1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Три години од првата „бомба“ на Заев

БГ
9 февруари 2018

На 9 февруари 2015 година лидерот на СДСМ, Зоран Заев, од партиското седиште во присуство на голем број новинари и партиски симпатизери ја објави првата бомба на опозицијата. Правна завршница на скандалите се уште нема.

https://p.dw.com/p/2sPZ7
Mazedonischer Oppositionsführer Zoran Zaev
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Илјадници луѓе биле прислушкувани во Македонија по налог на Никола Груевски и Сашо Мијалков, обвини лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев на прес-конференција во партиското седиште на 9 февруари 2015 година.

Според документите кои од СДСМ тврдеа дека ги поседуваат, во Македонија биле прислушкувани околу 26 илјади луѓе. Единствените двајца во државата кои не биле следени биле тогашниот премиер Никола Груевски и тогашниот прв човек на УБК и негов братучед, Сашо Мијалков.

На првата прес-конференција јавно беа презентирани неколку прислушкувани разговори на Заев од кои еден со новинар, еден со вработен во општината и еден со неговата малолетна ќерка. Освен разговори на лидерот на СДСМ, презентирани беа и разговори кои меѓусебе ги воделе министрите за внатрешни работи и финансии, Гордана Јанкулоска и Зоран Ставрески, а во кои неформално беа споменувани и премиерот Груевски, координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Силвана Бонева, а се разговарало и за вработувања на партиски членови. Меѓу бројните прислушкувани биле и лидерот на ДУИ Али Ахмети, опозиционерите Мендух Тачи и Руфи Османи, како и експремиерот Љубчо Георгиевски.

Повеќе на темата: 

ФАЦ: И шефот на Штази би бил горд на Груевски и Мијалков!

„Бомбата“ да не се тривијализира, туку да се институционализира!

Во следните месеци, Заев ќе продолжи да ги објавува „бомбите“ кои на виделина изнесоа масовно прислушкување, но и бројни злоупотреби на функции и сомнежи за кривични дела.

Комплетната политичка, судска, медиумска и бизнис елита во Македонија била прислушкувана од страна на служби во Управата за безбедност и контраразузнавање.

Тогашниот премиер Груевски, уште на крајот на јануари излезе со обвинување дека Заев и уште три лица подготвувале пуч во државата. МВР им поднесе кривични пријави на четири лица, а првоосомничен беше поранешниот директор на ДБК, Зоран Верушевски. Груевски и владата го обвинуваа Заев дека материјалите ги добил од странски служби.

Објавувањето на „бомбите“ предизвика долга и длабока политичка криза во Македонија која ескалираше со упадот во Собранието на приврзаниците на Груевски на 27 април 2017 година. Во насока на расчистување на скандалот во септември 2015 година беше формирано и Специјалното јавно обвинителство. СЈО досега отвори десетици истраги поврзани со материјалите од прислушкуваните разговори, и поднесе 20 обвиненија против повеќе од 100 лица. Меѓу нив и Груевски, Мијалков, ексминистрите Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и други. Ниту еден случај досега нема правна завршница.