1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Конструктивни разговори меѓу Белград и Приштина

9 март 2011

Србија и Косово во Брисел ги одржаа првите преговори по прогласувањето на косовската независност пред три години. Двете страни изразија големи надежи дека разговорите, кои засега се во техничка фаза, ќе минат успешно.

https://p.dw.com/p/10Vdj
Фотографија: AP/Montage DW

Првата рунда разговори која траела околу 2 часа минала во добра и пријателска атмосфера, изјави дипломат на ЕУ кој присуствувал на разговорите. „Тие беа конструктивни, пријателски и искрени, и немаше бегање од проблемите“, изјави изворот кој инсистираше на анонимност за АФП.

Од двата табора пристигнаа малку поразлични оценки за првата рунда, но генерално ништо надвор од очекувањата. Шефот на српската делегација Борислав Стефановиќ оцени дека состанокот минал нормално, но ја обвини спротивната страна дека се обидувала да наметне „терминолошки и наративни разлики“ и „сопствени толкувања за неодамнешната историја“.

Стефановиќ оцени дека инсистирањето на Приштина оти станува збор за преговори на две суверени држави е наменето за внатрешна, косовска употреба. „Морате да ги разберете. Јасно е што се случува на политичката сцена на Косово. Работите не се едноставни и ние имаме трпение. Таквите изјави служат за внатрешна употреба и за јакнење на нивната позиција, но не влијаат врз нас.

Приштинската делегација на разговорите во Брисел е дојдена без официјални насоки за дијалог, бидејќи косовскиот парламент дури в четврток ќе гласа за резолуцијата. Сепак, од косовската делегација јасно ставаат до знаење дека немаат намера да ја доведат во прашање независноста на Косово. „Ние сме многу расположени и конструктивно му пристапуваме на дијалогот. На дневниот ред се многу практични прашања и доколку бидеме креативни, можеме да ги премостиме разликите и да го унапредиме животот на луѓето, но и европските процеси, како во државата Косово, така и во државата Србија“, изјави шефицата на косовскиот тим Едита Тахири.

Теми на првиот состанок биле проблеми со кои граѓаните од двете земји се соочуваат во секојдневниот живот, како издавањето на лични карти, граничните премини, мобилните мрежи и авиосообраќајот.

Водечките европски и американски политичари го поздравија првиот чекор на Србија и Косово. „Овој ден не беше неизбежен. Претставниците на двете влади заслужуваат признание затоа што им овозможуваат на своите народи посветла иднина“, изјави првиот човек на американскиот Комитет за надворешна политика, Џон Кери.

„Дури и малите чекори го водат регионот напред“, оцени шефот на шведската дипломатија Карл Билд. Преку преговорите и двете земји се обидуваат да го поправат впечатокот пред меѓународната заедница и особено пред претставниците на ЕУ. За Србија, проблемот со Косово е веројатно последната пречка на патот кон добивање статус на кандидат за членство во Унијата. Додека официјална Приштина во нив гледа можност да го поправи разнишаниот имиџ на политичкиот врв во земјата по обвинувањата за трговија со органи за време на војната во 90-те години.

Разговорите продолжуваат денеска.

Автор: БГ/ AT/ афп/ бета/ дв

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема