на наставата во зависност од околностите со кои ќе се соочиме. За ова и за предвиденото кратење на наставните часови, како и за други прашања, е неопходно да имаме  измени на законите за основно и за средно образование“, рече Адеми.

Тој процес може да се реализира по изборот на новата Влада на крајот од август, што значи дека учениците ќе го дочекаат први септември без законски измени кои се неопходни за почетокот на учебната година.

Скратена настава

Но, со оглед дека засега се планира настава со физичко присуство само за учениците од прво до трето одделение, законски измени за скратена настава можеби и не се непоходни за оваа категорија на ученици. Во Законот за основно образование таква можност нуди членот 50, став 6. Тој вели дека „воспитно-образовната работа не смее да се прекинува во текот на наставната година, освен за вонредни состојби (природни непогоди, епидемии и друго), за што одлучува министерот и го утврдува организирањето на наставата до крајот на учебната година, но не помалку од 100 наставни денови, врз основа на скратени наставни програми, изготвени од Бирото, а донесени од министерот".

Nord-Mazedonien | Schulbeginn in Skopje
Фотографија: P. Stojanovski

Повеќе на темата:

-Корона образовен модел

-Учениците до трето одделение во училиште, останатите oнлајн

-Дали македонските ученици ќе го добијат најдобриот модел?

Инаку, во редовни услови, наставата во учебната година се остварува во 180 наставни денови.

За најмалите ученици, како што изјави министерот за здравство, Венко Филипче, препорака е наставата да почнува со временска дистанца од 10 минути.

„Главната препорака е да има физички присутни деца само од првите три одделенија, со цел да се намали бројот на деца кои би присуствувале во училиштата и да не се излегува од училниците за време на одморите. Учениците од прво, второ и трето одделение да почнуваат во различно време со временска дистанца од 10 минути, за да не се среќаваат на влезот, ни на крајот на часовите. Сакаме да ги избегнеме оние лоши сценарија кои ги видовме во земјите кои ги отворија целосно училиштата“, рече Филипче.

Препораката само оваа категорија ученици физички да присуствува на настава, се темели на анализа која покажала дека децата на таа возраст заболуваат најмалку и во најлесна форма. Процентуално, под 4 проценти се заболени деца до 9 години од Ковид 19. Властите веќе најавија дека во случај родителот да не се согласува со физичко присуство на настава, и ученици од прво до трето одделние алтернативно ќе можат да следат настава онлајн, од дома.

Средношколците на протест

Почеток на наставата со физичко присуство бара и Сојузот на средношколците. Доколку се влоши состојбата со Ковид-19, се согласуваат да продолжат со онлајн настава. На вчерашниот состанок со министерот за здравство и со членовите на Комисијата за заразни болести тие го слушнале ставот на епидемиолозите кои сметале дека според моменталната ситуација најбезбедно е да учат од дома. Од Сојузот на средношколци имаат друг предлог.

„Да има децентрализиран пристап и комбинирана настава, односно градовите да ја следат епидемиолошката состојба. Второ, да има хигиенски услови во училиштата, зошто пред пандемијата ги немавме. Во случај ако 5 проценти од учениците и наставниот кадар се позитивни на Ковид-19, дури тогаш да се премине целосно на онлајн настава, за да не се ризикува јавното здравје“, изјави Бленди Ходаи, претседател на Сојузот на средношколци.

Тие закажаа средношколскиот протест за 31-ви август во 17 и 30 часот, пред зградата на МОН, кој ќе продолжи до зградата на Владата. Претходно, планираат нивните ставови ќе ги соопштат на заеднички состанок со родителите и наставниците.

Како до ефикасна настава преку интернет?

„После протестот, ако не се земат предвид нашите барања ќе продолжиме со следните чекори, меѓу кои е и бојкот на наставата. Ќе бидеме офлајн“, најави Ходаи.

Сепак, и кај родителите на средношколците постојат стравувања. Во прв план посочуваат неколку причини: користењето на еден до два автобуса за учениците да стигнат до училиштето, особено во време кога тие ќе бидат преполни, како и несигурноста дали во училиштата ќе се почитуваат хигиенските услови и препораки за здравствена превентива - маски, дистанца, дезинфекција.... Во предвид ја земаат и средната возраст на наставниот кадар, односно прашањето колку од нив имаат хронични заболувања, па од тој аспект и колку се тие во можност, односно во ризик со физичко присуство на настава. Кај дел од родителите постои впечаток дека наставата со физичко присуство секако претставува поголем ризик отколку учењето од дистанца.